Израел продолжува со нападите во Либан, Газа и Јемен, официјална Москва обзнани измена на доктрината за употреба на нуклеарен арсенал, Тајван е опколен со кинески борбени авиони, а Северна Кореја разнесе патишта и линии кои ја поврзуваат со Јужна Кореја.
Израел неодамна објави дека го ликвидираше Хасан Насрала, долгогодишниот лидер на Хезболах, во моќна серија воздушни напади што го потресоа Бејрут. Соопштението дојде по 12-дневните тешки и смртоносни борби меѓу Израел и Хезболах – вклучувајќи го и убиството на неколку други високи функционери на Хезболах и повеќе од 1.000 луѓе во Либан, по серија речиси синхронизирани експлозии проследени со илјадници израелски воздушни напади во текот на неколку дена.
Наим Касем, еден од основачите и идеолошките архитекти на Хезболах, ќе ја води организацијата додека не се избере нов постојан лидер. Ветеранот на групата, Касeм беше заменик генерален секретар на Хезболах од 1991 година и се смета за клучна фигура во политичките и воените активности на партијата.
Одговорот на Иран дека смртта на Насрала нема да помине неодмаздена, стигна експресно. Ракетите користени во неодамнешниот напад на Иран врз Израел сочинуваат една шестина од вкупниот број балистички ракети на Техеран, според извештаите на меѓународните медиуми.
Ајатолахот Али Хамнеи објави петдневна жалост во Иран како одговор на, како што го нарече „мачеништвото на големиот Насралах“, опишувајќи го како „пат и школа на мислата“ што ќе продолжи. Заедно со Насрала загина и генералот на паравоената ревоуционерна гарда на Иран Абас Нилфорушан, најновата жртва што ја претрпе Иран, а војната меѓу Израел-Хамас во Појасот Газа, која трае речиси една година, се заканува да стане регионален конфликт.
Неговата смрт дополнително го зголеми притисокот врз Иран да одговори, иако Техеран сигнализираше во последниве месеци дека сака да преговара со Западот за санкциите што ја уништуваат неговата економија, а беа подигнати поради основано сомнение за воена помош дадена на Русија во војната со Украина.
Наследството на 7 октомври 2023 година
Постојаниот проток на руско оружје во Техеран би можел да ја промени рамнотежата на силите во регионот, потенцијално да предизвика одговор од САД и Израел. Со тврдокорните лидери и во Москва и во Техеран, и со голема веројатност за продолжување на конфронтацијата со Западот, двете земји гледаат потреба од интензивирани билатерални врски.
Во жестокиот говор на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк, Нетанјаху рече дека Израел „победува“ на повеќе фронтови и дека ќе го нападне Иран и неговите полномошници каде било на Блискиот Исток. Многумина од делегатите ја напуштија салата во знак на протест на почетокот на неговото обраќање – во кое тој ги нарекува ООН „мочуриште од антисемитска жолчка“.
Израел го продолжува нападот на три фронтови: Либан – каде нападите се концентрирани во јужните предградија на Бејрут, вклучувајќи ги Дахија и долината Бека источно од Бејрут, Газа и Јемен – каде примарна цел на нападите беше пристаниште контролирано од Хутите. Наводно, повеќе од 200.000 Либанци ги напуштиле своите домови во делови од земјата за да избегаат од можни израелски напади, а многумина спијат во паркови и локации на отворено.
Поради тековната граѓанска војна, Јемен е поделен помеѓу меѓународно признатата влада со седиште во Аден, јужен Јемен, и бунтовничката група Хути во северен Јемен. Ниту едните, ниту другите не го признаваат Израел како држава. Групата Хути исто така се смета за дел од иранската „оска на отпорот“. Хутите го поддржуваат Хамас, тврдат дека Израел е сила за нестабилност на Блискиот Исток и се против американското присуство во регионот. Во ноември тие почнаа да истрелуваат ракети кон Израел и да го блокираат поморскиот сообраќај како поддршка на Хамас.
Впрочем, ескалацијата на односите започна со нападите на Хамас во појасот Газа во октомври 2023, по што израелските сили ја започнаа операцијата „Железен меч“. Создадени со години или децении на иранска поддршка, актерите кои се опишуваат себеси како „оската на отпорот“ кон Израел и влијанието на САД на Блискиот Исток ги подразбираат не само Хамас, Хезболах и Хутите, туку и различни шиитски вооружени групи во Ирак и Сирија.
