Во еден миг, во медиумите можеше да прочитате и дека „Тајлол хот“ (прашок со парацетамол, употребуван за лекување настинка) во комбинација со ракија лекува КОВИД-19, иако комбинацијата од алкохол и парацетамол може да биде многу опасна.
Што од медиумските написи е вистинито, а што не? За многу жители на Србија ова прашање стана значително поважно дури во март претходната година, кога новиот коронавирус, официјално, стапна и во нивната земја. Во тие мигови, вистинитоста на известувањето од медиумите стана здравствено релевантна, а врз новинарите падна голема одговорност затоа што нивната несовесна работа во новонастанатата состојба некого можеше да го чини и живот. Сепак, многу новинари во Србија и во регионот продолжија да се водат од политиката на профит, користејќи цунами од различни информации за новиот вирус, а заради лесно стекнување прегледи, кликови, реакции и коментари што носат пари.
Се разбира, не баш сите информации што дојдоа до медиумите во тоа цунами беа вистинити, научно втемелени или релевантни. Редакциите на српските портали за проверка на факти „ФејкЊуз Трагач“ и „Раскрикавање“, набрзо по официјалниот почеток на пандемијата, отворија посебни оддели на своите сајтови, посветени исклучиво на дезинформациите поврзани со коронавирусот. За само два месеци, помеѓу март и мај претходната година, „ФН Трагач“ воочи околу 50 лажни наводи за коронавирусот во медиумите, на социјалните мрежи и во апликациите за разговор. Во текот на почетните денови од пандемијата во Србија, редакцијата на „ФН Трагач“ понекогаш дневно воочуваше и по четири дезинформации од медиумите или од интернет.
Лаги на социјалните мрежи и нерецензирани научни истражувања
Борбата против дезинформациите тогаш за првпат во поголем обем се водеше и против објави коишто, главно преку интернетот, беа ширени од обични граѓани, а не од медиуми. Истражувањето објавено во 2014 година покажа дека луѓето во текот на катастрофи почесто им веруваат на пријателите и на семејствата како извор на информации отколку на масовните медиуми. Поради тоа, големата задача на порталот за проверка на факти на почетокот од пандемијата беше токму проверка на информации што доаѓаа од луѓе блиски до граѓаните, а коишто, како што често беше случај, се целосно неточни.
Плакнење на грлото со разновидни напивки; оставање на обувките пред влезните врати заради превенција од зараза; задржување на здивот како своевиден тест за позитивност на КОВИД-19; лимон и сода бикарбона како лекови против новиот вирус – се само некои од наводите што се ширеа низ социјалните мрежи и апликациите за муабетење во Србија. Ваквите објави главно беа создавани во странски држави, каде што до мигот на појавувањето во Србија веќе беа прогласувани за невистинити. Тоа што дополнително загрижува е фактот дека непроверени информации од социјалните мрежи се ширеа и преку медиумите што се должни да ја проверат вистинитоста на информациите пред нивното објавување. Дури 13 медиуми пренеле некоја од пет дезинформации од социјалните мрежи и апликации за муабетење, воочи „ФН Трагач“ во март претходната година, што не е единствен пример за ваквата несовесна практика.
Дополнителна несовесна практика во медиумите е илустрирана низ ширењето сомнителни резултати од нерецензирани научни трудови поврзани со новиот коронавирус и болеста предизвикана од него, КОВИД-19. Оваа појава е особено опасна, затоа што на медиумските консументи, заедно со аргументи во вид на истражувања што изгледаат легитимно, како научно втемелени им се претставени факти што, во најмала мера, се непроверени.
Имено, сајтот што се занимава со објавување нерецензирани научни трудови од областа на медицината, „МедРксив“, во текот на пандемијата објави голем број дотогаш сѐ уште невтемелени студии, со напомена дека во медиумите не треба да бидат прикажувани како научни факти. Без оглед на тоа, медиумите во Србија се повикуваа на ваквите студии како на истражувања втемелени врз факти. Па така, во нашите медиуми, а врз основа на нерецензирани истражувања, осамна веста дека високите луѓе имаат двојно поголеми шанси да бидат заразени со коронавирус; дека луѓето со крвната група А се најзагрозени од новиот вирус; дека уште од април претходната година постоеле 30 варијации на коронавирусот, како и дека новиот вирус предизвикува стерилност кај помладата машка популација.
Како нѐ лажеа медицински и политички авторитети
Вистинскиот хаос со лажните вести за коронавирусот настапи кога медицински авторитети, членови на кризниот штаб за борба против новиот вирус, ширеа невистинити информации за трансмисијата на оваа болест и за нејзиното потенцијално исчезнување од Србија. Во април и во март претходната година, дури тројца членови од тогашниот состав на владиниот кризен штаб најавија дека топлото време и УВ-зрачењето од Сонцето ќе ја „збришат“ короната, а особено спорно беше интервјуто на д-р Бранислав Тодоровиќ за „Блиц“.
