Не верувам дека ќе треба овде да зборувам. Мислев дека ќе дојдат на факултетите, на универзитетите за таму низ дијалог да разговараме за реформата на високото образование… Не верував дека ќе треба овде да стојам зашто очекував да не поканат на Комисијата за образование, спорт и наука. Не не поканија. Не ми преостанува ништо друго освен овде да потсетам дека студентите ги учат дека политиката е дијалог. Дијалог не може да има ако ние сме овде, а тие се таму. Веројатно го читале Робинзон Крусо и знаат дека ние сме нивниот Петко и тие се нашиот Петко.
Јас верував како Хана Арент дека политиката значи усогласување на ставови, ама ставови не се усогласуваат овде, ниту таму. Што да кажам? Ако за овие седум години, Законот за високо образование е менуван под наводници, петнаесетина пати, јасно е дека нема концепт. За да изградите концепт, ви треба дијагноза. Дијагнозата не ја видов. Дури и во предлог законот недостасува еден важен елемент, преглед на европската регулатива и на компаративните примери. Не ме задоволуваат мене изјави од типот вака е во Чешка, во Словачка или не знам каде… Ни требаат аргументирани примери.
Морав да застанам овде, зашто во законот има решенија кои се непознати не само во компаративното право посветено на високото образование туку и воопшто во историјата. Одговорно тврдам дека за првпат во некој закон има затворска казна. Тоа го немало ни кога настанувале универзитетите. Не можам, а да не споменам, дека во судот во Стразбур, веќе има неколку постапки за нарушување на приватноста, а во овој закон полагањето на државниот испит е јавно. Не може да правиме „риалити шоу“ од испитот. Не може да ги сликаат студентите додека полагаат. Не! Дозвола е потребна за тоа.
Кога го споменав концептот, овој закон, на патот од еден до друг форум, дојде до измена. Ние се изјаснувавме за еден концепт, а потоа осамнаа нови решенија. Јас верувам дека Тихон е во право кога вели дека умот е побрз од светлината и ние реагиравме борејќи се со светлината и дадовме свое мислење. Го прочитаа ли? Не верувам. Донесов со мене, ќе речете дека е суетно, три книги. Еве зошто. Таа опсесија само со импакт -факторот, без да се знае разликата на импакт – факторот и неговото значење за општествените и природните науки, не можам да ја разберам.
Одговорно тврдам дека во општествените науки, повисоко од трудовите со импакт фактор се книгите објавени од реномираните издавачки куќи. Па, ние нели преведуваме книги од илјадници автори, иако со погрешни преводи. Кате (н.з. Катерина Колозова) го спомена Бјанкини и еве јас за да се заштитам донесов една книга која се однесува на Македонија, иако сите ние кои твориме во општествените науки знаеме каков може да биде импакт-факторот на труд во кој се зборува за регионот и за Македонија. Ама со еден Бјанкини, сме објавиле заедничка книга, е сега издавач на книгата во која сум ко-автор, а и некој од овде, еве ја Билјана пред мене, е Palgrave Macmillan. Претпоставувам дека чуле за Palgrave Macmillan и дека не е ниту од Врање, ниту од Ниш.
Зедов уште една книга, годинава ја промовираше претседателот на Светскиот конгрес за уставно право во Осло. Значи, клучниот развој во уставното право и конституционализмот. И тоа не влегува во трудовите кои се важни за импакт факторот. Донесов и трета од Раџерс од Њујорк. Не, мислам дека е ирелевантно дали сме овде малкумина или многу зашто за мене универзитетот е арена на индивидуалци, прекрасно споменавте. Можеби да не беше овој настан, немаше да ги видам моите студенти овде. Значи и Илир е овде пред мене и Теута е овде и Иван е овде.
Не можам јас да ги учам студентите, да ги лажам на дијалог и на слободно изразување на мисла, а да се кријам небаре го читам Стајнбек – „Глувци и луѓе“ од нив овде. Затоа решив, мислам дека оваа школа треба да е школа на демократија и тоа најпрестижна. Кога не сакаа да не чујат на Комисија деветтемина, се надевам дека некој ќе се сети дека е лошо да се посега по Уставни реформи. Лошо е да се посега по реформи во високото образование без сооедветни инструменти затоа што тој тест „А.Б.В.Г.Д“, тоа, т.н. „multiple choice“, не може да трага по знаење.
Нема во одговорите во науката да/не, има зошто. Знаете ли дека во законот што ќе се менува остана фамозната одредба дека и пет години по дипломирањето можете да си побарате да преполагате три испити. Знаете ли дека тоа всушност е повик за фалсификување на диплома. Кому му треба? И морам да потсетам мнозина пратеници дека од 2011 наваму, особено, ама и претходно, бараа, поднесуваа, пријави за магистратури, за докторати. Мнозина од нив дури и во Владата и сега тоа… Ако не вреди нашиот универзитет, ако не вредат нашите универзитети, зошто тогаш ги чуваат дипломите? Јас сум уверена дека тие вредат и последната реченица…
Болат споредбите со Словенија, болат споредбите со другите земји, јас сум словенечки доктор со Magna cum laude, тоа е ирелевантно, меѓутоа ирелевантно е да споменувате територија и население. Кажете колку се издвојува од буџетот за наука и за образование? Значи јас сум убедена дека ако ниту едно од овие барања, не го прифатат пратениците, еве предлагам Соломонско решение. … бујрум како за уставните амандмани пред Венецијанската комисија, па нека каже дали овој закон е добар или лош.
Говор на Гордана Силјановска на професорско-студентскиот пленум пред Собрание by Radio Mof Music on Mixcloud
*Професорката Гордана Силјановска-Давкова го одржа својот говор пред Собранието на денешниот пленум наречен „Нема да помине“ организиран од Професорскиот и Студентскиот пленум.