Младите бараат подобар живот надвор од државата, бидејќи доаѓаат до заклучок дека приватните компании и странските организации им пружаат поголема поддршка и повеќе ги вреднуваат отколку сопствената држава.
Во последниве неколку седмици во јавноста е актуелен случајот со малиот генијалец, основецот Дамјан Давков, кого системот категорично го отфрли поради отсуство на отвореност и на перспектива „надвор од кутијата“. Од друга страна пак, проблематично е тоа што самиот исклучок се направил со тоа што тој воопшто имал можност за учество на натпреварот, а револтот се јавува во моментот кога државата решава исклучокот да не го оствари до крај и да му ја ускрати паричната награда за освоеното прво место.
Како државата ги поттикнува одличните ученици и студенти?
Кога зборуваме за поттик, не се доведува во прашање само доминантно финансискиот елемент, туку и целокупните можности и терен кој го обезбедува државата во корист на оние најдобрите и најистакнатите. Во текот на додипломските студии имав можност да забележам дека во голем дел одличните студенти не се доволно забележани од страна на државата (во моментов освен конкурсите за стипендии не постојат други механизми за поддршка на одлични студенти како пракси, вработувања, истражувачки проекти итн.).
Државни средства за поддршка несомнено постојат – видливо е дека се прават напори за таргетирање и наградување на младите со висок успех. Министерството за образование и наука секоја година распишува конкурси за стипендирање на ученици и студенти со висок успех, најчесто по модел на исплата на месечни износи, со цел да се покријат трошоците. Меѓутоа, ако ги согледаме недостатоците на процесите на стипендирање и финансиска поддршка, за жал предностите паѓаат во сенка.
Државните стипендии – проблеми и недостатоци
Да започнеме од процесот на аплицирање на конкурсите за стипендирање. До пред почетокот на пандемијата со КОВИД–19, односно до 2019 година, доставувањето на документи се вршеше физички, преку доставување на хартиени документи во архивата на МОН. Сметам дека е непрогресивно во најмала рака, да треба да започне светска пандемија и да се појават здравствени ризици за населението, за конечно во април 2020 година МОН да обезбеди начин за целосно електронско аплицирање без физичко доставување на потребните документи. Останува да се согледа дали оваа пракса на дигитализација на процесот на аплицирање ќе продолжи да се применува и по завршувањето на пандемијата.
Освен дигитализацијата на самото поднесување на документите, треба да се обрне внимание и на тоа каква документација се бара да се приложи од студентите – кандидати за стипендии. Сметам дека се бараат бројни непотребни документи, за почеток – потврдите за положени испити. Студентските индекси ги содржат сите потребни информации во врска со тој дел од документацијата – положените испити и впишаните оценки. Настрана од тоа, хартиените потврди за положени испити стануваат голгота и огромен недогледен лавиринт кога студентските служби не располагаат со потребните пријави за испит – загубени се или не се доставени навреме, а без нив службата не може да ја издаде потврдата за положените испити.
Следствено на процедурата за апликација е процесот на селекција и доделување на стипендиите – фаза во која се јавуваат најголемите проблеми. Чест проблем за којшто се жалат добитниците на државни стипендии е доцнењето на исплатата. Ако стипендиите имаат за цел да ги покријат тековните трошоци, тогаш чуму исплаќањето по неколкумесечно доцнење, кога веќе сите трошоци се подмирени? Медиумите често се занимаваат со овој проблем и се обидуваат да обезбедат еден вид на ажурност и свест по ова прашање, па неретко читаме вести кадешто добитници на државни стипендии се жалат дека средствата не им помогнале во момент во кој им биле потребни.
Тоа за жал беше случај и во екот на пандемијата, кога на студентите им беа потребни средствата кои ги заслужиле преку стипендиите повеќе од кога било. Студентите се жалат и дека исплатите некогаш им стигнуваат дури во месец јуни, кога веќе сите семестрални и годишни трошоци се подмирени. Иако досега немало одговор зошто се доцни со исплатите, на почетокот на 2021 година МОН излезе со соопштение дека повеќе нема да има доцнење на исплатите на стипендиите, бидејќи процедурата сега е забрзана и напредната, а ефектите од ваквото модернизирање на постапката останува да се видат во текот на оваа тековна академска година.
Дали е доволна финансиската поддршка?
Трет аспект на државните средства за поддршка на кој треба да му се обрне внимание е сувопарноста која произлегува од строго финансиска поддршка. Нема сомнеж во тоа дека финансиската помош е една од најзастапените и најкорисните форми на поддршка за младите таленти. Меѓутоа, не треба да биде единствен, посебно кога се работи за успешни студенти.
Државата во соработка со Универзитетите постојано треба да спроведува своевиден headhunting процес преку којшто, настрана од конкурсите, активно ќе ги забележува одличните студенти и ќе помага во нивниот напредок на професионално ниво. Исто така, добар пример за унапредувањето на образовните процеси и поддршка на учениците и студентите е Стратегијата за образование, наука и технологија донесена од ЕУ во соработка со хрватското Министерство за образование.
Тоа се спроведува преку пракси во државни институции, обезбедување на работни места во државните органи, можности за дополнително учење, финансирање на обуки, проекти и уште многу други операции. Во нашата земја, овие поотворени начини на поттикнување и вреднување на младите таленти се извршуваат најчесто преку приватни компании, фондации и организации.
Ова е уште еден фактор кој придонесува за иселување на младите од државата, бидејќи тие доаѓаат до заклучок дека приватните компании и странските организации им пружаат поголема поддршка и повеќе ги вреднуваат, отколку државата, па поради тоа, не ја гледаат причината да останат и да го искористат своето знаење и талент во Македонија. На пример, приватните универзитети во земјава даваат можности за трансферирање на одлични студенти по многу поповолни цени отколку студирањето на државен универзитет. Исто така, компанијата Еуролинк Осигурување секоја година ги стипендира најдобрите студенти на Правниот факултет при УКИМ.
Креативизирање на системот
Согледувајќи го сѐ ова, може да се дојде до краен заклучок дека системот има потреба да се „креативизира“. Концептот на шаблоните одамна е напуштен во светот, па затоа крајно време е да почне да се напушта и кај нас. Оваа држава е полна со млади таленти, ученици и студенти кои фанатично учат, работат и постигаат исклучителни резултати, а отворањето на системот кон нив би претставувало огромна бенефиција за органите на управата, напредокот и модернизацијата на администрацијата и прогресивноста на општеството.
Не може да се одрече дека надлежните органи во последно време бележат напредок во поглед на поддршка кон младите и талентираните, меѓутоа потребна е целокупна организација во насока на поддржување на оние кои се издвојуваат. Добро би било доколку земјата се послужи со примери од регионот и од ЕУ, па така да почне да изработува целокупни и правосилни стратегии за поддршка на талентираните. Исто така, одлична инвестиција на државата би била доколку ги отвори вратите од институциите и државните органи за капацитетите кои многу ќе допринесат доколку им се овозможи да работат во рамки на системот. Со унапредување и осовременување на легислативата, посветеност од страна на државата, како и вреднување на успехот на одличните ученици и студенти, истите тие ќе придонесат во развојот, напредокот и подобрувањето на самата држава и општество.
*Симона Туфегџиќ е дипломирана новинарка при Правниот факултет „Јустинијан Први“ – Скопје. Во моментов ги изучува своите магистерски студии по меѓународна политика и дипломатија на Американскиот Универзитет на Европа – ФОН.
**Блогот е објавен во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk. Оригиналната објава можете да ја прочитате ОВДЕ.