Очигледно е дека листата на родова дисквалификација врз жените во политиката е длабоко вкоренета и повеќето од нив се соочиле со напади. Засега, на повидок, нема механизми со кои би се овозможило ефикасно да се надмине оваа состојба.
Фасцинантно е колкава е моќта на еден знак и два збора: #MeToo!
Никој не можеше да предвиди какви тектонски промени ќе предизвика иницијативата на Американката од Бронкс, Тарана Бурк, која во 2006-та година го основа движењето #MeToo со цел да ги поддржи жртвите од сексуално насилство.
Во октомври 2017-та година хаштагот #MeToo стана вирален, а жртвите од сексуално насилство гласно проговорија за нивните искуства. Така, движењето #MeToo беше поттик и за политичаркитe да зборуваат за сопствените искуства.
Но, всушност, оваа приказна започнала многу, многу порано…
Историска перспектива на „женското прашање“
Колективните, трансгенерациски архетипови што опстојуваат во потсвеста, според психоаналитичарот К. Г. Јунг го сочинуват „колективното несвесно“. Тој ја разви тезата дека еволутивните притисоци имаат индивидуална ментална матрица која се манифестира преку архетиповите.
Уште една потврда на оваа теза изнесе филозофот д-р Бошко Караџов, кој посочува дека митот за Амазонките го поттикнува архетипскиот страв кај машкиот род од доминацијата на жените. Уште во прастарите човекови заедници започнала да се создава хиерархија на моќта, а тоа го меморираат старите митови.
Така, со истиот наратив, се јавуваат митовите за гревот на Ева, за Пандорината кутија од која излегле сите зла, за прекрасната Медуза, која иако е силувана од Посејдон на олтарот во храмот на божицата Атена, потоа е казнета од неа и претворена во ужасен изрод. Оваа древна културолошко-социолошка архетипска нишка се пренесува и во новото време.
Иновативноста на технологијата овозможи масовен пристап до социјалните мрежи со што секој доби можност да искаже свој став и мислење. Мрежниот свет на површина извади една непријатност за човековата природа, односно се појави она што тлеело во нас и со кое мора да се соочиме. Криејќи се зад екранот и зад лажниот профил, голем број од корисниците стануваат учесници во новата „киберкултура на омразата“. Истражувањата покажуваат дека една од десет жени над петнаесетгодишна возраст биле жртви на таков вид насилство.
Имајќи ја предвид природата на политичката конкуренција, киберомразата се префрли и во политичкиот дискурс. Реториката што веќе била стандардизирана во заднината на политичките кругови, таа маскулинска надмоќност, сега се префрли на медиумскиот и мрежниот простор, во кој зад велот на анонимноста се вклучи и јавноста.
Дефиницијата на говорот на омразата ги покрива „сите форми на изразување“. Киберомразата е исто така говор на омраза. А во него се присутни и сексизмот и мизогинијата. Сексизмот се смета за идеологија која го оправдува и го рационализира патријархалниот општествен поредок, додека мизогинијата е систем кој ги оправдува и ги спроведува сексистичките норми и очекувања.
Говорот на омраза во нашата локална средина, одраз на светскиот тренд
Зачестеното ангажирање на жените во политиката истовремено донесе и засилен говор на омраза на медиумите и на социјалните мрежи. Најеклатантен пример кај нас се актуелните напади врз министерката за одбрана, Славјанка Петровска, кои од нејзиното стапување на министерската функција со месеци не престануваат и добиваат тенденција на зајакнување. Станува збор за деградирачки коментари од одредени профили, насочени најчесто кон нејзината телесна тежина.
Сексистичките и мизогени коментари продолжија по посетата на Петровска на Обединетото Кралство, пред сѐ поради протоколарните случувања, а ескалираа по нејзините изјави на почетокот на војната во Украина, поврзани со НАТО.
Уште еден радикален пример се постојаните напади кон професорката Катерина Колозова поради јасно искажаните ставови во однос на пристапот за решавање на македонско-бугарскиот спор, по што следеше и хакирање на англиската Википедија со дезинформацијата дека таа е „грчко-бугарски академик“. Овие напади беа проширени со канонада од лични навреди и со закани за насилство кон неа и нејзиното семејство.
Кампањата за претседател на државата на професорката Гордана Силјановска-Давкова предизвика еден друг вид говор на омраза, агеизам, дискриминација според возраста. Агеизмот може да го наруши квалитетот на животот на поединецот и создава мислење дека старите луѓе се товар за општеството.
