Самостојните уметници не се доволно мотивирани да создаваат. Немаат олеснувања при издавање, печатење, набавка на материјали. Всушност, тие немаат никакви предности, туку напротив се ограничени.
Самостојните уметници се интересна општествена категорија, не се знае дали се уметници или бизнисмени, ни ваму ни таму, ни на небо ни на земја. Тие се уметници на кои државата им ги плаќа придонесите за да творат, но од друга страна бара од нив да бидат трговци-поединци и им наметнуваат бирократски процедури и дополнителни давачки кои не им се покриени.
Но, суштинскиот проблем е во тоа што тие се ограничени во својата дејност и на ниту еден начин не се мотивирани да творат. За разлика од домашните, странските уметници се многу повеќе вреднувани.
Колку (и како) се вреднувани (самостојните) уметници во светот?
Како базична препорака за секој кој е заинтересиран за унапредување на статусот на (самостојните) уметници е „Рад у уметности“, зборник на Друштвото на ликовни уметници на Србија. Се работи за многу информативна и исцрпна анализа на состојбите, практиките, историјатот и перспективите на односот на европските држави кон уметниците.
Треба да учиме од поразвиените општества. Интересна е сведожбата на Ранко Дакиќ, уметник од Македонија кој заминал во Германија и станал член во Здружението на професионални уметници на Берлин (BBK). Потоа бил примен во Сенатот за култура со неговото портфолио каде му било порачано дека неговиот престој е збогатување за културата на градот Берлин. Тој се уште живее и твори во Германија, со платени придонеси и ателје.
Во Скандинавските земји постојат работни грантови и стипендии (особено за млади и постари уметници), бесповратни средства, откупувања на уметноста од државата, загарантиран приход или доживотни грантови за значајните уметници, пензии за уметниците… а во Данска 1% од цената на секој објект што се гради се инвестира во уметноста која ќе биде имплементирана во таа зграда.
Што можеме да научиме од ова? Или од скорешните вести дека Германија ги зголемува трошоците за култура за 7%, нагласувајќи ја врската меѓу уметностите и демократијата? Треба да научиме да ги негуваме уметниците, наместо да ги бркаме од дома, за што, меѓу другото зборува и неодамнешната сведожба на режисерот Милчо Манчевски.
Quo Vadis (самостоен) уметнику?
Видни домашни уметници, како фронтменот на култната група Суперхикс, Пеце Младеновски, смета дека уметниците не се вреднувани и дека улогата на уметноста во нашето општество не се разбира сериозно. Тоа мислење донекаде го делат и плодните домашни уметници како Живко Гроздановски и Ѓорѓе Јовановиќ. Јане Чаловски, претседател на ЈАДРО и визуелен уметник, истакнува дека проблемот е во тоа што државата смета дека уметноста не е економски, политички и општествено релевантна и дека нема вистинска моќ во општеството. Таквиот став на државата не е само грешен, туку и погубен за целото општество.
Самостојните уметници во Македонија имаат платени придонеси од државата, но што значи тоа? Тоа значи дека државата им префрлува пари за здравствено, пензиско осигурување и персонален данок, кои тие потоа ги враќаат на државата. Тие немаат никаков дополнителен приход, но треба да се благодарни бидејќи имаат платени придонеси! Сепак, дали е така?
Во домашните медиуми самостојните уметници воопшто не се застапени, освен на почетокот на пандемијата кога се зборуваше повеќе за нивната состојба. За разлика од Македонија, оваа тема периодично се отвора и дискутира во просторите на поранешна Југославија, како и пошироко. Во странство постојат и здруженија кои се обидуваат да им го „олеснат животот“ на уметниците. Кај нас тоа го прави само Јадро, додека Министерството за култура и другите државни институции ги игнорираат.
Конкретно работите стојат вака. Самостојните уметници добиваат средства од државата, но тие се: 1) лошо пресметани и не соодветствуваат со УЈП, разликата ја плаќа самостојниот уметник, 2) приходите се нецелосни и не ги подмируваат сите трошоци, 3) приходите стигнуваат во јуни, а до тогаш самостојниот уметник мора да ги подмирува од свој џеб, 4) не ги мотивираат уметниците да творат со никакви олеснувања, туку напротив ги демотивираат.
Што значи тоа?
Во средствата кои самостојните уметници ги добиваат не се пресметани:
Разликите помеѓу пресметката за просечна плата која ја прави Министерството за култура и УЈП, а таа разлика изнесува вкупно 408 денари месечно, или 4896 ден. годишно. Оваа разлика самостојниот уметник мора да ја плати од сопствениот џеб.
Постои и ставка наречена „додатно“ од 218 денари, како и месечна провизија на банката од 300 денари, што се веќе 518 денари месечно или 6216 ден. годишно.
