Министерот за финансии не треба да е кум, баџанак, шура, братучед или самиот тој, бидејќи треба да даде отпор на честите политички, но не и економски барања на членовите на владата, пишува Горан Теменугов за Республика.
Или да си кум или наутро кога премиерот ќе се погледне во огледало, да се поздрави со „Како е министре за финансии?“. Времетраењето на мандатот на македонските министри за финансии е правопропорционалнo на нивната блискост со премиерот. Податоците за траењето на мандатот на министрите за финансии од осамостојувањето, па до денес велат дека само еден министер, Зоран Ставрески, бил подолго од три години на оваа функција.
Поточно, Ставрески, кој е кум на екс премиерот Никола Груевски, на функцијата беше 2.534 дена или нешто помалку од седум години. За да ја комплетираше седмата година, на Ставрески му недостасуваа 23 дена. Сите останати 11 министри за финансии, од 1992 година па до сега, не успеале да останат на функцијата полни три години, односно да заокружат четиригодишен мандат. Ако се направи ранг листа, втор по долговечност е Трајко Славески од ВМРО-ДПМНЕ, трет Никола Груевски – исто така од ВМРО-ДПМНЕ, а четврти Никола Поповски од СДСМ.
Период на вршење на функцијата министер за финансии
(во пресметката се вклучени деновите на именување и разрешување од министерската функција, како и дополнителниот ден во престапните години) |
||
Министер | Политичка партија | Министерска позиција (во денови) |
1. Зоран Ставрески | ВМРО-ДПМНЕ | 2.534 дена |
2. Трајко Славески | ВМРО-ДПМНЕ | 1.049 дена |
3. Никола Груевски | ВМРО-ДПМНЕ | 1.040 дена |
4. Никола Поповски | СДСМ | 1.022 дена |
5. Таки Фити | СДСМ | 1.009 дена |
6. Џевдет Хајредини | ПДП | 837 дена |
7. Драган Тевдовски | СДСМ | 756 дена |
8. Методија Тошевски | Експертска влада | 534 дена |
9. Јане Миљоски | СДСМ | 430 дена |
10. Борис Стојменов | ВМРО ДПМНЕ | 394 дена |
11. Петар Гошев | ЛДП | 372 дена |
12. Кирил Миноски | ВМРО ДПМНЕ | 351 ден |
Извор: Министерство за финансии*
*Веб-страницата на Министерството за финансии за досегашните министри не е ажурирана по смената на министерот Трајко Славески во 2009 г.
Најкратко на функцијата чувар на државната каса се задржа Кирил Миноски од ВМРО-ДПМНЕ кој за 14 дена не успеа да комплетира една година на министерската позиција.
Кои се успешни министри?
Но, дали времето на раководење со државната каса е критериум и за ефикасно планирање и реализација на макроекономските и фискалните политики? Дали освен Ставрески кој опстои скоро седум години како министер, неможноста на ниту еден друг министер за финансии да врзе цел четиригодишен мандат е поради лошите резултати?
Според анализата на Фајнанс Тинк, успешноста, ако се земе како параметар растот на бруто домашниот производ, не е фактор дали некој ќе остане на функцијата министер. Иако во оценката би требало да се земат повеќе критериуми, меѓу кои во кој временски период некој е министер и дали тогаш имало внатрешни или надворешни шокови, како што се конфликти, регионални или глобални светски кризи, внатрешна политичка нестабилност итн., анализата покажува дека најуспешни министри се оние кои не се врзани многу со лидерот на партијата која е на власт. Односно, водат автономна политика.
Триото најуспешни, Никола Поповски, Трајко Славески и Борис Стојменов имаа повеќе или помалку недоразбирања со нивните премиери, Владо Бучковски, Никола Груевски и Љубчо Георгиевски. Славески беше единствениот министер кој во 2009 година не го послуша Никола Груевски, не поднесе оставка, па беше сменет од Собранието. Притоа Славески јавно од говорница предупреди на опасностите од економските политики за кои се залага Груевски. Поповски, пак, спротивно на сите барања и очекувања на членовите и на раководството на СДСМ, водеше рестриктивна фискална политика и не купуваше гласови со буџетски пари пред изборите во 2006 година. Ова, според дел од членовите на СДСМ, било една од причините за поразот на тие избори.
Примерите со Поповски и Славески покажуваат две работи. Првиот, во случајот на Славески е дека министер кој тежнее(ше) кон понезависна политика. Но, бидејќи е во таканаречена „султан партија“, односно во партија каде лидерот е доминантна фигура во однос на партиските органи, тешко може да опстане на функцијата, па дури и самиот министер да е член на најтесното раководство на партијата. Во случајот на Поповски, пак, се покажува дека министер кој својата моќ ја црпи од партиската база, а лидерот на партијата, во тоа време Владо Бучковски кој го наследи Бранко Црвенковски, не се зацврстил на својата позиција и не ја претворил партијата во свој „султанат“, може да дејствува на најдобар начин во корист на добри фискални политики и да остане имун на внатрепартиските притисоци.
