Кина гради речиси еден универзитет неделно. Тоа е дел од тивката револуција што предизвикува голема промена во составот на населението, во однос на дипломирани студенти, пишува директорот за образование на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) Андреас Шлајхер за BBC.
Со децении, САД има најголем процент на луѓе кои одат на факултет. Тие доминираат на пазарот со дипломирани. Показател за оваа предност се истражувањата кои велат дека меѓу луѓето на 55 и 64-годишна возраст, речиси една третина од сите дипломирани студенти во големите светски економии се граѓани на САД. Но, тоа се менува брзо кај помладите генерации. Во однос на создавање академски граѓани, Кина ја надмина САД и комбинираните универзитетски системи на земјите од Европската унија.
Јазот ќе станува уште поголем. Дури и скромните предвидувања покажуваат дека бројот на дипломирани студенти на 25 и 34-годишна возраст ќе порасне за 300 отсто до 2030 година, во споредба со очекуваниот пораст од околу 30 отсто во Европа и во САД.
Во Соединетите Американски Држави, студентите се обидуваат да си ги дозволат универзитетските трошоци. Во Европа, повеќето земји ставија кочница на проширувањето на нивните универзитети, така што или немаат јавни инвестиции, или не им дозволуваат на универзитетите сами да собираат пари. Но, ако Западот спиеше, Кина и други азиски земји, како Индија, се тркаа напред.
Не станува збор само за поголемиот број на студенти. Има поголеми шанси студентите во Кина и Индија да учат математика, науки, компјутери и инженерство – предмети кои се најпогодни за иновации и технолошки напредок. Во 2013 година, 40 отсто од кинеските студенти ги завршиле своите студии поврзани со овие предмети, двапати повеќе од американските студенти. Според ова, дипломираните студенти кои се сметаат како камен-темелник на економскиот просперитет најверојатно е дека доаѓаат од Кина или Индија.
До 2030 година, Кина и Индија може да сметаат на повеќе од 60 отсто дипломирани студенти на природни и компјутерски науки, во споредба со само осум отсто во Европа и четири отсто во САД. Земјите како Кина и Индија се обложуваат на иднината со ова. Со толкаво зголемување на луѓе во високото образование, конвенционалната мудрост може да претпостави дека вредноста на квалификациите ќе страда од „инфлацијата“.
Но, тоа не се случува. Во земјите на ОЕЦД со најголем раст на бројот на дипломирани, повеќето продолжуваат да гледаат зголемување на приходите. Ова укажува на тоа дека зголемувањето на „едуцирани работници“ не доведува до намалување на нивните плати, за разлика од начинот на кој технолошкиот напредок и глобализацијата ја намалија заработката на лошо образованите работници.
Во минатото, земјите-членки на ОЕЦД се натпреваруваа главно со земји кои нудат ниско-квлификувана работа со ниски плати. Денес, земјите како што се Кина и Индија почнуваат да нудат високи вештини со умерена цена.
Западот не може да се натпреварува со држење на остатокот од светот надвор од неговиот економски систем. Постојат многу примери на европски земји кои стагнираа во текот на минатиот век бидејќи се обидуваа да го направат токму тоа.
Огромната инвестиција во образованието во Азија покажува дека пониските трошоци за производство, може да бидaт само една преодна стратегија за да се претрка западниот свет на врвот на производствениот опсег.
Вистинскиот предизвик за западните земји е да се подготват за идната конкуренција со азиските економии во секторот на знаење. Меѓутоа, некои се сомневаат во квалитетот и релевантноста на дипломите стекнати во Кина. Всушност, таму се уште нема директни мерки кои овозможуваат споредба на резултатите од учењето на дипломираните студенти во различни земји и универзитети. Но, Кина му покажа на светот дека е можно истовремено да се подигне квалитетот и квантитетот во училиштата.
При последното Пиза тестирање, се покажа дека 10 отсто од најзагрозените 15-годишни ученици во Шангај имале повисоки резултати по математика, наспроти 10 отсто од најпривилегираните 15-годишни ученици во САД.
Брзата експанзија на високото образование во Кина покажува колкав предизвик му престои на Западот и покажува дека иднината не зависи од традицијата и минатата репутација. Успех ќе постигнат оние поединци, универзитети и земји кои брзо се прилагодуваат, слабо се жалат и се отворени за промени. Задачата на владите ќе биде да осигураат дека нивните земји ќе одговорат на овие предизвици.