Европската Унија уште еднаш го потврди своето немање визија на темата – Западен Балкан. На изминатиот ЕУ Самит кој се одржа на 23-24 јуни, Европската Унија не само што покажа неразбирање за македонските позиции, туку ги прифати сите максималистички барања кои официјална Софија ги постави на масата, и ги вгради во преговарачката рамка како предлог на официјален Париз за одблокирање на преговарачкиот процес со Скопје и Тирана.
Дополнително, изјавите на Комесарот за проширување Вархеи директно ги погазуваат основните европски вредности за почитување на различностите и правото на самоопределување.
Имено, тој објави: „ЕУ многу сериозно ги сфаќа сите бугарски грижи и тие сега се дел од преговарачкиот процес. Сега е моментот за одговорни одлуки. Западниот Балкан треба да биде дел од нашата Европска Унија. Заедно ќе бидеме посилни, наведе Вархеји во пресрет на Самитот ЕУ – Западен Балкан во Брисел.“ Ако Европската Унија волку лесно дозволува една земја членка да наметне ирационални барања и тие во целост да бидат прифатени, тогаш се отвора огромен простор да се создаде домино ефект каде и други земји членки ќе имаат исти вакви барања кон други земји кандидати.
Внесување ирационални билатерални спорови во преговарачката рамка не само што го контаминира процесот со радикален националиам, туку претставува и опасен преседан од кој само антизападните сили можат да профитираат, а угледот на ЕУ дополнително да биде урнисан.
Очигледно е дека Унијата бара ад-хок успех, по секоја цена, без да размислува за последиците за тоа како националистичките сили во Бугарија ќе можат да го злоупотребуваат преговарачкиот процес со Македонија и колку всушност замки има во Францускиот прелог.
Внатрешна политичка состојба во Бугарија и комплексноста на францускиот предлог
За да го рабереме подобро проблемот треба малку да погледнеме во дворот на комшиите бидејќи внатрешно политичките состојби во Бугарија се премногу комплицирани.
Имено, анти-ГЕРБ коалицијата која се формираше за време на последните парламентарни избори, а која се растури по излегувањето на Слави Трифонов од владата, претставуваше една хетерогена коалиција каде партиите се разликуваа по клучните безбедносни и надворешно-политички прашања, како што се војната во Украина и бугарското вето за Македонија, па оттаму тешко беше да се очекува дека истата долго ќе трае.
Oгромното мнозинство бугарски граѓани се противат на кревање на ветото доколку не се исполнат барањата кои Бугарија ги има кон нас. Премиерот во оставка Петков, иако на почеток на неговиот мандат помпезно најавуваше нов пристап на релација Софија-Скопје и дистанцирање од историските теми, на крајот беше принуден да се стопи во колективното националистичко хистеризирање во Бугарија и да го јавне бранот на максималистичките бугарски барања, кои впрочем успеа и да ги наметне како дел од преговарачката рамка која беше предложена од Франција.
Францускиот предлог беше официјално одобрен во бугарското собрание со гласовите на партиите ПП на Петков, ГЕРБ на Борисов, ДПС на Карадај и ДБ на Иванов. Бугарското собрание, изгласувајќи го предлогот од Париз, изгласа и дополнителни точки кои треба да се земат предвид, а во кои спаѓа и непризнавањето на Бугарија на македонскиот јазик.
Композицијата на францускиот предлог кој циркулира во јавноста е проблематична и претставува директно рушење на основните темели на ЕУ.
Имено, во предлогот е наведено дека доколку Македонија се согласи со овој Предлог, ќе се случи првата меѓувладина конференција (сликање без суштина), а преговорите ќе почнат дури откако бугарската заедница ќе биде внесена во македонскиот устав. Тоа е апсолутно ирационално бидејќи, во прв план, владата нема двотретинско мнозинство за спроведување на тој процес, што значи дека ние воопшто и нема да ги почнеме преговорите, а ќе се согласиме со преговарачка рамка која е сѐ, само не европска.
Дополнително на тоа, Бугарија ќе има право да реагира на „говор на омраза и дискриминација на бугарската заедница“ во Македонија секогаш кога тие ќе посакаат. Оттука се отвора дилемата, со оглед на фактот дека речиси сите политички партии во Бугарија ја користат темата „Македонија“ во политички цели, какви гаранции има Македонија дека тие нема да хистеризираат за било каков ситен детал кој според нивната перцепција е говор на омраза и дискриминација и дека нема да стават уште едно, две, десет вета?
Одговорот е јасен – Никаква гаранција. Со прифаќање на вака-напишаниот француски предлог ние своеволно би ја препуштиле нашата судбина во рацете на антизападните сили во Софија кои ќе имаат можност да ни прават булинг, кога сакаат и како сакаат.
Штом овој предлог е прифатлив и за бугарскиот претседател Радев кој во една прилика рече дека нема да дозволи македонизмот да стане дел од ЕУ, тоа е доказ дека предлогот е на штета на македонските интереси.
Францускиот предлог во суштина претставува и еден вид на тројански коњ во самиот преговарачки процес од кој директно ќе профитираат антизападните сили, и кој наместо да реши еден проблем, ќе отвори уште десетици нови, преку дополнителни барања, притисоци, уцени и вета.
На вака компонирана политичка ситуација во Бугарија каде секогаш има барем еден радикален партнер во власта кој сака да се изживува врз Македонија, ние секогаш ќе бидеме блокирани. Треба да се има и предвид можноста претседателот Радев да назначи службен кабинет кој ќе треба да ја подготви државата за избори а за технички премиер да биде назначен, нему блискиот, поранешниот министер за одбрана Стефан Јанев кој неодамна оформи и партија.