Лидерот на партијата над сите
Одовде веќе може да се постават контурите на профилот на министерот за финансии. Тој, освен што би спроведувал партиски предизборни програми, како што на пример Славески го спроведе рамниот данок и бруто платата, или Поповски што испорача рекорден економски раст без да го изложи буџетот на голем дефицит (буџетскиот дефицит за 2005 беше планиран на 44 милиони евра, а со ребалансот се намали на 15 милиони евра, односно само 0,3% од БДП), би требало да е одговорен, пред сè, пред граѓаните. Со државните пари, кои се пари на граѓаните, располага министерот за финансии и тој е браната од политичките желби за трошење на сите останати министри и на премиерот.
Одговорна политика, пак, може да води министер кој има интегритет како личност. Да има свој став и да не се плаши да се бори за него. Секако, ова е можно само во услови каде министерот за финансии има и реална политичка моќ, односно органите на неговата партија стојат зад него. Едноставно, да не може лидерот на партијата, кој најчесто е и премиер, лесно да го смени.
За жал, иако партиските статути и на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, дозволуваат каква таква внатрепартиска демократија, сепак реалноста е друга. Реалната моќ и во двете партии е сконцентрирана кај мал број луѓе, а доминантната фигура е лидерот. Првите луѓе на партиите имаат моќни алатки да именуваат/назначуваат и разрешуваат претседатели на партиски организации, што остава простор овие партиски функционери да зависат од волјата на претседателот на партијата. Примерот со таканаречената „Метла“ во Владата, најдобро покажа дека и актуелниот премиер Зоран Заев ја концентрирал моќта кај себе. Во редица изјави околу можните смени на министрите, се повторуваше ставот дека само Премиерот знае кој ќе биде разрешен и кои се новите имиња на министрите.
Иако Заев по првиот круг од последниве претседателски избори (2019 г.), вети дека сериозно ќе заигра „метлата“ во извршната власт, единствено кој реално беше сменет е само министерот за финансии Драган Тевдовски. На вицепремирот Хазби Лика кој се грижеше за спроведување на Охридскиот договор му се укина работното место и тој заедно со Тевдовски не си поднесоа оставки на функциите. Собранието ги разреши. Неочекувано, Заев се обиде да направи преседан и тој паралелно со премиерската функција сакаше да биде и министер за финансии. Бидејќи ова ќе било економска година.
Интересно, токму под водство на Тевдовски, годинава стартуваше одлично, со 4,1% на БДП во првите три месеци. А лани, второто полугодие пак заврши со раст над 3%. И тоа, при катастрофално реализирање на капиталните инвестиции кои продолжија и годинава, (но, треба да се има предвид дека реализацијата на истите зависи/зависеше од другите министерства).
Премиерот Заев, образложувајќи ги причините зошто сака да биде и министер за финансии рече дека „сите индикатори велат дека сме на вистински пат, дека се потребни храбри одлуки, потребно е поагилно менаџирање на финансиските ресурси“ и дека е задоволен од работата на Тевдовски. Но го кажа и она што реално е за стравување – дека ќе ги зголеми пензиите, и тоа за 1.000 денари. Ова би значело на годишно ниво дополнителни 60 милиони евра годишно од буџетот. И тоа во време кога со крајни напори министерствата за финансии и за труд и социјална политика го стабилизраа Фондот за пензиско и инвалидско осигурување и споведоа реформи кои треба да дадат резултати, но само ако строго се држат до планот.
Вториот показател дека дневната политика е подоминантна од законски проектираната макроекономска политика е лесно дадената изјава на премиерот дека треба да се направат храбрите чекори, па да се види дали ќе се банкротира или нема. Сериозен и елементарно одговорен министер за финансии никогаш не би изјавил вакво нешто, свесен за последиците од паниката и домино ефектот кои во миг можат да ја урнат економијата.
Фоторобот на министер за финансии
Оттука, нам ни треба домаќин со буџетските пари со силен личен и професионален интегритет, кој има поддршка во партијата.
Секако, чесноста, како критериум, се подразбира. Поголемиот дел од министрите за финансии немаа афери зад себе и добар дел од нив се вратија на старите занимања или преминаа во приватен сектор по министерувањето.
Затоа, министерот за финансии не треба да е кум, баџанак, шура, братучед или самиот тој, бидејќи треба да даде отпор на честите политички, но не и економски барања на членовите на владата. Секако, не треба да биде и медиокритет и нем послушник бидејќи видовме што добивме од нив бидејќи ги имавме во минатото: економијата не само што не растеше, туку многу работи се засадија накриво, а потоа тешко се исправаа. Дел од последиците на безрбетноста на мал дел од министрите се чувствуваат и денес.
Секако, ваков фоторобот би важел ако партиите се демократизираат. Засега има само најави дека опозициската ВМРО-ДПМНЕ ќе го менува својот статут и по иницијатива на актуелниот лидер, Христијан Мицкоски, се планира да се ограничи бројот на мандати на претседателот на партијата. Но, да видиме, па ќе пишуваме…