„Оската на отпорот“ произлезе како контратежа на „оската на злото“. Фразата „оска на злото“ ја лансираше американскиот претседател Џорџ В. Буш и првично се однесуваше на Иран, Ирак и Северна Кореја. Беше употребенa во обраќањето на Буш зa состојбите во САД во јануари 2002 година, помалку од пет месеци по нападите на 11 септември и речиси една година пред инвазијата на Ирак во 2003 година, и често се повторуваше во текот на неговото претседателствување.
Во духот на двете „оски“ поминаа прокси војните и постојаните провокации на Блискиот Исток во изминатите две децении. Тензиите меѓу сунитите и шиитите, искористени од регионалните ривали Саудиска Арабија и Иран, но и од глобалните сили во борба за превласт и нов светски поредок, би можеле да го преобликуваат идниот Блиски Исток.
Исламската шизма стара четиринаесет века, не ги објаснува сите политички, економски и геостратешки фактори вклучени во овие конфликти, но таа стана призма низ која се разбираат основните тензии. Поделбата потекнува од спорот околу тоа кој треба да го наследи пророкот Мухамед како водач на исламската вера, при што шиитите го поддржуваат Али, наследник од фамилијата на пророкот, а сунитите го избираат Абу Бакр за прв калиф, и денес се драстично побројна група на следбеници.
Двете земји кои и денес се натпреваруваат за лидерство во исламот, сунитската Саудиска Арабија и шиитскиот Иран, оосбено по падот на Садам Хусеин, ја искористија поделбата за да ги унапредат своите амбиции. Решението на нивното ривалство најверојатно ќе ја обликува политичката рамнотежа меѓу сунитите и шиитите и иднината на регионот, особено во Сирија, Ирак, Либан, Бахреин и Јемен.
Редефинирање на нуклеарните доктрини
Во меѓувреме, официјална Москва обзнани измена на доктрината за употреба на нуклеарен арсенал – односно нејзино проширување. Најавата доаѓа како одговор на украинските напади извршени длабоко во Русија. Руската нуклеарна доктрина – најновата јавна верзија од 2020 година – само наведува дека Русија може да го користи сопствениот арсенал во случај на нуклеарен напад или конвенционален напад „кога самото постоење на државата е загрозено“.
Редефинирањето кое е најавено вклучува „агресија врз Русија од која било ненуклеарна држава, но со учество или поддршка на нуклеарна сила, како нивен заеднички напад врз Русија“. Јасно е упатувањето на Украина и нејзината актуелна офанзива во регионот Курск, во рамките на руската територија.
Промена на официјалната доктрина може да се очекува и од Техеран во догледно време. Со години, перципираната закана на Иран за Израел почиваше на два основни столба: неговиот обемен арсенал на беспилотни летала и ракети и способностите на неговите прокси сили, особено Хезболах во Либан. Оваа стратегија, позната како напредна одбранбена доктрина (forward defense) на Иран, се обиде да проектира моќ и да ги одврати противниците надвор од нејзините граници без директна конфронтација.
Во меѓувреме, Тајван е опколен со кинески борбени авиони, а Северна Кореја разнесе патишта и линии кои ја поврзуваат со Јужна Кореа.
Помалку или повеќе, доаѓа вжештена зима со поларни температури.
*Доц. д-р Весна Попоска е универзитетска професорка, независна експертка и долгогодишна активистка. Докторската дисертација под наслов „Меѓународно-правни аспекти за заштита на критичната инфраструктура од современи безбедносни закани“ ја одбранила на Воената академија во Скопје во 2019 година. Магистрирала на катедрата за меѓународно право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ и е авторка на повеќе научни и стручни трудови во нејзината област. Таа е алумни на Школата за политика на Советот на Европа. Работи на Меѓународниот универзитет Визион од неговото основање во 2015 година, каде во март 2021 е избрана за деканка на правниот факултет.
**Блогот е објавен во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk. Оригиналната објава можете да ја прочитате ТУКА.
***Мислењата изнесени во рубриката „Став“ се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на Радио МОФ.