Во тоа интервју, од овој член на кризниот штаб слушнавме дека КОВИД-19 „бил одбегнат само од африкански земји во коишто има само импортирани случаи“, но и дека „на вирусот не му годи температура под нула, но и температура над 23 степени“. Сепак, во мигот кога интервјуто со Тиодоровиќ беше објавено, во повеќето африкански земји и тоа како постоеше локална трансмисија на коронавирусот, а изјавата дека топлината и УВ-зрачењето го убиваат вирусот веќе тогаш беше демантирана од Светската здравствена организација (СЗО), воочи „ФН Трагач“. На крајот, најголемата трагедија предизвикана од коронавирусот од Србија се случи токму во текот на летните месеци, во Нови Пазар и неговата околина, каде што во текот на јуни и јули претходната година, според наводи од медиумите, беа погребани трипати повеќе луѓе во споредба со 2019 година.
Покрај медицински авторитети, дезинформации за новиот вирус од самиот почеток на пандемијата ширеа и луѓе на највисоки државни позиции, министри, премиерката, па дури и самиот претседател на државата. Порталот за проверка на факти „Вистиномер“, којшто покрај со оценки за вистинитоста на наводи од медиумите и од социјалните мрежи се занимава и со валидноста на изјавите на политичари во текот на пандемијата, воочи мноштво дезинформации испратени од страна на владејачки политичари на најбитни функции.
Па така, премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, во јули претходната година, кога стана јасно дека убавото време сепак нема да ја избрка короната, се обиде тоа невистинито тврдење пласирано од страна на многу авторитети да ѝ го припише на Светската здравствена организација (СЗО), иако таа институција од самиот почеток на пандемијата го тврдеше спротивното. Министерот за здравство, Златибор Лончар, во истиот месец сакаше да стави точка на прашањето кој навистина починал од коронавирусот, а кој не велејќи дека обдукцијата на умрените од оваа болест е забранета од страна на СЗО.
Сепак, ниту ова тврдење за СЗО не одговара на вистината, затоа што оваа институција уште од март претходната година објави насоки за безбедносните мерки при изведување обдукции на починати од коронавирусот, во коишто никаде не се наведува дека таа процедура е забранета. Малку пред тоа, претседателот на Србија, Александар Вучиќ, на телевизијата „Хепи“ се фалеше велејќи дека Србија е осма во Европа по бројот на тестирани на новиот коронавирус на милион жители. Вистината беше дека во тој миг пред нас, според бројот на тестирани на милион жители, беше дури 31 европска држава. Освен овие, српските државници искажаа уште многу дезинформации во однос на новиот вирус, на тој начин поткопувајќи ја довербата на граѓаните во државниот апарат, што во тие мигови беше од пресудно значење за одржувањето на сталоженоста на населението во новосоздадената ситуација.
Карактерот на дезинформациите за коронавирусот и ширењето паника
Речиси сите дезинформации поврзани со пандемијата можат да се поделат на тие што служеа за позитивен и тие што служеа за ширење негативен наратив за тогашната состојба со разгорувањето на новиот вирус во Србија. Поројот од информации и дезинформации функционираше според системот „топло-студено“, така што во медиумите наизменично се појавуваа позитивни и негативни проекции за понатамошниот развој на пандемијата и нејзиното окончување.
Ваквиот – очекуван – пристап на профитно ориентираните независни медиуми може да се толкува како нивно „опфаќање на целокупната публика“, зашто читателите, слушателите или гледачите повеќе тежнеат кон консумација на содржини што се поклопуваат со нивните веќе изградени ставови во врска со некоја појава. До проблем доаѓа во мигот кога нема објективна причина за оптимизам, а таа се промовира во медиумите. Таквата практика ја видовме во горенаведениот пример со најавата за посилните сончеви зраци како спасители од коронавирусот. Воедно, во поединечни медиуми, уште од почетокот на март претходната година можеше да се прочита дека „коронавирусот исчезнува“. Уште поголем проблем создаваа негативните наративи со коишто, заедно со изобилство од дезинформации, се ширеа страв и паника меѓу населението, за што според Кривичниот законик на Србија е предвидена казна затвор од 3 месеци до 3 години.
Добар пример за такво илегално ширење паника е текстот во еден српски таблоид што се занимаваше со враќањето на српската дијаспора во татковината на почетокот од пандемијата. Овој весник првобитно најави дека во Србија се враќаат 100 илјади луѓе, за подоцна, на коригирана насловна страница, со пригодно задебелен наслов „ОПАСНО“, да ја удвои таа бројка. Во истиот текст, тој медиум објави и дека епидемиолот Зоран Радовановиќ рекол дека барем шест илјади повратници во Србија со себе ја носат заразата, што доктор Радовановиќ го демантираше за „Раскрикавање“. Уште еден пример за ирационално предизвикување страв претставува и пишувањето на медиумите за појавата на „нова опасност“ во вид на хантавирус, што се појавил во Кина додека „борбата против короната не е ни близу до крајот“. Сепак, ни одблизу не станува збор за нов вирус, објасни „Раскрикавање“, а причина за тревога, како што изгледа, не постоеше, со оглед на тоа дека напоредно со глобалната зараза со КОВИД-19 не изби и пандемија на хантавирус.
