Од април оваа година студентите кои се во работен однос, како и сите запишани на постдипломски студии на државните или приватните универзитети можат да аплицираат за субвенциониран студентски оброк. Ова го соопшти Министерството за образование и наука (МОН), кое кон средината на април објави вонреден повик за студентите кои се дел од овие категории, а кои досега не добиваа никаква финансиска помош наменета за храна во текот на нивните студии. Повикот беше отворен само три дена, од 14 до 16 април.
Како студентка во трета година на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ досега ниту еднаш го немам искористено своето право на студентски оброк. Поточно, досега немав право на субвенции за оброк, бидејќи од почетокот на студиите бев во работен однос. Еднаш дури се обидов да аплицирам, но барањето, се разбира беше одбиено.
Уште кога веста за тоа дека можеби барем во еден семестар до крајот на студиите, ќе добивам 840 денари неделно од државниот буџет, се крчкаше како предлог од страна на студентското претставничко тело, јас ѝ се радував. Знам дека кога и да почнам да размислувам или да разговарам на темава со други студенти, работодавци или пријатели доаѓавме до две решенија на овој проблем. Првото е дека се разбира дека на секој студент би требало да му следува исто право на оброк, како што би требало да му следува право на пријавување во студетнски дом, бесплатен билет за градски превоз или стипендија, ако ги исполнува условите за тоа. Условот кој мене, а воедно и на многу мои пријатели студенти, ни недостасуваше за да добиваме оброк, беше тоа што ние веќе „имаме“ финансии, па не треба да го оптеретуваме државниот буџет. Но, неспорно е дека дел од нас работат затоа што немаат доволно за студирање во главниот град, некои немаат доволно за книги, скрипти, други за кирија и сметки, а трети за оброк и освежување во текот на денот. Но, кога МОН го вперува својот двоглед во нашите трансакции, ние сме тие што имаме приливи на сметка. Секој месец. Зошто и колку тоа ни го отежнува студирањето, тоа се прашања за кои МОН досега не беше заинтересиран. Она што овие години поттикнува дополнителни фрустрации е фактот што некои студенти имаат повеќе од други. Тие студенти не работат, и бидејќи немаат потреба да работат, добиваат право да трошат пари од државниот буџет. И оваа поделба не ја правам јас, туку институциите на системот во кој живееме. Како што направија поделба меѓу студентите од приватните универзитети кои немаат право на бесплатен градски превоз наспроти нивните колеги од државните кои имаат „слободна“ за ЈСП, така половина од мојата група на катедрата добива оброк, а другата половина не добива. Значи, второто решение на овој проблем е она што со години го живееме – така стојат работите, некои не добиваат затоа што имаат, други добиваат затоа што немаат.
Сето ова веќе пет семестри го сведочиме, коментираме, студентските тела бараат, медиумите ги пренесуваат нивните барања, но сите овие постапки водат до негово нормализирање и прифаќање. И тоа, до степен до кој не бев „толку“ свесна пред доаѓањето во Загреб на студентска размена преку програмата Еразмус+. Веќе првата недела од почетокот на шестиот семестар кој го минувам на Филозофскиот факултет при Универзитетот во Загреб ми беше изготвена студентска картичка – „Иксица“ со име, презиме, моја фотографија и личен идентификациски број (ОIB). Со оваа картичка можам да купувам храна во сите мензи во градот (ги има повеќе од 10), а добивам попуст и на низа други работи, како влез во музеи, билети за кино и театар и попуст за користење на јавниот градски превоз. Првиот пат во мензата на Филозофски земав чинија со ориз, похована риба, салата марула и крофна со мармалад. Знам дека направив застој во редот за плаќање кога вработената во мензата ми рече дека треба да платам едно евро и еден цент. „Ајде, побрзо, да не се прави ред…да само едно евро, можете со кеш или картица“ брзо одговори таа на моето препрашување дали има некаква грешка. Мојата колешка од Македонија сѐ уште немаше OIB, па прашавме дали може да ја искористиме мојата картичка уште еднаш и вработената со насмевка рече „Се разбира, само да побрзаме да не чекаат другите“.
По некое време дознавме дека бидејќи не сме од Загреб, имаме право да јадеме во менза три пати во денот, а на нашата картичка стигаат повеќе од 50 евра за 15 дена, кои се обновуваат во следните петнаесет, а непотрошената сума се префрла. Покрај класични оброци на приготвена топла храна, во некои мензи има и пица, помфрит, а во склоп на мензите во студентски домови има и слаткарници каде може да се нарачаат до три колачи дневно по цена од 30 центи. Освен што ние како Еразмус+ студенти го имаме истото право како хрватските студенти, овде студентите кои на еден ден од Загреб можат да заминат на прошетка во Сплит, го уживаат истото право на оброк – картичката важи за секоја менза во државата. Дополнително, со текот на овдешниот престој запознавме многу студенти кои се во постојан работен однос, некои работат и две работи истовремено, некои работат само за викенди, но сите имаат исти картички, со личен идентификациски број и сите имаат право на два (ако се од Загреб) или три (ако доаѓаат од друго место) оброци во мензата. Во едно мени, покрај главно јадење, салата и десерт, парче леб или пециво, следува и супа и пијалок (вода, сок, чоколадно млеко) и сето тоа чини не повеќе од 3 евра. Досега, мојот „најскап“ оброк бил 1,98 евра.
