Кога Железничката зграда на скопската улица „Борка Талески“ би зборувала, би раскажала приказни за заеднички простори и солидарност, за заедница каде функционирале и голем заеднички двор, градинка и кино. Сепак, ова не треба да остане носталгичен напис, или инцидентен крик на ентузијазам за овој репрезент на архитектура со историска вредност, сега во фаза на распаѓање. Ако на киното му дадеме нова смисла, јавна функција, може да дадеме нова смисла и на дефиницијата на заедницата. Активни и ангажирани станари и граѓани кои би живееле во симбиоза. Би продуцирале култура и би генерирале социјални врски, обединети, спротиставувајќи се на капиталистичката машина што дехуманизира.
Киното во Железничката зграда е солиден повеќенаменски простор. Седум метри висок, 150 квадрати неискористен простор. Сите што барем еднаш дошле на перформансот на „Факултет за работи што не се учат“ (ФРУ), се заинтригираа за местото. И јас се фасцинирав. Научив низ времепловот со станарите, во разговорот со чичко Бајо, кој ја држи онаа линија: ако заживеат заедничките простори, ќе заживее и заедницата. Особено возбудлив момент е што киното е вградено во самата структура на објектот, смислен да постои и диши со железничката колонија. Тука е снимен дел од култниот „Среќна нова 49-та“. Се користел за приредби, проекции, состаноци, договори. За убави работи. За сите.
Киното пак е актуелно. Заедницата на станари, ФРУ и Општина Центар склучија договор со услови за користење и ставање во функција на киното. Ова во превод значи: Центар си зема за обврска, меѓу другото, да стартува соработка и обезбедува донации за целосна реконструкција на униканиот изглед на зградата, да се уредува просторот и да се оспособи за непречено функционирање.
Станарите, ФРУ и сите останати граѓани, млади луѓе, добронамерници, активисти, уметници… треба да мислат како да прават позитивен притисок, да кажат што сакаат, колку сакаат, зошто сакаат. Што им треба? Каков простор? Иницијативата за киното не треба да биде декор од кампања. Иницијативата е важна!
Еве зошто:
Враќање на довербата кон граѓанското учество во процесите
Постои ерозија на доверба меѓу македонските граѓани дека воопшто можат да бидат вклучени. Да учествуваат и одлучуваат за слободните простори. Дека нивниот глас, волја, желба, потреба – ќе се важи.
Тоа не за чудење. Земете ги предвид сите „никнати“ дивоградби, платформи, цела узурпација, крадење на јавен простор на сметка на џиберско самореализирање и краткорочен профит. Јавниот простор изминатите децении наместо граѓански ресурс, стана роба за продавање и наддавање, без усул. Еден маѓепсан круг, спрега меѓу инвеститор, локални моќници и традиција на корупција.
На ниво на Македонија, според Државниот завод за статистика (ДЗС) од 2013 до 2017, за пет години, имало 5.210 бесправно изградени објекти, од кои 1.440 се во Скопје. Меѓу скопските општини водач на оваа статистика е Карпош, каде во 2013 се евидентирани 107 бесправно изградени објекти. Ова се голем број објекти, врз голем јавен простор.
Злоупотребата на заедничкиот простор може да се гледа и низ призма на контроверзниот проект ,,Скопје 2014“, кој од најавените 80, стигна до 700 милиони евра, а од промовираните 40 – до 140 објекти.
Но, „Скопје 2014“ не е само споменици и квази-барокни тортици испилени во малиот мозок на некогашниот главен архитект во државава, а, за жал, одржуван во живот и од сегашната централна власт. „Скопје 2014“ е и проект што изврши упад во јавен простор, упад во демократија, уништи и дестабилизира поими, норми и стандарди за урбанизам, архитектура, за просторно и заедничко планирање на ниво на Македонија. Проектот се градеше рушејќи зеленило и јавни локалитети, истовремено моделирајќи закони, без консултација од јавноста и авторите на репрезентативните дела.
