Областите кои ги олабавија инцијалните рестриктивни мерки против КОВИД-19, а сега имаат зголемени стапки на зараза сведочат за грешките во справувањето со пандемијата. Првата лекција сè уште важи: сè додека не се победи вирусот, не може да се вратиме во нормала.
Иднината на светската економија станува сè појасна. На почетокот на пандемијата, имаше големи несогласувања за оправданоста на карантинот и другите мерки, наспроти превисоката економска цена. Сега станува сè поочигледно дека економската активност ќе продолжи во целост само откако ќе им се дозволи на рестриктивните мерки да дадат резултат. Во спротивно, КОВИД-19 ќе продолжи да се шири, оневозможувајќи одржливо и брзо економско закрепнување сè до пристигнување на ефективни, широко достапни вакцини.
Кога коронавирусот прв пат почна да се шири надвор од Кина, предизвикувајќи директно, нагло намалување на нивото на економска активност и вработување онаму каде што беше воведен целосен карантин, епидемиолозите се обидоа да ја информираат јавноста (и надлежните, во многу случаи) за она што ги очекува. Тие предупредија дека ширењето на вирусот е ставено под контрола само кога неговиот Р број – просечен број на заразени од едно инфицирано лице – ќе биде помал од еден. Кога бројот Р е 1, секое болно лице заразува едно друго лице, а бројот на заболени од КОВИД-19 останува константен. Научниците објаснуваат дека бројот Р може да се сведе под еден многу побрзо со построги рестриктивни мерки и ефикасно тестирање и трагање по контактите со цел наоѓање на позитивните случаи.
Онаму каде што беше воведен целосен карантин и други мерки, епидемијата се стабилизираше, а бројот Р се намали за само две или три недели. На некои места, бројот на случаи на КОВИД-19 порасна нагло многу рано, што доведе до често воведување на само-изолација. А поради тоа што голем процент од луѓето во жариштата ги почитуваа карантинските препораки и трагањето по контактите и тестирањето (најверојатно од страв), кривата на епидемијата бргу се израмни.
Додека пак, онаму каде што немаше или имаше благи рестриктивни мерки, луѓето вложувале помалку напор за избегнување на контакт или за спречување на пренесување на вирусот, или ги занемарувале ваквите мерки на претпазливост, при што бројот на случаи се зголемил. Да појасниме, дополнителните фактори карактеристични за локацијата имаат влијание врз ширењето на КОВИД-19. Но, може да се изведе јасен заклучок од целиот свет дека опсегот на рестриктивните мерки и степенот до кој се почитуваат, е единствениот најважен фактор во справување, а потоа и закрепнување од пандемијата.
За жал, особено во САД, граѓанскиот отпор против рестриктивните мерки се зголеми кога најмногу беше потребно да се почитуваат препораките. Некои политичари и критичари инсистираа на тоа дека економските трошоци за спасување на еден живот се превисоки во однос на трошоците на оние кои претрпеле загуба на приход или медицинска нега за други состојби. Ваквиот јавен притисок победи. И покрај предупредувањата на епидемиолозите, иницијалните рестриктивни мерки се олабавија прерано во многу американски држави.
Што е уште полошо, веднаш штом почнаа да се олабавуваат рестриктивните мерки, многу луѓе им се вратија на старите рутини, игнорирајќи ги препораките за социјално дистанцирање, избегнување на гужви (особено во затворен простор), носење маска, миење на рацете и други превентивни мерки. Фабриките повторно отворија и многу малопродажни претпријатија и други услуги продолжија со работа, но со намален капацитет. За кратко време, производството и потрошувачката значително се зголемија, а стапката на невработеност почна да опаѓа (но сепак остана висока). Но, во повеќето случаи, овие олабавувања почнаа кога бројката Р изнесуваше еден или над еден, што гарантираше дека веднаш штом луѓето почнат да ги занемаруваат мерките на претпазливост, бројот на заразени повторно ќе се зголеми.
Резултатот е сценарио во кое нема победници. Моменталните услови не се погодни ниту за одржливо подобрување на економската активност ниту за одржливо намалување на случаите со КОВИД-19. Ако здравствените работници, медицинската опрема и капацитетот за тестирање беа достапни и соодветно распределени, надлежните органи на јавното здравство ќе можеа да трагаат по контактите и да издаваат решенија за изолација во доволен број за да го спречат ширењето на вирусот. Тоа го направија земји како Германија, Нов Зеланд и Јужна Кореја, како и градови како Њујорк, кој од едно од натешко погодените места во САД успеа да го сведе бројот Р на околу 0,4-0,5.
За тестирањето да биде ефикасно, резултатите мора брзо да се даваат, за да се предупредат носителите на вирусот кои инаку би стапиле во контакт со други лица. Проблем е што има недостиг од материјали и опрема за тестирање, особено во жариштата. Сега, кога бројот Р се зголемува со застрашувачка стапка, некои американски болници се веќе презаситени, а некои фабрики кои отворија мораа повторно да затворат. Властите во високо погодените јужни и југозападни држави почнаа да се одвраќаат од олабавувањето на рестриктивните мерки и да наметнуваат дополнителни мерки.
Но, дури и на места каде што луѓето ги почитувале мерките на претпазливост, и бројот Р не се зголемил значително, стапката на раст на потрошувачката забележува пад. Потрошувачите едноставно не можат да се уверат дека какво било повторно враќање ќе биде оддржливо, а деловните субјекти гледаат преголема неизвесност за долгорочни инвестиции. Да беа рестриктивните мерки ефикасни и спроведени насекаде, ќе имаше голема веројатност за брзо закрепнување во облик на V. Ама тоа не се случи, па скорешниот тренд на подобрување почнува да губи сила.
Останува да се надеваме дека за доброто на глобалната економија сите ќе разберат дека епидемиолозите се во право. Предвременото олабавување предизвика непотребни дополнителни трошоци, како во поглед на здравството, така и на економската благосостојба. Придржувањето на јавноста до рестриктивните мерки колку за бројот Р да се сведе под еден е најдобр економски стимул.
Бројот Р под еден би значел дека кога ќе се тргнат рестрикциите, потрошувачите и деловните субјекти ќе може да бидат сигурни дека резултирачкиот економски (и здравствен) пораст ќе продолжи. Враќањето во нормална економска и социјална активност би следувал бргу потоа.
Двете неразделни цели за победување на вирусот и заживување на економијата не се спротивставени, туку една иста цел. Вирусот ќе го диктира темпото со кое можеме безбедно да ја продолжиме економската активност. А придржувањето на јавноста до превентивните мерки ќе го одреди темпото со кое ќе се победи вирусот.
*Ен О. Кругер е поранешен главен економист на Светска банка и поранешен прв заменик директор на Меѓународниот монетарен фонд, е научен советник/професор за меѓународна економија на Универзитетот Џон Хопкинс, Факултет за напредни меѓународни студии, и виш соработник во Центарот за меѓународен развој на Универзитетот Стенфорд.
Авторски права: Project Syndicate, 2020.
www.project-syndicate.org
**Блогот е објавен во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk. Оригиналната објава можете да ја прочитате ОВДЕ.