На почетокот беше невозможно да не правиме споредби со македонските „мензи“, бифеа, кафетерии. Во бифето на Филолошки/Филозофски во Скопје, најчесто нема вегетаријанска храна – сите пецива се прават со месо. Понекогаш имам среќа ако „начекам“ вегетаријанска пица која чини 120 денари (значи точно 2 евра) или некое лиснато со вишна или јаболко. Дополнително, речиси секое пециво или лиснато е поскапо од едно евро, што за нас кои немаме право на субвенциониран студентски оброк е релативно многу. Од друга страна, нивото на хигиена во овдешните мензи, и тоа во сите шест мензи кои досега ги имам посетено, е видливо високо. За разлика од кај нас, каде секоја година барем по една менза во студентските домови е затворена од Државниот здравствен и санитарен инспекторат, по пријава за труење на студенти.
Бројот на студенти кои доручкуваат, ручаат или вечераат во мензите постојано е голем. Но, редот никогаш не се чувствува. Како што првиот пат вработената нѐ предупреди да бидеме побрзи, тоа сега научивме да го почитуваме, и не беше тешко, кога гледаш дека сите се придржуваат до правилата. А, мензите имаат и социјален момент. За разлика од кај нас, каде од бифе те „бркаат“ ако не си купил или порачал ништо, овде можеш да седнеш до кого било и да почнеш разговор, па јадел ти или не. Од друга страна, многу групи студенти или друштва се договараат да одат на вечера во менза каде секој ќе може да си дозволи пристоен оброк. Всушност, тоа го правам и јас вечерва. Прво вечера во менза, а потоа палачинка на зајдисонце во слаткарницата на студентскиот дом „Стјепан Радиќ“.
Освен што со 140 денари кои им следуваат на македонските студентите на додипломски студии кои не се во редовен работен однос не може да се купи топла приготвена храна на факултетите, тоа е ретко и во некои други места како што се кујните за домашни јадења низ Скопје. Една вегетаријанска порција со печени тиквички и ориз веќе надминува 150 денари, а воопшто не знам колку се порциите со парче месо. Објавениот повик за проширување на опсегот на студенти е добра иницијатива, но далеку од тоа дека е за пофалба. Она со кое МОН не се фали е дека е отфрлен амандманот на опозицијата сумата од 140 денари да се зголеми на 160 денари. Дополнително, отфрлен е уште еден амандман со кој опозицијата предлага сумата да се зголеми на 200 денари, но таквата мерка да стапи на сила од 1 септември 2025 година. Отфрлен е и трет амандман кој гласи зборовите „минималната нето-плата во Републиката во тековната година“ да се заменат со зборовите „33.000 денари“. Тоа значи дека опсегот се проширува на студенти кои се во работен однос со примања помали од минималната нето-плата, што повторно исклучува вработени студенти со поголеми примања.
Како што се наближува крајот на мојот престој во Загреб и се приближува враќањето во Македонија, каде сакам да ја поминам последната година на додипломски студии, размислувам што ќе правам. Дали треба да барам нова работа? Парите од Еразмус+ стипендијата и дополнителните бонуси на животот овде ќе згаснат кога ќе се вратам. Ако сакам да продолжам да живеам во Скопје и да студирам како досега, веројатно ќе морам да најдам работа. 140 денари дневно или 840 неделно и месечната стипендија нема да бидат доволни за топли оброци, книги, трошоци за семестри, а и дополнителните 2.000 денари за материјални ресурси кои треба да ги подмирам уште два пати, а за кои In Medias Res пишуваше во претходниот број. Од друга страна, тоа што ќе можам да работам и да добивам оброк не ме радува како што мислев дека ќе биде пред да ја имам таа можност. Сега ќе треба да се вратам и ако сакам барем една академска година да го оптеретувам државниот буџет за оброк, со моите три години работно искуство ќе треба да се прилагодам на работа под минимална плата. Уште сега го замислувам изразот на лицето на работодавецот од кого би барала минимална плата наместо тоа што го заслужувам и не можам да престанам да се смешкам. Онака, саркастично и кисело. А, не сакам, навистина не сакам, најдобриот период од студиите да биде оној надвор од мојата земја. Не сакам да остане таму каде слушам предавања на друг јазик, каде се хранам на товар на туѓ буџет, таму каде сум странец. Сакам да сум студент дома и да ми биде убаво како овде. Сакам да ги уживам сите права, сакам и студентите од приватните универзитети да се возат бепслатно со ЈСП, и вработените студенти чиј капацитет им носи приливи над минималната плата да останат… дома, во Македонија и да добиваат субвенциониран студентски оброк. Сакам да сакаме да студираме дома. Но, колку е тоа можно, кога за да добиеме едно треба да правиме комромис со друго. Изгледа дека повторно ќе треба да се бира: или работа или оброк, трето нема.
Ангела Бошкоска, студентка