Измина еден месец откако светот се обедини на Самитот за климатски амбиции на 12 декември минатата година, каде домаќини беа Велика Британија, ООН и Франција заедно со нашите партнери Италија и Чиле. Беше тешка година, со оглед на тоа што земјите низ целиот свет се бореа со последиците од КОВИД-19.
Но, пандемијата не ја запре климатската криза. Просечните температури се зголемуваат на глобално ниво. Последиците од климатските промени сè повеќе се видливи во сите земји. И ќе стане многу полошо доколку не се преземат посериозни чекори.
Каде сме сега?
На Самитот за климатски амбиции, 75 светски лидери објавија нови заложби за климатско дејствување, покажувајќи како ќе ги засилат напорите за намалување на емисиите на стакленички гасови со поставување повисоки цели за ублажување на климатските последици и зголемување на климатската отпорност и приспособување. Самитот јасно покажа дека климатските промени се на врвот на глобалната агенда и покрај нашите заеднички предизвици со КОВИД-19. Оваа година, земјите што сочинуваат околу 65% од глобалните емисии на СО2 и 70% од светската економија, ќе се обврзат да достигнат нулта-нето емисии или јаглеродна неутралност.
Пет години по Договорот од Париз, транзицијата кон економија со нулта јаглеродни емисии се забрзува. Економијата со ниски емисии на јаглерод има потенцијал да создаде до 35 милиони нови работни места до 2030 година. Ова беше очигледно на Самитот, каде имаше повеќе од 20 земји кои претставија планови за забрзување на преминот кон чиста енергија. И глобалните бизниси го искористија Самитот како прилика да објават дека ги засилуваат заложбите за достигнување нулта-нето емисии и јаглеродна неутралност.
Северна Македонија, исто така, мора да се придвижи кон енергетска независност, користејќи обновливи извори на енергија кои нема да му наштетат на кревкиот екосистем во оваа прекрасна земја.
Во Северна Македонија, гордо го поддржавме развојот на Националната стратегија за енергетика и ја охрабривме владата да го следи зеленото сценарио, што ќе донесе позелена и поодржлива иднина. Врз основа на зеленото сценарио, планот за имплементација на стратегијата е во фаза на подготовка и обезбедува патокази за радикален преод од конвенционалната енергија со постепено исфрлање на лигнитот и употреба на алтернативи како што се сончевата, ветерната и хидро енергијата. Сега е моментот да се преземе акција.
Како претседателство на Конференцијата за климатски промени (COP 26), Обединетото Кралство води со тоа што дава свој пример, посветувајќи внимание на сите три столба на Парискиот договор. Националниот утврден придонес (NDC) на Велика Британија ќе се посвети на намалување на емисиите со најбрза стапка од која било поголема економија. Покрај тоа, ја доставивме и нашата Комуникација за адаптација и утврдивме планови за двојно зголемување на Меѓународното климатско финансирање (ICF) на 11,6 милијарди фунти во следните пет години.
Нашиот премиер исто така најави дека Обединетото Кралство ќе стави крај на директната поддршка за енергетскиот сектор со фосилни горива во странство. Приближувајќи се кон COP26 во Глазгов, нашето Претседателство ќе изгради консензус и ќе постигне договор околу четири клучни цели. Ќе овозможиме постепени промени насочени кон намалување на емисиите, повикувајќи ги сите земји да ги засилат напорите во оваа насока, со национално утврдени придонеси што нè водат кон 1,5 степен, трасирајќи го патот до нулта-нето емисии што ќе биде праведен за сите. Лидерската амбиција е клучна за успешна COP26.
Остваривме почетни комуникации во оваа насока и со македонската влада и ја повикавме Северна Македонија да достави смели национално утврдени придонеси (NDC) и трансформативни долгорочни стратегии на нето-нулта емисии, и да објави нови обврски за адаптација и финансирање, за да обезбедиме амбициозна климатска акција.
Зајакнување на климатските активности
Обединетото Кралство ќе се осврне и на клучните прашања за адаптација и загуба и штета. Со цел заштита на животите, егзистенцијата и екосистемите – адаптацијата и отпорноста мора да бидат во центарот на вниманието на COP26. Еколошки вредните области и живеалишта во Северна Македонија мора да бидат под надзор и заштита, со проширување на националната мрежа на заштитени подрачја и исполнување на барањата на граѓаните. Мора да сфатиме дека загадувањето на воздухот, почвата и водата се приоритетни прашања и дека климатските промени мора да станат национален приоритет.
Исто така, ќе преземеме чекори за да се осигуриме дека ќе има тек на финансирање на климатските активности. Мора да покажеме резултати за оние кои се во првите борбени линии на климатските промени и да соработуваме со приватниот сектор за да ја ослободиме моќта на пазарите на капитал за зелено и трајно закрепнување.
На крај, ќе работиме да создадеме нова ера на меѓународна соработка што итно ја забрзува климатската акција, зближувајќи ги луѓето околу пет клучни предизвици; адаптација и отпорност, чиста енергија, чист транспорт, финансии и решенија засновани на природата.
Успехот во Глазгов ќе зависи од сите нас. Сите ние сме одговорни да ја надградиме амбицијата што ја видовме и да работиме заедно за да создадеме посветла иднина.
*Рејчел Галовеј е амбасадорка на Обединетото Кралство во Република Северна Македонија.
**Блогот е објавен во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk. Оригиналната објава можете да ја прочитате ОВДЕ.