Од „Културно ехо“ убаво поентираа дека примитивниот профит, како инстант профит во форма на згради и комуналии за општината, е нешто што го коси целиот град, го убива неговиот идентитет. Зачувување на заедничкиот простор и новите можности на напуштените објекти е борба за да задржиме таквиот идентитет, за да не биде предмет на приватна сопственост.
Луѓето бараат да им се врати она чувство за осет дека, сепак, можат да земат нешто во свои раце. Да влијаат, контролираат, а потоа, да си го адаптираат и култивираат просторот според свои нужности. За јавниот простор да ја дефинира заедницата, низ призма на колективна интелигенција.
Да се насочи внимание и кон она што е изградено
Она што е нелегално и несоодветно треба да се сруши. Експертите веќе си кажаа како да се решат платформи и дивоградби, како голем сегмент од „Скопје 2014“. Но, не се проблем само дивоградбите. Пример, понудата на станови одамна ја надминува побарувачката. Градиме повеќе отколку што ни треба.
Извештаите укажуваат дека додека трае спрегата меѓу градежниците и политичките моќници, кои низ јавниот дискурс се хранат со слоганот „битно се гради“ како ПР момент, во целиот тој градежен налет се заборава она што е веќе изградено.
Најдобар показател за тоа е Регистарот на цени и закупнини на Агенција за катастар. Конкретно, бројките од Катастарот од јули – септември 2018 покажаа дека на територија на цела Македонија се продадени 792 новоизградени станови, 5.345 се непродадени, а 10.875 се во градба. Ова значи, на секој непродаден стан се градат уште два нови.
Што ќе се случува со сите овие изградени објекти? Ќе се одржуваат ли? Ќе бидат ли постојано населени и функционални? Ќе има од нив корист заедницата? Каква? Киното во Железничката зграда може да биде еден од многуте примери за добро искористен јавен простор.
Одржливи модели за напуштените објекти и заедничките простори
Киното оди рака под рака со иницијативата на „Културно ехо“ – за ревитализација и заживување на разни простори и објекти. И ФРУ, и „Културно ехо“ се сложни дека локалците примарно треба да кажат што им треба, за да можат да се создадат самоодржливи модели. Како потоа би се плаќање сметки за струја, вода, за сите трошоци за водење на локацијата.
Одржливоста е поврзана со програмата. Односно, инфраструктурата е поврзана со културата. Културата пак е поврзана и со образовани, активни и ангажирани луѓе. Наместо да бидат невидлива категорија, млади заедно со локалците, ентузијасти и супкултурни групи би биле ангажирани, со визија за себе и општеството. Така и’ вршат услуга и на заедницата, и на државата.
Иницијативите треба да влезат во напуштените објекти, да ги „освојат“ со своите идеи за организирање секојдневни настани, со своја автономност во „окупираниот“ простор. „Товарна Рог“ во Љубљана, „Термокис“ во Приштина, АКСЦ во Железничката зграда, СЦ „Дуња“, „Кула“… Ова се примери на различни социјално-културни центри и заедници, со различни модели. Некои се активни, некои замреа. Заеднично за сите е што тие продуцираат култура, генерираат социјални врски и заедништво.
Не е поентата во киното да се прават журки, или некој да си го изнајмува. Не е поентата да биде вшмукано во капиталистичка машина! Нека биде простор за пензионери да можат да вежбаат јога или играат шах. Повеќе организации немаат физички простор, па нека биде место за состаноци. Нека биде младински центар. Нека биде за млади за заеднички работилници, дебати, проекции, неформално образование. Нека биде „хаб“ простор. Нека биде место за развој на социјално претприемачки дејности. Нека биде простор за лица со нетипичен развој.
Нека биде она што луѓето сакаат да биде.
Бојан Шашевски
* Оваа содржина е изработена со помош на Европската Унија во рамките на Проектот за младинско изразување. За објавените содржини е одговорен Младински образовен форум и истите нужно не ги одразуваат ставовите на Европската Унија.