Апетитот за информации, самоцензурата и избегнувањето да се учествува во јавните дебати се навики кои им се заеднички на младите корисници на социјалните мрежи во регионот на Јужен Кавказ. Ова е констатацијата од студијата спроведена од група научници при
Грузискиот институт за јавни односи, кои го истражуваа однесувањето на младите корисници на социјалните медиуми и нивните информативни „диети“ во Грузија, Ерменија и Азербејџан.
Консумирањето вести кај младите на глобално ниво се префрли на платформите на социјалните медиуми, а регионот на Јужен Кавказ не е исклучок од таквата тенденција. Фејсбук е изборот на младите корисници во Грузија, Азербејџан и Ерменија, кој е користен од младите за да се поврзат со пријателите и членовите на семејството и да добиваат вести. Инстаграм е популарен меѓу корисниците кои сакаат да споделуваат фотографии и видеа за нивниот секојдневен живот. Популарност кај помладата публика исто така стекнаа и YouTube, TikTok, v Kontakte и Telegram.
Во согласност со истражување „Кавкаски барометар“ спроведено во 2021 година, социјалните медиуми се најчесто користениот извор на вести за младите во Јужен Кавказ. Осумдесет проценти од корисниците на возраст од 18-34 години во Ерменија и 61% од корисниците од истата возрасна група во Грузија ги користат социјалните медиуми како извор на вести и актуелни случувања.
Иако не постојат сигурни квантитативни податоци во врска со користењето на социјалните медиуми кај младите луѓе во Азербејџан, интервјуата кои беа спроведени во текот на студијата ја потврдуваат популарноста на социјалните медиуми како извор за информирање и меѓу овие луѓе.
Младите не им веруваат на традиционалните медиуми
Интересно е што младите во овие три земји покажуваат недоверба во традиционалните медиуми, во прв ред телевизијата. Причината за тоа е партиската пристрасност и политичката поларизација на телевизија, што беше посочено од младите корисници во сите три земји, како и државната контрола и цензура кои беа споменати од корисниците во Азербејџан.
Младите корисници консумираат дополнителни медиумски содржини на социјалните мрежи, кои служат како пристапна точка до вестите кои се споделуваат од телевизиските канали и од веб-страниците за вести. Бидејќи довербата во традиционалните медиуми е ниска, младата публика е во постојана потрага по избалансирани извори на вести кои се засновани на факти, и тоа во своите земји и надвор од нив.
И покрај честата употреба на социјалните медиуми за консумирање вести, повеќето корисници се „пасивни примачи“ на содржината. Тие најчесто не споделуваат јавно информации или вести. Практикувањето на самоцензура преку несподелување вести или мислења е нешто што стана вообичаена практика. Младите корисници велат дека не сакаат да се впуштаат во „бесмислени расправии“ и не сакаат „да слушаат навреди“. За да имаат „живот без стрес“, младите корисници не дебатираат јавно со другите на социјалните мрежи и своето користење на платформата го ограничуваат само на консумирање вести и забава.
Во исто време, корисниците на социјалните медиуми во кавкаскиот регион свесно и активно се обидуваат да формираат заедници кои се цврсто поврзани врз основа на заеднички интереси и верувања. Ова најчесто се прави на Фејсбук, каде што корисниците често се приклучуваат на групи и страници посветени на одредени теми. Овие групи ги поврзуваат корисниците по основ на заеднички интереси и убедувања и разменуваат идеи и информации. Честопати овие групи стануваат и инструменти за мобилизирање на јавни протести и на други колективни активности.
Ако гледаме од негативен аспект, корисниците велат дека доживеале малтретирање и вознемирување во групите на социјалните медиуми. Ова е искуството кое го имале оние кои изразуваат ставови кои се контроверзни или се непопуларни меѓу членовите на групата.
Вознемирувањето може да доведе до значителна емоционална траума на тие лица. Кога конфликтите и вознемирувањето стануваат честа појава во заедниците кои се засновани на интереси, младите корисници повторно се повлекуваат во самоцензура и избегнување контакт, и го споделуваат само она за кое знаат дека е вистина или кое, всушност, може да им помогне на другите.
Во таа смисла, непријателските ставови на интернет ги принудуваат младите корисници да станат пасивни консументи на содржини, да не учествуваат во јавна дебата на интернет и да стануваат членови на професионални или групи базирани на хобија за да можат да добиваат и споделуваат информации.
Потпирањето на социјалните медиуми и нивната интензивна употреба се доведува во тесна врска со поголема подложност на дезинформации во разни земји, вклучително и во оние од Јужен Кавказ.
