Справувајќи се со голем број кризи истовремено, градовите мора да посветат повеќе внимание на плановите за ублажување на катастрофите и одговор при катастрофи и да инвестираат во зајакнување на отпорноста.
Иако човештвото веќе подолго време ги обликува животните средини така што ќе одговараат на неговите потреби, се чини дека неконтролираните и алчни постапки ни се одбиваат од глава. Загубата на зелено и плодно земјоделско земјиште поради нови згради и инфраструктура, прекумерната експлоатација и неефикасната потрошувачка на ресурсите за поддршка на растечкото население и животниот стандарди се само неколку примери.
Градовите испуштаат околу 70% од вкупните глобални емисии на стакленички гасови, па затоа тие се еден од главните фактори што придонесуваат за глобалното затоплување. Сепак, дури и ако се засилат глобалните напори и ако се успее да се ограничи глобалното затоплување на 1,5°C до 2030 година, негативните последици од сегашното затоплување и натаму ќе бидат присутни.
Лошо урбанистичко планирање и градежен развој = зголемени ризици од климатските промени
Во светот, многу градови, како во развиените земји така и во земјите во развој, веќе се справуваат со ефектите од климатските промени. Градовите во Западен Балкан не се исклучок бидејќи регионот е едно од жариштата на глобалното затоплување.
Косово веќе сведочи пораст на температурите, а последните две децении беа најтоплите досега. Ова е придружено со зачестени топлотни бранови, суши, шумски пожари и поплави.
Иако штетите од поплавите беа главно финансиски (како штети на земјиште или земјоделски култури, рушење или влошување на инфраструктурни објекти и згради и загрозување на структурата на историски знаменитости) во повеќето општини досега, за време на поплавите во јануари 2021 година, луѓето мораа да бидат евакуирани на Косовско поле и Ѓаковица, додека во поплавите во јуни 2023 година петгодишно дете и неговата мајка загинаа во Пеќ. Во поплавите во јануари 2023 година, само една општина, Скендерај, претрпе штета од речиси 12 милиони евра предизвикана на имот и инфраструктура.
Неефикасното урбанистичко планирање, градежен развој и градско управување придонесуваат за зголемени емисии на стакленички гасови и загадување, но исто така може да ја зголемат изложеноста и ранливоста кон сегашните или очекуваните влијанија од климатските промени. Во периодот 2000-2018 година, вкупната урбана површина во Косово порасна за 57%, зголемувајќи се од 1% од вкупната територија на 1,5%. Миграцијата од рурални кон урбани средини, заедно со недостатокот на институционални капацитети, лошото планирање и спроведување на документите за првично просторно планирање, како и долгите процедури за добивање градежни дозволи беа некои од факторите што придонесоа за нови дивоградби што се појавуваат на целата територија на Косово – вклучително и ризични области.
Косовската стратегија за климатски промени 2019-2028 година ја идентификува неконтролираната урбанизација, несоодветната намена на земјиштето и општинското планирање, дивоградбите во опасни подрачја и неусогласеноста со правилата за градба како фактори кои придонесуваат за зголемени климатски ризици.
И покрај тоа што севкупниот развој беше поконтролиран во последниве години, сè уште неефикасно се користи и развива земјиштето, со ексурбанизација и губење на отворените и зелени урбани простори поради новите градби.
Според студијата на Регионалниот совет за соработка, во регионот на Западен Балкан се очекува затоплување од 1,7 до 4 °C. до крајот на овој век. Температурите во планинските подрачја ќе бидат во пораст, а со тоа ќе предизвика помала снежна покривка и зголемени пролетни поплави. Во урбаните средини се очекуваат зголемени температури, недостиг на вода, но и поројни поплави. Овие појави имаат штетни ефекти врз здравјето на луѓето, физичката инфраструктура, земјоделската продуктивност, екосистемите, биодиверзитетот и испораката на услуги.
Тие водат до повисоки економски трошоци и ги влошуваат социјалните разлики бидејќи не сите имаат еднакви можности за преселба или адаптација.