Јавноста и политичките опоненти беа брутални и преполни со говор на омраза врз полова и сексуална основа и спрема Данела Арсовска. На оваа листа се вбројуваат претседателот на опозицијата, претходниот градоначалник, советник на премиерот, директори на институции, пред сѐ користејќи ги нивните приватни профили на социјалните мрежи.
Еден од многубројните напади врз претходната министерка за одбрана, Радмила Шеќеринска, упатен повторно преку социјалните мрежи, беше од страна на влијателен претседател на политичка партија и пратеник. Неговиот напад содржеше експлицитни вулгарности на нејзина сметка.
Стереотипите како генерализирани верувања за однесувањата и атрибутите што ги поседуваат поединци од одредени општествени групи служат како оправдување за предрасудите, кои се негативно придружно чувство кон поединци од одредена социјална група и многу често водат и до насилство.
Лесниот пристап до социјалните мрежи и можноста секој да го искаже своето мислење, покажа колку современите општества се маскулински и плодна почва за доминација на стереотипите и предрасудите. На најексплицитен начин гледаме што сѐ ѝ се случува на една жена кога професионално си ја извршува својата јавна професија. За жал, сѐ уште доминантна парадигма на јавноста во однос на жените е сексистичката призма.
Тоа значи дека голем број жени, штитејќи се да не бидат „мета“ на јавноста, ќе се двоумат дали да прифатат позиции со моќ за одлучување, знаејќи кои се последиците од објективизацијата на жената.
Неопходност од нова парадигма кон „женската моќ“
Додека кај нас нападите на жените во политиката поминуваат без отпор, во поразвиените демократии се забележани неколку жестоки говори во одбрана на достоинството на жената. Една од жените во политиката што одбија да бидат замолкнати е американската конгресменка Александриа Окасио-Кортез која, според „Гардијан“, „го избриша подот“ со републиканскиот конгресмен Тед Јохо.
Во познатиот нејзин говор таа пренесе обвинување за структурален сексизам, а нејзиното обраќање е оценето како „мастер час во спротивставувањето на мизогинијата“.
Конгресменот Јохо ја нарекол „одвратна“ поради нејзиниот говор за тоа дека сиромаштијата може да предизвика криминал, и уште додал сочна пцост на крајот. Поттикната од состојбата во која жените се навикнуваат и го прифаќаат дехуманизираното однесување, Окасио-Кортез реши да се спротивстави.
Уште еден случај достоен за проучување од аспект на родовите студии е познатиот говор во парламентот на Австралија на премиерката Џулија Гилард насочен кон лидерот на опозицијата, Тони Абот, во кој го обвинува за сексизам. Поттикната од еден актуелен конфликт, Гилард во говорот нотира изјави на Абот во кои вели: „Мажите се помоќни од жените и тоа не е лошо“, како и „Што ако, мажите според физиологијата и темпераментот се поадаптибилни да бидат авторитети и да издаваат команди“!
Секундарната виктимизација на Гилард продолжува по овој настан, кога медиумите за неа пишуваат дека таа не е мажена, нема деца и не води доволно грижа за самохраните родители. Во секој случај, Гилард прави исчекор во политиката на Австралија, одржувајќи моќен говор кој стана вирален на Ју Тјуб.
Преседани во однос на мизогинијата и сексизмот се случуваат и во Европскиот парламент, а најпознат случај е говорот на полскиот радикален десничар Јанус Корвин-Мике кој во 2017-та година истакна: „Жените треба да заработуваат помалку од мажите бидејќи тие се послаби, помали и помалку интелигентни“. Корвин-Мике за оваа тирада беше суспендиран и финансиски казнет.
Справувањето со стереотипите и слободата на говорот
Голем придонес кон оваа состојба имаат и медиумите, односно несвесните шеми според кои новинарите ги третираат темите поврзани со жените во политиката, при што доминира стандардниот стереотипен наратив. Несомнено, доминацијата на говорот на омраза и негативниот дискурс се производ на падот на професионалните стандарди, како и на големите глобални предизвици за правно регулирање на новите социјални мрежи.
Обидувајќи се да добијат што поголем број посетители и кликови, медиумите кои сѐ повеќе со своите различни формати и страници се префрлаат на мрежниот свет, креираат содржини кои се привлечни за што поширока публика.
Истражувањето покажува дека најпопуларните термини за пребарување на Гугл за кандидатите за премиер на Обединетото Кралство, Лиз Трас и Риши Сунак, се одвива на различни полови линии. Најчестите термини за Сунак се однесуваат на неговата изборна единица, дали има пријатели од работничката класа и колку е богат. Најпопуларните пребарувања за Трас се однесуваат на тоа каде е родена, каде одела на училиште и дали има дете. Токму затоа, уредувачкиот и новинарскиот пристап кон третманот на кандидатите генерално соодветствува со сенсот на општата јавност.
