Во 2007 година, Чиле во иста мера зависеше од увезениот природен гас од Аргентина како што денес Германија зависи од природниот гас од Русија. Меѓутоа, соочена со ненадеен шок во снабдувањето, чилеанската влада успеа да ја ублажи економската штета и да ги постави темелите за пренасочување на земјата кон обновливи извори на енергија.
Во средината на 2007 година, за време на нашите министерски мандати во владата на Чиле, добивме телефонски повик од кој сега стравува секој германски политичар и бизнисмен. Ни беше кажано дека увозот на природен гас од соседна Аргентина, единствениот снабдувач на Чиле, ќе биде прекинат преку ноќ. Како и денес Германија, Чиле во огромна мера зависеше од увезениот гас за производство на електрична енергија, гориво за индустриски постројки и греење на домовите. Затоа, шокот можеше да остави разорувачки последици; но, благодарение на низа итни мерки, Чиле се извлече од кризата.
Ова искуство нуди корисни лекции за Германија и другите европски земји кои наскоро може да го изгубат пристапот до рускиот гас – затоа што одлучиле да престанат да го субвенционираат рускиот напад или затоа што Кремљ одлучил да го испрати својот гас на друго место.
Во првата деценија од 21 век, Чиле ја сметаше својата употреба на увезен природен гас како прва фаза од транзицијата кон зелена економија. По договорот од 1995 година со Аргентина, чилеанските фирми и владини агенции потрошија десетици милијарди долари за да ја опремат односно да ја преиначат економијата за да работи на природен гас, наместо на понечисти извори на енергија како јаглен и дизел. Овие инвестиции резултираа со изградба на седум цевководи преку Андите и инфраструктура за дистрибуција на гас во повеќето големи градови. Набргу потоа, низ целата земја никнаа електрани со комбиниран циклус на гас.
Сè се одвиваше според планот до моментот кога политички мотивираните креатори на политики во Аргентина дозволија домашната цена на природниот гас да заостане зад инфлацијата. Последиците беа предвидливи: аргентинските фирми за нафта и гас ги намалија инвестициите и понудата, а потрошувачката од фабриките и домаќинствата вртоглаво порасна. Кратко време се зборуваше дека гасот е толку евтин што луѓето ги отвораат прозорците, наместо да го намалат термостатот кога некоја просторија ќе стане премногу топла.
Меѓутоа, Аргентина набрзо се најде без доволно гас за да ги задоволи локалните потреби, што ја натера Перонистичката влада да преземе чекор што Перонистичките влади често го преземаат: откажување од договор. Испораките од Аргентина осцилираа од 2004 година, годината кога започнаа тешкотиите со домашната понуда. Но во средината на 2007 година, над 90% од договорените испораки едноставно престанаа да течат.
Чиле се најде во катастрофална ситуација. Водените акумулации останаа празни поради сушата, па затоа хидроенергија не беше можно решение; а нафтата се тргуваше по околу 140 долари за барел, така што согорувањето дизел и други нафтени производи за напојување на фабриките и загревање на домовите беше невообичаено скапо. Истовремено, тоа беше и првата година од глобалната финансиска криза, што значеше дека чилеанскиот извоз во Северна Америка и Европа наскоро ќе претрпи удар.
Чилеанската влада целосно се зафати со справување со кризата. Првиот очигледен чекор беше да се стави крај на зависноста на Чиле од аргентинскиот гас. Ја забрзавме изградбата на терминал за течен природен гас и почнавме да градиме втор објект. Капацитетот за складирање течен природен гас не можеше да се изгради преку ноќ (првиот чилеански објект немаше да биде завршен до 2009 година), но штом ќе се инсталираат вапоризаторите, регасификацијата може да продолжи додека бродовите обезбедуваат привремено складирање.
Го забрзавме и проширувањето на соларна и ветерна енергија. Кога настапи шокот со гасот од Аргентина, она што се сметаше за можност што би можела да се искористи во иднина одеднаш стана итен императив. Владата го усвои првиот закон во Латинска Америка за регулирање на обновливите извори на енергија и почна да обезбедува гаранции за ублажување на ризикот за новите приватни добавувачи, така што можеше да се започне со помалите хидро, соларни и ветерни проекти.