Не се пресметани ни трошоците кои самостојните уметници ги имаат за сметководствени услуги, кои се минимум 2.400 ден. плус 3.000 ден. за годишна сметка, што се 5.600 ден годишно.
Самостојните уметници плаќаат и фирмарина, а тоа е 1335 ден/годишно.
Банката наплатува помеѓу 80 и 120 ден. за изводи секој месец, плус 50 ден. месечно провизии за секое Фолио, што е вкупно 170 ден. месечно или 2.040 ден. годишно.
Што од сето ова? Прво, самостојниот уметник нема никаков дополнителен „ќар“ од неговиот статус, не добива никаков хонорар, парите едноставно ги добива и враќа на државата. Второ, загубата, т.е. дополнителниот трошок кој треба да го надомести е 20.000 денари, или 325 евра годишно!
Што може да се направи за да се подобри оваа состојба?
Министерството за култура, еднаш за секогаш, мора да ги усогласи давачките со УЈП. Разликата која ја плаќа самостојниот уметник од џеб не е мала и таа е речиси 5.000 ден. годишно!
Министерство мора да го земе во предвид фактот дека со условувањето на самостојните уметници да отворат фирма, т.е. Т.П., им ги наметнуваат бизнис трошоците – а уметникот не е бизнисмен! Министерството за култура мора да ги земе во предвид трошоците за сметководители, за водење на сметката и фирмата, провизиите на банката, а тие се вкупно 14.500 денари!
Самостојните уметници секако треба да се благодарни бидејќи придонесите им се платени, но од друга страна не се мотивирани да создаваат на ниту еден друг начин. Немаат олеснувања при издавање, печатење, набавка на материјали, всушност немаат никакви предности, туку напротив се ограничени.
Министерството за култура мора да изнајде начин самостојните уметници да имаат поразличен статус од „трговец поединец“. Каква е таа категорија, со што тргуваат тие конкретно и зошто дејноста им е ограничена? Уметниците се талентирани луѓе кои имаат повеќе склоности. Зошто деклариран самостоен уметник писател не може да продава илустрации, да дизајнира и издава книги или да прима приходи преку својот правен статус? Зошто, ако е веќе фирма, нема мешовита дејност?
Освен платените придонеси и наметнатите трошоци на истите од 325 евра годишно, самостојниот уметник нема никаков хонорар и нема стимул да создава. Единствен услов да стане самостоен уметник е да има каква-таква продукција во изминатите 5 години. Никој не го прашува писателот дали сам ги покрил печатарските трошоци, или сликарот сликарските материјали, филмаџијата давал хонорари од свој џеб, итн.
Всушност, целата ситуација повеќе ги демотивира самостојните уметници, отколку што ги мотивира да го задржат овој статус, особено заради дополнителните трошоци. Од истражувањето спроведено во рамките на БИРН е заклучено дека самостојните уметници имаат незавидна позиција. Секако треба да се пофали тоа што самостојните уметници добија помош од државата за време на пандемијата во пакет со другите бизниси, но тоа е повеќе исклучок, отколку правило.
Уметноста го збогатува општеството
Во светот уметниците се високо вреднувани. Во Македонија не смееме да ги заборавиме уметниците, треба да ги негуваме и чуваме. Еден од начините е поголемо стимулирање на самостојните (и другите) уметници од државата, помалку трошоци и давачки од сопствениот џеб, порелаксирани бирократии, како и зголемување на буџетот за култура и подобрување на односот кон НКС.
Бизнисот, производството, работниците и услужните професии ја одржуваат државата, и без нив сите би биле во небрано, но каква улога имаат уметниците? Тие се создавачи на идеи, креатори на она што ги носи иновациите и напредокот во едно општество, сонувачи и градители на фантастични светови кои имаат сила да ги вивнат во височините идните генерации.
Уметниците ја збогатуваат не само културата туку и општеството во целост, а богатството на еден народ не се мери само во длабочината на неговиот џеб и материјални нешта, туку и со длабочината на неговиот дух.
*Бранко Прља е член на ДПМ (Друштво на писатели на Македонија) и на ЗНМ (Здружение на новинарите на Македонија). Дипломирал на Факултетот за арт и дизајн при Европскиот универзитет. Како писател има објавено повеќе од 15 дела, а пишува и под псевдонимот Берт Стајн. Основач е на порталот arno.mk, како и на групите „Дај, не фрлај“ и „Не фрлај, не загадувај“ преку кои работи на ширењето на свеста за рециклирањето, реупотребата и намалената употреба со цел зачувување на околината.
**Блогот е објавен во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk. Оригиналната објава можете да ја прочитате ОВДЕ.