Во услови на партиска деполаризација на граѓаните, политичките елити во Македонија треба да пристапат кон помирување и ненасилно решавање на сите меѓусебни конфликти, за земјата да не се врати на патот на поделба.
Како да се надмине поларизацијата на партиска база која со години го кочи прогресот на македонското општество? Неодамна, премиерот Зоран Заев со понудата за општа амнестија се обиде да ја смири токсичната атмосфера која тлее меѓу партиските приврзаници на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Но, помирувањето нема да се случи со декрет. Пред повеќе од година ипол, во рамките на моите докторски студии, работев на истражување на јавното мислење во Македонија, во кое главната хипотеза беше дека вестите кои го претставуваат мигрантскиот бран како хуманитарна криза (бегалци на кои им е потребна помош) предизвикуваат поголема недоверба кон медиумите кај десноориентираните гласачи, кои имаат предиспозиција да ги гледаат мигрантите како закана за општеството. Податоците ја потврдија хипотезата, но истражувањето отвори можност за нова хипотеза поврзана токму со поларизацијата.
Анкетата на терен ја спроведуваше агенцијата М-Проспект од Скопје, од 20 април до 5 мај 2017. За политички упатениот читател асоцијацијата е очигледна: точно на средината на овој интервал е датумот кој го дефинираше најновиот период во историјата на домашната политика – крвавиот четврток на 27 април во Собранието на РМ. Притоа, за целите на студијата беше испитувана идеолошката ориентација, но и партиската припадност на граѓаните. Прашалникот од граѓаните бараше одговори за нивните симпатии за лидерите на политичките ривали СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, но и мислење за нивните симпатизери. Ова се индикатори за она што во политичките науки се нарекува афективна поларизација: создавањето на спротивставени идентитети на граѓаните врз база на емотивната приврзаност за „нашиот“ политички табор и одбивноста кон „нивните“. Најсликовит пример за овој феномен доаѓа од политикологот Шанто Ијенгар: кога партиски ориентиран родител не прифаќа за снаа или зет личност која се идентификува со противничката партија.
Крвавиот четврток не ја зголеми поларизацијата – напротив
Хипотезата за новиот труд гласеше вака: оние испитаници кои одговориле на анкетата по случувањата на 27-ми април би требало да имаат поголема афективна поларизација од оние кои одговориле пред денот на инцидентот, без разлика на партиската припадност. Попрецизно кажано, гласачите на ВМРО-ДПМНЕ би имале тенденција за поголема поддршка кон лидерот и симпатизерите на партијата, а поголем анимозитет кон лидерот и симпатизерите на СДСМ, додека кај социјалдемократите би требало да биде обратно. Постојат две причини за таквите очекувања. Прво, според досегашните истражувања, оние кои се сведоци на политичко насилство преку медиумите стануваат идеолошки поекстремни. Второ, теоријата на партиски мотивирано резонирање го објаснува психолошкиот процес кога партиски определена личност се соочува со нови информации: без разлика дали тие одат во прилог или не на нејзините изградени ставови, на крајот личноста ги зацврстува веќе изградените ставови.
Индикации за ваков развој на настаните гледаме на социјалните мрежи; природно, поддржувачите на СДСМ имаат емпатија за нивните линчувани претставници, како жртви на силеџиството на противникот, додека многумина од вмровците инцидентот го толкуваат како одбрана на уставниот поредок и казна за предавството на Зоран Заев. Меѓутоа, на големо изненадување, резултатите од природниот експеримент не ја потврдија хипотезата. Најпрвин, според анализите 27 април не прави никаква разлика кај симпатизерите на СДСМ во однос на поларизацијата – и поддршката за своите, а анимозитетот кон другите останува ист како во периодот кој му претходеше на инцидентот. Можна интерпретација на ваквото отсуство на промена на ставот по инцидентот е фактот што на симпатизерите на СДСМ, вмровците и нивниот (сега веќе поранешен) лидер Никола Груевски им се толку одмилени од периодот додека беа на власт, што дури ни нивната бруталност во Собранието не може дополнително да им го влоши мислењето за нив.