Забавување на дезинформациите за вирусот и бран од лаги за вакцините
Како што минуваше времето од почетокот на пандемијата, опаѓаше и фреквентноста на дезинформации за новиот коронавирус. Сепак, тие не исчезнаа целосно, а се појави и нивниот наследник – дезинформации за вакцините против КОВИД-19. Не исчезна ниту ирационалното ширење страв меѓу граѓаните, како во врска со вакцините така и во врска со други прашања што се однесуваат на КОВИД-19.
Во април оваа година, еден српски портал напиша дека „ПЦР-тестовите содржат етилен оксид којшто предизвикува рак“. Иако при стерилизацијата на дел од опремата што се користи при ПЦР-тестирањата навистина се користи канцерогениот етилен оксид, како што објасни „ФН Трагач“, во медицината обемно е регулирана употребата на овој гас, така што ги исполнува сите меѓународни стандарди, па нема причина за страв од тестирање. Нема причина за страв ниту од комарци и други крвопијци, иако, сѐ уште, одвреме-навреме некој медицински авторитет излегува во јавноста со неаргументирани ставови дека комарците, мувите и крлежите пренесуваат коронавирус.
Посебно место меѓу дезинформациите за КОВИД-19 им припаѓа на манипулациите поврзани со вакцините. Од самиот почеток на пандемијата беше јасно дека веројатно единствениот начин за нејзиното зауздување е вакцинацијата на луѓето. Воедно, беше јасно дека интензитетот на веќе постоечката пропаганда од луѓето што веруваат во штетноста на вакцините ќе се засили со почетокот на масовната имунизација во повеќето земји. Очекувано, дезинформациите за вакцините беа присутни од самиот почеток.
Уште во средината на март претходната година се пишуваше дека вакцината веќе е произведена, а во април, еден српски портал објави дека Британците ќе ја тестираат новата вакцина врз 100 илјади луѓе дневно. Со почетокот на вакцинацијата почна и поагресивна залажувачка кампања против тој процес. Беа објавувани „официјални студии“ на коишто им недостасува методологија, но имаат што да кажат против вакцината од „Фајзер“. Се зборуваше дека една српска болница дискриминира невакциниран пациент, одбивајќи да му го оперира срцето. Се предупредуваше дека вакцината од „Модерна“ ги деформира луѓето коишто се подложиле на естетски зафати. Сите тие наводи се покажаа како неточни.
Последици од поројот од дезинформации
Според истражувањето на Новосадската школа за новинарство, спроведено во април претходната година врз основа на дотогаш анализирани лажни наводи за коронавирусот во медиумите и на интернет, најголемиот број од дезинформациите се однесувале на совети за превенција или лекување на заразата од КОВИД-19. Загрижувачки факт е дека неделотворните совети, како оној дека темјанот штити од коронавирус, или дека КОВИД-19 може да се лекува со раствор од црн пипер и лимон, претставуваат опасност за граѓаните со самото тоа што докажано не штитат од новата заразна болест. Во еден миг, во медиумите можеше да прочитате и дека „Тајлол хот“ (прашок со парацетамол, употребуван за лекување настинка) во комбинација со ракија лекува КОВИД-19, иако комбинацијата од алкохол и парацетамол е опасна и поради можното засилување на несаканите дејства од лекот.
Последиците од мноштвото дезинформации поврзани со КОВИД-19 се илустрирани во општата збунетост на граѓаните во текот на целата пандемија, чијашто крајна фаза се карактеризира со слаб одѕив на граѓаните за имунизација, иако вакцините се достапни.
Сепак, веројатно најпоразувачки е што повеќето од дезинформациите што се ширеа во текот на пандемијата во суштина беа лесно проверливи, веќе демантирани од страна на релевантни институции или, едноставно, бесмислени, но тоа не ги спречи домашните медиуми и недоволно медиумски писмените граѓани да ги шират.
Поради тоа, евидентна е потребата граѓаните, но и веќе вработените новинари, повеќе да се едуцираат во доменот на медиумската и дигиталната писменост, но и надлежните институции рамноправно да ги санкционираат сите лица одговорни за ширење страв, лаги и манипулации поврзани со КОВИД-19.
Иван Суботиќ
*Блогот е објавен во рамки на петтото издание на иницијативата „Приказни од регионот“ која ја спроведуваат Рес публика и ИКС, во соработка со партнерите од Хрватска (Lupiga), Косово (Sbunker), Србија (Не давимо Београд), Босна и Херцеговина (Анализирај.ба), Црна Гора (PCNEN), и Грција (Macropolis).