Прогнозите покажуваат дека поскапувањата и високите каматни стапки ќе продолжат и следната година, но дека стабилизација на економијата треба да се очекува од средината на 2023 година.
Една од најголемите и најзначајните теми за дебата и истражување во 2022 година со сигурност беше инфлацијата која го погоди целиот свет. Државите сè уште изнаоѓаат начини како да се справат со огромниот раст на цените на производите, а револтот на граѓаните се зголемува.
Пандемија и војна
Според реномираниот весник Форбс (Forbes) главните причини што довеле до ваква состојба во целиот свет како и во Македонија се ефектите од корона вирусот, намалувањето на снабдување со нафта од ОПЕК, како и од Руската инвазија врз Украина.
Почетокот на оваа криза го лоцираме во кризата со Ковид пандемијата во 2020 година. Безбројните карантини, глобални проблеми со извози и увози на стоки и производи полека но сигурно ни навестија дека ни се заканува нова светска економска криза. Следно, во февруари 2022 година се случи нападот на Украина од страна на Русија, што според многу аналитичари придонело за уште поголем и забрзан раст на инфлацијата на светско ниво.
Русија секако ја има контролата за големо снабдување со нафта, особено во Европа. Украина е одговорна за извоз на храна низ целиот свет. Имајќи предвид дека тие се среде војна, извозот е отежнат.
И Русија го намали својот извоз на нафта со цел да изврши притисок врз земјите да го ограничат износот на помошта што и ја даваат на Украина. Намалувањето на извозот на руска нафта и украинскиот извоз на храна доведоа до недостиг и зголемување на цените.
Последна голема причина ни доаѓа од 5 октомври кога ОПЕК најави дека ќе го намали производството на нафта за 2 милиони барели дневно. Од ОПЕК смируваа дека ова е безбедна варијанта во случај на рецесија, но ваквиот потег доведе до вртоглаво зголемување на цените на горивата.
Покрај овие „главни виновници“ за кризата во која се наоѓаме, мораме да додадеме дека постојат и други причини што само ја надополнуваа кризата како што се слабото планирање на буџетот од државниот врв, слабото менаџирање и управување во услови на криза, невработеност, зголемување на минимална плата, замрзнување на цените на одредени продукти итн….
Кризата за прв пат јасно се почувствува во летните месеци јуни и јули каде што стапката на инфлација насекаде низ светот го достигнуваше ,,пикот“. Во САД, во тој период, инфлацијата го доживува најголемиот пораст во последните неколку години и се искачува до стапка од 9,1%. Во Евроспката Унија, сликата е подруга. Најголемата стапка на инфлација, ЕУ ја доживува во октомври 2022 година со просечна стапка од 11,5% од членките во Унијата.
Според реномираниот портал Trading Economics, стапката на инфлација во Македонија летото 2022 година била 16,8% проценти, што е историски највисока стапка на инфлација во земјата од нејзиното осамостојување во 1991 година. Инфлацијата била висока и во другите земји од поранешна Југославија: Словенија (11%), Србија (13,2%), Хрватска (12,3%), Црна Гора (15%) и Босна и Херцеговина (16,7%). Сите наведени земји имаат пониска инфлација во однос на Македонија. Сепак, сите овие земји достигнале историски највисока стапка на инфлација.
Слабото менаџирање од властите може да доведе до зголемени проблеми во државата на секаков можен план. Ваков негативен пример ни даваат две големи држави како Турција и Аргентина. Иако се доста далечни држави, особено Аргентина, мораме да ги земеме предвид, бидејќи нели, „на грешките се учи“.
Во Турција во октомври годинава е измерена стапка на инфлација од вртоглави 85,51%. Една од главните причини за нивната висока инфлација е падот на нивната валута, лирата. Претседателот на Турција, Ердоган оди спротивно на сите правила на економијата кои велат дека во услови на инфлација, државата треба да ги покачи каматите кон комерцијалните банки. Уверен е во идејата дека покачувањето на каматните стапки ќе ја зголеми инфлацијата, а не дека ќе ја намали.
Во Аргентина ситуацијата е уште позагрижувачка. Таму инфлацијата достигнала 86,40% проценти во октомври. Според анализа на порталот El Pais Int. луѓето во Аргентина не живеат, туку преживуваат, што дава доволна слика за тамошната состојба.
Очекувања за 2023 година
Како што ги одбројуваме и последните денови од оваа година, многу е нормално размислувањата да ги насочиме и кон следната 2023 година. Голем број на светски аналитичари и политичари уверуваат дека ќе дојде до стабилизирање на инфлацијата. Сепак, сето тоа го кажуваат со голема доза резерва, вадејќи се на тоа дека се ќе биде во ред доколку не се случат поголеми шокови во светот.
За почеток, министерката за финансии на САД, Џенет Јелен, уверува дека инфлацијата ќе се намали. Таа верува дека до крајот на следната година ќе бидеме сведоци на значително пониска инфлација, доколку не дојде до неочекуван шок, рече Јелен во интервјуто за „60 минути“ на „Си-Би-Ес“. Запрашана за веројатноста за рецесија, поранешната претседателка на Американската централна банка (ФЕД) одговори дека постои таков ризик.
Според Европскиот комесар за економија, Паоло Џентилони, цените се очекува да се намалат во 2023 година, инфлацијата сѐ уште се предвидува да биде на 7% во ЕУ и 6,1% во еврозоната, пред да се намали на 3% во ЕУ и 2,6% во еврозоната во 2024 година. Прогнозата на ЕУ се заснова на претпоставката дека геополитичките тензии како што е војната во Украина нема да се нормализираат ниту да ескалираат и дека санкциите против Русија ќе останат на сила.
Европската централна банка во меѓувреме трипати ги зголеми каматните стапки оваа година за да се справи со растечките цени. Банката би можела да продолжи да ги зголемува каматните стапки, што влијае на комерцијалните банки, што значи дека хипотеките и кредитните картички ќе станат поскапи.
Кога станува збор за состојбата во Македонија ставовите и мислењата се умерени. Во 2023 година се очекува стабилизација на состојбата, но тоа би се случило кон средината на годината. Прогнозите покажуваат дека инфлацијата, поскапувањата и високите каматни стапки ќе ја одбележат и следната година, но дека стабилизација на каматните стапки и растот на цените треба да се очекува од средината на 2023 година.
Од Владата и предлог буџетот за 2023 година се очекува инфлацијата да се намали на околу 7 проценти што е доста оптимистички. Според Сања Маџаревиќ–Шујстер, виш економист за земјите од Западен Балкан, Македонија е во групата на земји со умерен раст. Според неа, кризата ќе се намали, но сепак цените ќе се задржат на повисоко ниво за разлика од тоа на кое сме навикнати.
Исто така, таа истакнува дека Македонија во моментов е во најповолна положба за разлика од другите држави од Западен Балкан и има најсилен пакет од сите шест земји во смисла на поддршката која што се дава на фирмите и на домаќинствата гледано од фискална страна.
Се на се, можеме да согледаме дека сепак постои поголема доза на оптимизам, отколку на песимизам во погледите кон 2023 година. Дали овие предвидувања ќе се остварат или се кажуваат само за да се смири и онака лошото расположение кај народот, останува да видиме во претстојната година.
*Димитар Христов е магистер по политички науки во областа на ,,Применета политика и политичкиот систем“. Ги завршил своите студии на Правниот факултет ,,Јустинијан Први“ во Скопје.
**Блогот е објавен во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk. Оригиналната објава можете да ја прочитате ТУКА.