Дезинформации и теории на заговор
Како и во многу други региони во светот, на Кавказот се забележува пораст на ширењето на лажни информации и теории на заговор на социјалните медиуми во однос на политички и социјални прашања. Ова може да има последици во смисла на влошување на етничките тензии, продлабочување на конфликтите меѓу соседните земји и поткопување на демократските институции. Во согласност со „Кавкаскиот барометар“, 88% од анкетираните Ерменци и 59% од Грузијците знаат да посочат лажни вести за внатрешната политика на нивната земја. Нашето истражување покажува дека свесноста за дезинформациите, критичките ставови кон медиумите воопшто и обуките за медиумска писменост им овозможија на младите корисници да развијат вештини за препознавање на информациите.
Корисниците имаат развиено начини за проверка на автентичноста на информациите, како што се пребарување на имињата на авторите на конкретните содржини и на оние кои ги објавиле истите, анализирање дали се работи за сигурен извор, проверка на информациите со лица на кои им се верува и кои се поупатени во темата.
Азербејџан се издвојува од останатите земји во регионот на Јужен Кавказ како рестриктивна и автократска земја. Младите и демократски настроените луѓе во Азербејџан бараат информации од независни медиумски извори, кои својата работа ја вршат од странство. Овие млади луѓе избегнуваат да искажуваат свои мислења или да се впуштаат во јавни дебати за политички прашања. Наместо тоа, размената на мислења и аргументи се одвива во затворени муабети (chat) или состаноци лице в лице, наместо јавно на социјалните мрежи.
Поларизацијата е исто така распространета и во Грузија и Ерменија. Владејачките и опозициските партии во двете земји ги поделија општествата на поларизирани и други групи и се впуштија во навредлива комуникација со противниците. Големите телевизиски канали дополнително ја влошија ваквата поларизација со заземање силни политички ставови и со „фаќање страна“ на политичките партии. Телевизиското покривање најчесто е пристрасно. Сето ова ги натера младите луѓе од Грузија и Ерменија да се воздржуваат од споделување мислења и, наместо дискусијата да се одвива во јавноста, таа сега е присутна во групите на месинџер. Слични вакви навики да се избегнува искажувањето на јавното мислење, изразување и самоцензура се присутни кај младите корисници на социјалните медиуми во сите три земји од кавкаскиот регион.
Информативната „диета“ на младите во јужнокавкаскиот регион е важен аспект на севкупната здравствена и друга состојба благосостојба на општеството. Младите луѓе се соочуваат со потреба да создадат здрави и одржливи навики во однос на консумирањето на информации, да внимаваат на говорот на омраза и дезинформациите, да ги проверуваат изворите и видовите информации што ги консумираат и да избегнуваат да поминуваат премногу време на социјалните медиуми.
Сето ова може да им помогне на младите луѓе да го најдат патот низ огромната количина на информации и да донесат информирани одлуки за својот живот и за светот во кој живеат.
*Д-р Ана Кешелашвили е професор по медиуми и комуникации на Грузискиот институт за јавни работи (GIPA), поранешна новинарка, денес вклучена во медиумско образование, истражување и обука. Кешелашвили е авторка на написи и извештаи за грузиските и меѓународните медиуми и образованието. Таа била и консултант за медиуми и комуникации за BBC Media Action, UNDP Georgia, People-in-Need, N-OST и други. Исто така, била главен истражувач на Анализата на грузискиот информациски екосистем – Internews, истражувач на земјата за „Мапирање дигитални медиуми“ спроведено од Институтот отворено општество; истражувач од земјата на трансевропската студија на Европската асоцијација на тренери за новинарство (ЕЈТА) за иднината на новинарските вредности и квалификации. Д-р Кешелашвили, исто така, ја водела проценката на потребите на грузиските медиуми во рамките на проектот на Грузискиот институт за јавни односи со Deutsche Welle, чија цел била зајакнување на управувањето со медиумските организации. Докторирала во областа на масовни комуникации на Универзитетот во Јужна Каролина, а магистратурата по комуникации ја завршила на Државниот универзитет во Луизијана.
Д-р Маја Микашавиџе – професор за медиуми и комуникации на Грузискиот институт за јавни работи (GIPA) истовремено е и шеф на подрачната канцеларија на Internews и управува со нејзините проекти за поддршка на медиумите во Грузија. Микашавиџе специјализира во областа на медиуми и комуникации, а е и научник и едукатор. Таа ја основала Кавкаската школа за новинарство и медиумски менаџмент на GIPA во Тбилиси, Грузија во 2001 година и била декан до 2011 година. Пред 2000 година, Микашавиџе била асистент за медиуми и информации во Одделението за односи со јавноста во Амбасадата на САД во Тбилиси, каде што била вклучена во проекти за медиумски развој. Таа извршувала и експертски медиумски консултантски услуги на американската влада, Европската Унија, Советот на Европа, ОБСЕ, Freedom House и други меѓународни и локални организации. Има докторат по масовни комуникации од Универзитетот во Јужна Каролина, магистратура по јавна администрација од Грузискиот институт за јавни работи и диплома за специјалист од Државниот конзерваториум во Тбилиси.
**Блогот е објавен во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk. Оригиналната објава можете да ја прочитате ТУКА.