Но дури поинтересна е ситуацијата кај партиски определените за ВМРО-ДПМНЕ. Наместо дополнителна поларизација, овие симпатизери покажуваат знаци токму на спротивното – деполаризација. Со други зборови, перцепцијата за Груевски и партиските приврзаници кај овие граѓани станала понегативна како резултат на насилството, додека тоа за Заев и приврзаниците на СДСМ станала попозитивна.
Деполаризацијата на тивкото мнозинство десничари е огромен чекор напред
И покрај можноста за евентуални методолошки аномалии (од типот на т.н. “општествена пожелност”, односно прикривање на вистинското мислење поради притисокот да не се изгледа како поддржувач на насилство), исходот од последните локални избори ги потврдува резултатите на истражувањето. Иако од аспект на теоретски придобивки, овие резултати не откриваат “топла вода”, во домашниот политички контекст имаат огромни импликации, затоа што значат надеж дека хиперполаризираното македонско општество сепак има шанси да се „излекува“.
Политичката хиперполаризација е егзистенцијално прашање за Македонија. Таа е тесно поврзана со недостатокот на политичка култура и демократски капацитет. Ја охрабрува некооперативноста и неконструктивноста на политичките елити, преку легитимизација на институционални блокади. Од неа произлегува селективната информираност на граѓаните, поради следењето на исклучиво “пријателски настроени” партиски медиуми. Од неа профитираат национализмот, популизмот и цинизмот, потхранувани од недовербата кон општествените актери поради тоа што партискиот симбол им е со сина или црвена позадина. Ова е и најтрагичната последица од поларизацијата – фрагментација на националното ткиво, отуѓување и омраза меѓу луѓе кои во реалноста делат иста колективна судбина.
Несомнено, постои иронија во фактот што „најужасниот“ изблик на меѓупартиска пресметка може да биде катализаторот на деполаризацијата која ни е толку потребна. Меѓутоа, ако ги сфатиме настаните од 27 април како катарза на акумулирањето на негативна енергија во домашната политика, тогаш нормално е по кулминацијата да следува смирување на состојбата. Притоа, причина за оптимизам е рефлективноста и самокритичноста кај мнозинството симпатизери на ВМРО-ДПМНЕ. Иако социјалните мрежи го амплифицираат гласот на екстремистите, со тој глас не говорат оние десничари кои се свесни дека во демократија нема место за насилство. За жал, ним им беше потребен крвавиот четврток за да се потсетат на основната суштина на поимот “демократска политика”: ненасилно решавање на општествените конфликти.
Макијавелизмот на политичките елити – најголема закана за помирувањето
Соочувањето со сопствената вина од 40-тите години на минатиот век е темелот на модерната германска држава. Идејата за отворање ново поглавје и кај нас е храбра и благородна, но би била невозможна без финалното парче од мозаикот – простувањето. За ова е потребно другата страна да собере сила да ги разбере чувствата на првата страна, без притоа да го генерализира злоделото врз оние кои не го сториле. Добро е што кај социјалдемократските гласачи нема зголемување на поларизацијата, но е во нивен интерес и во интерес на државата да придонесат во процесот на помирување. Со оглед на тоа што припаѓаат на ист народ, за неверување е дека обичните граѓани би ја одбиле меѓусебно подадената рака.
Но, останува последниот проблем: политичките елити, кои впрочем ја создадоа хиперполаризацијата. Ако естаблишментот на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ калкулантски и неискрено го менаџира процесот, и ако го направи дел од дворските игри и криминалните интриги, сета добра волја од народот ќе биде потрошена. А со макијавелистичкиот модус во кој е спакувана “амнестијата” од СДСМ, како и со одбивањето на врвот на ВМРО-ДПМНЕ експлицитно да ја прифати одговорноста за настаните од 27-ми април, се чини дека го прави токму тоа, ризикувајќи да ја врати земјата на патот на поделба, која овој пат би можела да биде конечна и фатална.
Иво Босилков
**Блогот е објавен во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk. Оригиналната објава на македонски, албански и англиски јазик можете да ја прочитате ОВДЕ.