Тука се наметнува прашањето за тенката граница меѓу слободата на говорот и говорот на омраза. Адресирањето на говорот на омраза не значи ограничување или забрана на слободата на говорот. Според Стратегијата за борба против говорот на омраза, тоа значи спречување тој да ескалира во нешто поопасно, како поттикнување на дискриминација, непријателство и насилство, што е забрането според меѓународното право.
Борба против родовата дисквалификација на жените во Македонија
Состојбата кај нас ја отсликува Даниела Димитриевска од „Македонско женско лоби“: „Жените во политиката кај нас со развојот на социјалните мрежи наидоа на организиран булинг од околината каде стереотипите на патријархатот излегуваат на виделина преку закани и навреди со што кај нив се намалува желбата да се најдат во фокусот на јавната политика. Жените станаа „мезе“ на јавноста а партиите малку се ставаат во одбрана и креирање политики за надминување на истата.“
„Дебела како шифоњер…“, „па оваа не личи на жена…“, „баба“, „оди си не те бива…“, „остави ја жената гравче да си свари…“, „а да ослаби малку…“, „ќе ти загори манџичето…“, „министер не може да биде домаќинка…“ и уште неброени навреди, закани и омаловажувања за жените во политиката се присутни во јавниот дискурс.
Ваквите коментари има и во медиумите и во секојдневниот живот, а тие не се болни само за личноста што е нивна мета. Ова прашање е култоролошко и покажува како цивилизацијата сѐ уште како стандард ја прифаќа неказнивоста на насилното однесување. Живееме во општество чија структура на моќ го поддржува таквиот дискурс. Граѓаните се навикнати на општествена патологија од клевети, закани и говор на омраза.
Очигледно е дека листата на родова дисквалификација врз жените во политиката е длабоко вкоренета и повеќето од нив се соочиле со напади. Засега, на повидок, нема механизми со кои би се овозможило ефикасно да се надмине оваа состојба.
Меѓу причините за малиот број жени во политиката кај нас, според едно истражување, се и ефектите предизвикани од медиумската изложеност или од изложеноста на социјалните мрежи, кога се нарушува нивниот углед, а тоа влијае врз нивниот приватен и јавен живот.
Во 2016-та година, Националниот демократски институт ја започна кампањата “NotTheCost”, која беше глобален повик да се дејствува во правец на подигање на свеста и остро да се справуваме со говорот на омраза и насилството врз жените во политиката. Целта на оваа кампања беше да се спречи прифатениот став дека секоја жена што влегува во политиката треба да е свесна за „цената што ќе ја плати“ преку лично и онлајн вознемирување.
Сите сме биле во ситуација кога требало да се справиме со некаква форма на вербално малтретирање во нашите животи. Крајно време е да се спротивставиме и да не го прифаќаме ваквото однесување како стандард. Вербалните напади не се инцидентни, тие се модел на однесување кој е неприфатлив, дехуманизиран и шири омраза.
Во Препораката за превенција и борба против сексизмот, нотирани се повеќе начини за справување со проблемот: градење капацитети кај младите жени, сензибилизација на темата, едукација на двата пола, едуцирање на медиумските работници, спроведување истражувања, рамноправност во позициите на одлучување, обуки во јавниот сектор, вклучување на истакнати фигури од културата и спортот во кампањите, мерки за подигање на свесноста во општеството, употреба на алгоритми, па дури и правни механизми кога тоа е потребно.
Сите сме одговорни за спроведувањето на препораките. Тоа е единствениот начин на превенција и за создавање похумано општество, тоа е наша должност спрема младите генерации.
*Билјана Жеревска магистрирала на Институтот за општествени и хуманистички науки-Скопје. Работи како уредник на емисии во Редакцијата за култура на МРТ. Автор е на многубројни тематски емисии, интервјуа, и репортажи од странство. Во текот на својата кариера била на позициите Одговорен уредник на Сателитската програма, Одговорен уредник на Првиот програмски канал, како и Шеф на кабинетот на Генералниот директорна МРТ. Жеревска е сертифициран обучувач на Европската Броадкастинг Унија и активно предава модули од областа на Јавниот настап и Медиумската писменост. Автор е на две книги:„Ракопис на светлината“ и „Мост преку времето“.
**Текстот е изработен со поддршка на проектот Мрежа за разновидност 2.0, финансиран од Европската Унија и е преземен од www.respublica.edu.mk. Оригиналната објава можете да ја прочитате ТУКА.