Инсистирањето на мешање на политичките и финансиските услови за добивање на кредити од ЕУ за инфраструктурни проекти, придонесува во оддалечување на балканските земји од ЕУ.
Соработката на Македонија со Кина не датира од времето на бившиот премиер Никола Груевски и на еднодецениското владеење на ВМРО-ДПМНЕ, туку уште од осамостојувањето на државата. Изградбата на термо-електраната „Козјак“ во 1994 година била финансирана од кинeски заем од 80 милиони долари, а соработката продолжува понатаму во рамки на проектот „Појас и Пат“, поточно иницијативата „17+1“, во чии рамки влегуваат и патиштата досега изградени во Македонија од кинески компании.
Делницата Миладиновци – Штип е веќе пуштена во употреба, но делницата Кичево – Охрид стана историска. Оваа често споменувана делница што се’ уште не е довршена и чии трошоци за изградба скокнаа на 600 милиони евра, редовно се става во контекст со односот на западните медиуми кон Кина.
Редовно кинеските кредити и заеми за инфраструктурни инвестиции се обележувани како токсични, корозивни и како пари кои носат само долгови на државите кои позајмуваат од Кина. Во случајот со овој проект, податоците покажуваат на многу пропусти во проектната документација што придонело до зголемување на трошоците на изградба.
Ако сакаме некого да обвиниме за овој случај, не треба да се вртиме само кон кинеската банка, туку и кон македонската влада која ги потпишувала договорите и кон тоа колку процедурата беше транспарентна. Отсуството на транспарентност создава простор за манипулации на јавноста кој и колку е виновен за ова одолговлекување и зголемување на сумата на кредитот.
Сличен пример за тоа е и автопатот Бар-Бољаре, кој ги поврзува двете страни на Црна Гора, северната и јужната, и претставува огромно олеснување во патувањето за сите кои одлучиле да го посетат црногорскиот брег. Од друга страна, овој пат поминува низ кањонот на реката Морача кој поради опасните кривини, со децении беше место на многу сообраќајни несреќи.
За автопатот црногорската влада зеде кредит од кинеската EXIM банка од повеќе од 800 милиони долари кој често беше истакнуван како пример за таканаречената „долг-замка дипломатија“ (debt trap diplomacy) на кинеската влада: Одобрување на поволни кредити за инфраструктурни проекти на земји, за подоцна, поради наводно лошите услови на кредитите, трошоците да се зголемуваат и земјата-должник да мора да отстапи државна сопственост на Кина како форма на отплата на долгот.
Но, наспроти црните најави за конфискација на државно земјиште, Црна Гора веќе во 2021 година, преку таканаречен хеџинг аранжман (договор со три западни банки), успеа да ја исплати првата рата на кинеската банка во висина од 28 милиони евра.
Дополнително, од Министерството за финансии на Црна Гора изјавија дека државата е во стабилна финансиска состојба и дека е ликвидна да ги подмирува долговите додека одредени црногорски експерти тврдат и дека кредитот кој е земен за овој автопат бил најповолен на пазарот, со 20 години oтплата, 6 години грејс период и каматна стапка од 2 проценти.
Сега засега, ништо од фамозната конфискација на државна сопственост на која толку гласно и драматично повикуваа многу новинари и експерти.
Уривање на должничкиот мит
Во морето на експертски и академски „мегафони“ за наводната должничка дипломатија на Кина, се најдоа малку, но сепак вредни, академски фигури кои успеаја да го урнат овој мит. Професорката Дебора Браутигам од Универзитетот „Џонс Хопкинс“ во САД, со својот тим успеа во два наврати, во 2021 и 2022, да ги анализира билатералните договори кои Кина ги потпишала со држави во Азија и во Африка за инфраструктурни инвестиции.
Како единствен и најчесто споменуван пример на очекувана, но сè уште нереализирана конфискација на државен имот поради неплатени долгови, се дава примерот на пристаништето Хамбантота во Шри Ланка.
Извор: balkaninsight.com
Реконструкцијата на ова пристаниште ја финансирала кинеската EXIM банка уште во 2007 година, но поради граѓанската војна во Шри Ланка и многубројните промени на владите, реконструкцијата одела бавно.