Според истражувањето од 2021 година спроведено од UN-Habitat Kosovo во сите 38 општини, многу општини почнале да преземаат некои мерки за да се прилагодат на климатските промени. На пример, Липљан, Гњилане, Пеќ, Клина, Штрпце, Јужна Митровица и Зубин Поток го ограничија неконтролираното проширување на населбите и го ограничија градењето во ризичните подрачја преку нивните планови за развој на општините, додека Вучитрн и Сухарека ги мапираа областите подложни на поплави во рамките на нивните мапи за општинско зонирање, за да се намалат ризиците и да се зголеми заштитата на заедницата, инфраструктурата и земјоделското земјиште.
Пеќ, Јужна Митровица, Ѓаковица и Раховец и Ранилуг, исто така, ги реконструираа своите речни корита како мерки за заштита од поплави. Зубин Поток , Штрпце , Ранилуг и Витина презедоа мерки за обновување на оштетените екосистеми од пожари, додека Јужна Митровица, Звечан и Теранда инвестираа во зголемување на зелените површини.
Меѓутоа, бидејќи штетите и загубите од наведените влијанија продолжуваат да се зголемуваат во речиси сите општини, потребна е многу поголема посветеност, подобро планирање и попаметни инвестиции.
Справувајќи се со голем број кризи истовремено, градовите во денешницава мора да посветат повеќе внимание на плановите за ублажување катастрофи и одговор при катастрофи и да инвестираат во зајакнување на отпорноста. Имајќи го предвид регулаторниот карактер и влијанието во однос на просторната распределба на активностите и интензитетот на користење на земјиштето, просторното планирање добива сè позначајна улога во управувањето со климатските промени.
Урбанистичките планери и проектанти поседуваат уникатни вештини (работат на различни размери и нивоа, користат различен софтвер и анализа водена од податоци, како и повратни информации од заедницата) и размислуваат долгорочно, затоа можат да дадат подобра поддршка за разбирање на пошироката слика и балансирањето на просторните потреби на заедницата.
Полека се движиме кон нето-нула иднина
Додека многу земји и градови ширум светот ги направија климатските промени составен дел од нивната правна рамка и развојни стратегии, една студија од 2022 година покажува дека сегашниот Закон за просторно планирање и Просторниот план на Косово не ги вклучува доволно аспектите поврзани со климатските промени.
Интегрирањето на аспектите на климатските промени во различни сектори, вклучително и просторното планирање, е од клучно значење за градење отпорност и постигнување нето-нула иднина.
Сепак, со ограничени човечки и финансиски капацитети, приспособувањето на климатските промени во косовските општини станува потешко; со што се зголемува ранливоста кон климатските промени. Дополнително, постојниот контекст (како што е непочитувањето на просторните планови, дивоградбите и неформалните населби) ја зголемува изложеноста на поврзаните влијанија. Од друга страна, недоволните податоци за животната средина и климатските промени го отежнуваат планирањето за климатски поотпорна иднина.
Со оглед на тоа, постои потреба од зголемено истражување, градење капацитети и инвестирање во климатската адаптација и градењето отпорност.
*Фјола Цака е архитектка, социолог и урбанистичка планерка од Приштина (Косово), која работи на одржлив, инклузивен, отпорен развој на градовите и заедниците, со ниски јаглеродни емисии. Таа е докторантка и предавач на Универзитетот на Југоисточна Европа (Северна Македонија), како и Амбасадорка за климатски промени на GYCN за Косово од 2021 година.
**Текстот е објавен како дел од иницијативата „Приказни од регионот“ која ја спроведуваат Рес публика и ИКС, во соработка со партнерите од Косово (Sbunker), Србија (Autonomija), Босна и Херцеговина (Анализирај.ба), Албанија (Exit News), и Црна Гора (PCNEN), во рамки на проектот „Користи факти“ кој се реализира од ИКС, со поддршка на Британската амбасада во Скопје. Ова издание на Приказни од регионот е исто така спроведено во партнерство помеѓу ИКС и проектот UPSURGE, финансиран во рамки на Хоризон 2020 на Европската Унија според договорот за грант бр. 101003818. Оригиналниот текст може да го прочитате ТУКА.