Јанев е про-руски настроен, директно дефинирајќи ја руската инвазија на Украина како „специјална воена операција“ по што беше и сменет од функцијата од страна на Петков. Со тоа дополнително би се усложниле односите на релација Скопје-Софија, а билатералниот спор веќе би претставувал и бебедносен проблем за НАТО.
Каква алтернатива има Македонија – Отворен Балкан и стратешко партнерство со САД?!
Фактот што повеќе еминентни лица од европската политика како Макрон и Мишел промовираат „Европска геополитичка заедница“ во која би членувале и оние држави кои не се членки на ЕУ, е доволен показател дека ЕУ воопшто не помислува на проширување и дека Македонија е осудена да остане уште долги години во чекалната, притоа морајќи да го одржува европскиот курс на земјата што ќе биде исклучително тешко.
Политичкиот терен на популистите е широко отворен бидејќи не може да се очекува граѓаните да поддржуваат про-ЕУ политики во ситуација кога се разочарани од истата.
Стратешкиот дијалог кој го организираа САД и Македонија во Вашингтон на 02.06.2022, каде учествуваа високи претставници од македонската влада и од тимот на американскиот претседател Бајден, е своевиден сигнал и преземен чекор од страна на САД по однос на Македонија и нејзината важност за американската политика.
Имено, кога ЕУ не може да и го испорача на Македонија она што одамна го има заслужено, а тоа е датум на преговори, САД се обидува да го пополни тој празен простор кој може да биде доста ранлив и неотпорен на трети страни кои сакаат да остварат политичко влијание, а тука пред сѐ се мисли на Русија и Кина. Македонија и САД во 2008 потпишаа Декларација за стратешко партнерство како резултат на ветото за влез во НАТО алијансата кое тогаш ни го стави Грција.
Сега повторно, кога на Македонија ѝ е најтешко на надворешно-политички план, САД се обидува да помогне и да не дозволи дестабилизација на земјава. Стратешкиот дијалог помеѓу Македонија и САД не претставува само геополитичка алатка на Вашингтон како што многумина го толуваат, туку станува збор за една широка лепеза на теми каде САД директно може да и помогне на Македонија, како што е владеење на правото, безбедноста, дигитализацијата, економијата, инвестициите.
По завршување на Дијалогот кој се одвиваше месецов, Вашингтон се обврза да и помогне на македонската одбрана со 40 милиони долари финансиски средства кои ќе помогнат за зајакнување и развој на нашата армија. Стратешкиот дијалог не може да ја замени амбицијата за полноправно членство во ЕУ, но претставува одлична можност за продлабочување на и онака одличната соработка на релација Скопје – Вашингтон.
Што се однесува до темата за „Отворен Балкан“, може да се каже дека станува збор за иновативна идеја која претставува силен сигнал дека државите од регионот се зрели сами да отпочнат дијалог и соработка во повеќе сфери. Слободниот проток на стоки, услуги и луѓе помеѓу Македонија, Србија и Албанија како основачи на овој проект, директно ќе го олесни животот на граѓаните кои транзитираат, работат или имаат бизнис во овие земји.
На конференцијата за Отворен Балкан која се одржа во Охрид месецов, присуствуваа и највисоките претставници од Црна Гора и Босна и Херцеговина со што се прати сигнал дека постојат големи шанси тие земји во догледна иднина да се приклучат кон иницијативата. Со тоа само Косово би останал надвор од иницијативата. Иницијативата е поддржана и од САД, но само доколку остане чисто економска, како што е и предвидено. Секако, најдобро е во ваков вид иницијативи да членуваат сите држави од регионот на западниот Балкан.
Отворен Балкан како и Стратешкиот дијалог со САД, не е алтернатива на полноправното членство во ЕУ, но претставува одлична можност за регионално вмрежување, соработка, зголемен број на инвестиции.
Да сублимираме, нашите стратешки цели од независноста па до денес се полноправно членство во НАТО и ЕУ и било каква алтернатива би била скршнување од трасираниот пат. Едната е исполнета, а за другата имаме голем проблем. Вакви предлози како францускиот, не само што се против македонските интереси, туку се и против европските интереси, бидејќи прогрес може да има само со чиста преговарачка рамка без нејзино контаминирање со национал-шовинизам.
Она што не треба да го правиме е да очајуваме. Тоа не би не довело никаде, туку напротив, треба да се засукаат ракавите, треба да се прават реформи, да се привлекуваат странски инвестиции, да се бориме против корупцијата, да се зајакнат институциите, а тоа е можно само преку дијалог помеѓу клучните чинители од политиката, граѓанскиот сектор и експертите.
Никој не може да не дестабилизира ако самите не си го направиме тоа.
Македонија треба да покаже смиреност и мудрост и да донесе национална стратегија за следните 20 години која ќе биде поддржана од сите актери. Треба да искаже јасен и про-европски став, а тоа е заштита на различностите, почитување на правото на самоопределување и на тоа на каков јазик зборуваме – македонски јазик. Без почит на основните човекови права, не можеме да влеземе во било каков процес.
Нашата судбина треба да биде само во нашите раце, а тоа ќе зависи од нас самите, од тоа дали ќе покажеме цврст и одлучен став или ќе потклекнеме под антиевропски уцени.
*Христијан Илиевски е Млад Амбасадор на ГЛОБСЕК (GLOBSEC) за Западен Балкан.
**Блогот е објавен во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk. Оригиналната објава можете да ја прочитате ОВДЕ.