Кинеските власти финансиите ги одобриле пет години пред објавувањето на проектот „Појас и Пат“ кој ја стави Кина на светската карта на инвеститори. Ова пристаниште се најде во фокусот на западните медиуми како пример (веќе докажано лажен) за инвестиција по која ќе падне во рацете на Кинезите како наплата за невратен долг, кога администрацијата на американскиот претседател Трамп го посочи како следна кинеска воена база. Пристаништето сè уште е сопственост на државата Шри Ланка.
Кинеските кредити од странa на западните медиуми, меѓународните и регионалните експерти се обележуваат како токсични и опасни за државите позајмувачи, бидејќи постои клаузула за конфискација на државно земјиште поради неплатен долг. Оваа клаузула е редовна пракса за секој државен договор кој се потпишува со банка заемодавец и не е ништо спорно.
Еден од спорните моменти каде Кина „паѓа“ е недостатокот на транспарентност на билатералните договори и договорите во „четири очи“ со заобиколување на тендерските процедури. Но, Западниот Балкан, па дури и Грција, имаат силен недостаток на патна и железничка инфраструктура и комплицираните процедури за аплицирање и добивање на финансии од ЕУ за овие инвестиции, создаваат простор кој Кина го пополнува.
Ако се направи споредба на кредитните услови кои ги нудат ЕБРД (Европската банка за обнова и развој), ЕИБ (Европската инвестициона банка) и останатите европски банки кои даваат кредити на земјите од Балканот, со кинеските ЕXIM и CBD (China Development Bank), разликата не е голема.
Периодот на отплата на долгот е 15 до 20 години, грејс периодот е пет до седум години, каматата варира од еден до три проценти. Договорите можат да варираат еден од друг бидејќи се потпишуват билатерално, но разликите во условите не се големи. Секаде постои клаузулата на конфискација на имот, но една разлика е многу битна.
Додека ЕБРД силно се потпира на усогласена внатрешна политика на државата која го зема кредитот со политиката на ЕБРД до степен да ги стопира исплатите на кредитот за држава отстапува од иста линија на политика со ЕБРД, кинеските банки немаат никаков политички услов.
Кинескиот принцип на немешање во внатрешната политика на државите кои земаат кредити од Кина создава огромна разлика помеѓу кинеските и европските банки.
Транспарентност и немешање на политиката во инвестициите
Каков билатерален договор ќе потпишат државите, најмногу зависи од политичарите. Транспарентноста е клучен проблем за земјите од Западен Балкан и за Кина, додека од друга страна, инсистирањето на мешање на политичките и финансиските услови за добивање на кредити од ЕУ за инфраструктурни проекти, придонесува во оддалечување на балканските земји од ЕУ.
Недозволиво е мешањето на еден билатерален проблем, како наметнатиот проблем на Македонија со Бугарија, да го стопира патот на земјата кон ЕУ каде има повеќе финансии за инфраструктурни инвестиции.
Европскиот инвестиционен план за Балканот ги акцентира добрите соседски односи како еден од многуте услови на ЕУ за финансии на Балканот. Наметнување на апсурден и непристоен билатерален проблем, како услов за поддршка за развивање на државата, е очигледен знак на отсуство на желба за примање во ЕУ.
Од друга страна, Кина ги користи овие бизарности за да го прошири своето присуство, а со тоа и своето влијание.
Ревизија на односот кон Балканот е потребна на сите страни. На Кина и треба транспарентност, на ЕУ и треба намалување на мешањето на политиката со финансиите таму каде што не и е местото. Нам ни треба внимателност во потпишување на договорите за заеми и кредити за инфраструктурни инвестиции.
Додека овие работи не се решат, ние – на Балканот ќе си останеме со недовршени патишта и збунети на која страна да се свртиме за пари и помош.
*Соња Стојадиновиќ е родена во 1979 година во Велес. Таа е дипломиран политиколог на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, кадешто магистрирала на отсекот Меѓународна политика на тема „Ненасилната борба во политиката: фактори за успех и неуспех“. Работи како фриленс автор за хрватските регионални портали Lupiga и Bilten и е активист на левичарското движење Солидарност.
**Блогот е објавен во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk. Оригиналната објава можете да ја прочитате ТУКА.