Но, бидејќи немаше можност сите нови енергетски резерви да бидат зелени, владата неволно притисна некои индустриски постројки и генератори на електрична енергија повторно да се преиначат на горење дизел. Тоа беше нечист и скап потфат, но се сметаше за прифатлив како краткорочна мерка за премостување на јазот во снабдувањето додека се градат нови хидро, соларни и ветерни постројки.
Дури и тогаш, новите извори на снабдување не беа доволни за да се одржи вкупната потрошувачка на енергија на нивоа пред кризата, па владата започна национална кампања за енергетска ефикасност. Дистрибуираше економични светилки, обезбеди средства за подобрување на изолацијата во домовите, го продолжи летното сметање на времето и работеше со компаниите за електрична енергија за да обезбеди преодни субвенции за фирмите, со што се намали потрошувачката. Вкупната употреба на електрична енергија падна за 10% во текот на 2008 година.
Од суштинско значење беше тоа што чилеанската влада беше во можност да се спротивстави на политичките притисоци за ограничување на домашната цена на струјата и нафтата. Обидот да се намали потрошувачката додека вештачки се одржуваат ниски цени немаше да биде логичен.
За да го неутрализираме влијанието на повисоките цени на енергијата врз семејните буџети, на сиромашните домаќинства им обезбедивме парични трансфери и субвенции приближно еднакви по вредност на нивните дополнителни трошоци за енергија. Бидејќи чилеанскиот јавен сектор имаше многу низок јавен долг и огромни доларски резерви, овие дополнителни расходи не вклучуваа никаква макроекономска или финансиска дислокација.
Освен нејзината поголема економска моќ, Германија денес има три предности што Чиле ги немаше. Таа може да се потпре на капацитетите за течен природен гас во соседните земји, како што е Холандија. Може привремено да користи централи на јаглен и нуклеарни централи што неодамна беа затворени или за кои беше најавено затворање. И може да увезува струја ако соседите имаат вишок, бидејќи нејзината електрична мрежа е поврзана со остатокот од Европа.
Може да има живот без руски гас, но не без трошоци. За време на шокот со гасот од Аргентина, проценивме дека и покрај сите успешни мерки за ублажување, растот на чилеанското производство значително падна. Германија веројатно би можела да се соочи со слични трошоци. Но таа цена можеби е исплатлива ако наградата е слободата на Украина од руското угнетување и слободата на Европа од руската енергетска уцена.
Постои и друга потенцијална придобивка. Итните мерки на Чиле помогнаа да започне производството на сончева и ветерна енергија, со што земјата стана светски лидер во чиста енергија – 43,5% од нејзината енергија во 2021 година е генерирана од обновливи извори. Покрај тоа, терминалите за течен природен гас имаат трајна вредност, дозволувајќи му на Чиле – земја која не произведува природен гас – да извезува гас во Аргентина преку истите цевководи што порано се користеа за носење аргентински гас во Чиле.
Откако Русија ја нападна Украина, купувањето гас од страна на ЕУ му обезбеди на Кремљ дополнителни 37 милијарди долари со кои може да ја финансира агресијата. Причината за прекин на овие набавки е првенствено морална. Но, Европејците не треба да „ѕемнат за слобода“, како што поранешниот германски претседател Јоаким Гаук неодамна изјави.
Наместо тоа, тие можат да постапат исправно и да ги позиционираат своите економии за позелена, поотпорна иднина. Чиле покажа како.
Андрес Веласко и Марсело Токман
*Блогот е објавен во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk. Оригиналната објава можете да ја прочитате ОВДЕ.
Андрес Веласко, поранешен претседателски кандидат и министер за финансии на Чиле, е декан на Факултетот за јавна политика на Лондонската школа за економија и политички науки. Тој е автор на бројни книги и трудови за меѓународна економија и развој, а предавал и на универзитетите Харвард, Колумбија и Њујорк.
Марсело Токман е поранешен министер за енергетика на Чиле.