[Став] Како и да гласам, Шкотска која ја викам дом повеќе нема да биде иста

Како и да гласам, Шкотска која ја викам дом никогаш нема да биде иста, пишува Хоуп Витмор од Шкотска за „Independent UK“ по повод најавениот референдум на кој жителите треба да се изјаснат дали сакаат независност или да останат дел од Велика Британија.

Untitled

„ Пред некој ден ги гледав 18-годишниците кои пристигнуваат за првата недела од бруцошката година и во шок сфатив дека поминале 10 години откако се преселив за моите студии во Шкотска. Освен кратки престои во Лондон и Франција, таму живеев  целото време, и иако не сум вистински „домородец“, чувствувам дека сега припаѓам овде.

Последните неколку месеци ме зафати возбудата поради референдумот. Можноста за независна Шкотска ме фасцинираше, како и обземеноста на многу од луѓето кои беа вмешани. Вооружена со тетратка и диктафон крстарев по улиците на Единбург, интервјуирајќи продавачи, сопственици на печатници – било кој што сакаше да разговара со мене.

Како што се приближувавме до денот на референдумот, моите пријатели планираат референдумски забави, прават „плејлисти“ и богат појадок за следното утро. Мислам дека не познавам личност во Единбург која размислува да спие ноќта на 18-ти, и сите сме возбудени од исчекувањето.

Затоа беше шок кога ме погоди тагата за претстојниот референдум и можев само да се чудам како не го почувствував порано. Дојде една вечер, додека трчав низ Холируд Парк и гледајќи надолу од Селсбури Крегс го видов градот обвиен од облак. Одеднаш сфатив дека што и да се случи наредната седмица, Шкотска повеќе нема да биде истата. Можеби трчав пребрзо и предолго,  немав јадено доволно, но имав вртоглаво чувство дека градот беше остров под мене, а јас отпловував подалеку.

Ова звучи премногу драматично, и треба да напоменам дека сé уште не знам за што ќе гласам. Кампањата „Да“, со нејзините бестрашни амбиции и левичарски тенденции дефинитивно е привлечна – да се стави ливчето во таа кутија би направило да се чувствувам смело и револуционерно. Спротивнaта пак „Не“ кампања е помирна и конзервативна. Се чини побезбедна, иако не сум сигурна ниту за тоа.

Но, не е заканата на „Да“ или „Не“ во која јас ја гледам промената на Шкотска каква што ја знам, туку неизбежните гнев и непријателство, кои веќе започнаа и ќе доминираат кога гласовите ќе се избројат. Колку потесна ќе биде разликата меѓу резултатите, толку поогорчена ќе се чувствува поразената страна, и ќе биде многу тешко да ја гледам земјата која ја нарекувам дом толку горчливо поделена.

Во мојата сопствена социјална група веќе гледам пријатели кои војуваат едни против други, толку убедени во нивната позиција што не можат да ја видат другата страна. На Фејсбук, она што започна како пријателско задевање се претвори во вжештена дебата, која понекогаш навлегува и во личните работи на учесниците. Неодамна, на роденденска забава пријателка изјави дека таа „не разбира како било кој, со барем трошка интелигенција би гласал За“. Сите замолчеа, пред едно девојче да промрмори „Всушност, јас гласам За“. Атмосферата стана ледена.

Како неодлучен гласач ме бомбардираа и двете страни. Еден пријател се грижи за фондовите за истражување на универзитетите ако Шкотска изгласа „За“, а друг тврди дека независната Шкотска ќе биде подобра земја за сите. А кога станува збор за дискусии со другата страна, нивниот тон станува подрзок. „Подобри сме заедно? Не можам да ги поднесам“, „Ако сретнам уште еден постер ќе го искинам на парчиња“. Еден од моите пријатели, црвсто спротивставен на референдумот, вели дека оние кои ќе гласаат „За“ се „добри луѓе, но фатално неинформирани“. Друг ми кажа дека го видел како дели флаери за „Да“.

Во Талбот Рајс Галеријата на Универзитетот на Единбург има уметничка инсталација со два големи канистери полни со конфети. Доколку Шкотска изгласа независност, ќе бидат отворени и ќе ја полеваат топлата со конфети, а ако Шкотска изгласа „Против“, ќе останат така како што се и никогаш нема да бидат отворени. Без разлика дали ќе експлодираат или не, ова го знам со сигурност: На полошо или на подобро, Шкотска која јас ја познавам ќе биде сменета.“

Извор:Independent

Превод: С.Т.