Веќе две години, политиката на Кина против КОВИД, односно преземањето секоја можна мерка за да се елиминира појавата на КОВИД-19, се покажа како ефикасна во однос на нејзината зацртана цел. Меѓутоа, бидејќи овој пристап не може да се одржува бесконечно, политичките лидери во земјата треба да почнат да размислуваат за излезна стратегија.
Во поголемиот дел од изминативе две години, кинеската стратегија „нула-КОВИД“ се сметаше за драстичен, но делотворен начин за одржување на импресивно ниски стапки на зараза. Кинеската влада изолираше милиони луѓе истовремено, наредувајќи им да останат во своите домови – па дури и во училиштата и деловните згради. Минатата зима, градот Шјиан беше затворен цел месец. Сите негови 13 милиони жители беа затворени во своите домови, каде што имаа минимален пристап до неопходните работи како храна.
Иако оваа екстремна стратегија имаше несакани последици – вклучително и ограничена медицинска нега за други болести, разделени семејства и разни други економски и социјални проблеми – со нејзина помош се задржаа ниските бројки на случаи со КОВИД-19. Повеќето луѓе во Кина и многу набљудувачи на други места, сметаа дека жртвата што се дава е исплатлива, бидејќи со неа се поштедува поширокото население од 1,4 милијарди од високите стапки на смртност забележани во земји како САД.
Кинескиот народ беше горд на очигледниот успех на стратегијата нула-КОВИД, а власта на земјата ја промовираше како знак на супериорност на Кина. Иронично е тоа што политичкиот влог на владата во почетниот успех на стратегијата стана пречка на патот кон закрепнување. На политичкото раководство на Кина му беше многу тешко да се префрли на поумерена стратегија, бидејќи тоа неизбежно би довело до зголемена трансмисија и смртни случаи од КОВИД-19. Иако вкупните бројки можеби никогаш нема да бидат толку високи како во САД, зголемувањето на смртните случаи, односно доаѓање до бројка од илјадници, би било тешко прифатливо за луѓето бидејќи првичната намера беше да очекуваат нула.
Освен тоа, таквото очекување придонесе за ниска стапка на вакцинација кај постарите Кинези, од кои многумина стравуваат дека несаканите ефекти од вакцината се полоши од согледаните ризици од КОВИД-19. Околу 40% од Кинезите над 80 години и речиси 20% од оние на возраст од 60-79 години, не примиле ниту една доза од ниту една вакцина. Во САД, за групата на население над 65 години старост, процентот на лица без ниту една вакцина сега е блиску до нула.
Овој проблем е влошен поради пониската ефикасност на кинеските вакцини во однос на mRNA вакцините и поради недостатокот на транспарентност во кинеските испитувања на вакцините. Кинеските лидери не покажаа волја да увезат поефикасни вакцини бидејќи многу гласно ја најавија својата амбиција да развијат домашна вакцина за извоз. Политичката цел за позиционирање на Кина како глобален фармацевтски лидер можеби на крајот доведе до помала стапка на домашна вакцинација.
Проблемот со стратегијата на Кина стана очигледен со појавата на Омикрон, сој на КОВИД-19 кој се сметаше за благ на Запад, поради повисоките стапки на вакцинација во западните земји. Во Хонгконг, првиот бран на Омикрон доведе до највисока стапка на смртност од КОВИД-19 во светот, кога го зафати бројното, недоволно вакцинирано постаро население во градот.
Во исто време, трпението на кинеското население за строгите политики за нула-КОВИД почна да се тенчи. Трошоците за затворање цели градови се навистина огромни, особено во крајбрежните економски центри во Кина. Истражувањето на водечките кинески макроекономисти укажува дека наметнувањето целосно заклучување во голем град како Шангај ќе го намали националниот реален (прилагоден според инфлацијата) БДП за 4%. Голем дел од таа загуба ќе ја почувствува градот што е затворен, но ќе има и негативни последици за другите региони со трговски врски со затворениот град.
Уште полошо, Кина не затвора само еден град. Само во изминатиот месец, Шенжен, град со 17,5 милиони жители, беше затворен една недела. Шангај беше подложен на наизменично затворање на половина град додека беа тестирани сите 26 милиони негови жители, пред одеднаш да се затвори целиот град на неодредено време. За да се разбере обемот на ваквата постапка, земете предвид дека Шангај и Шенжен се, соодветно, најголемата и третата по големина урбани економии во Кина – аналогно на метрополските области на Њујорк и Чикаго во САД.
Со тоа што вложи толку многу во стратегијата за нула-КОВИД, кинеското политичко раководство се стави себеси помеѓу чекан и наковална. Ако непопустливо се држи до стратегијата, дополнително ќе го попречи економското закрепнување на земјата, наметнувајќи трошоци за кои луѓето повеќе не веруваат дека вредат. Меѓутоа, ако ги олесни мерките против КОВИД-19, заразата и смртните случаи брзо ќе се зголемат бидејќи вирусот се шири низ населението кое го нема нивото на имунитет што го има во повеќето други споредливи земји.
Кина конечно ќе го надмине КОВИД-19 дури откако ќе се случат две работи. Прво, треба да се подобри имунитетот стекнат преку вакцини кај постарите лица. Владата треба да ги употреби сите свои ресурси за да ја максимизира брзината и бројот на вакцини администрирани на постарите лица. Исто така, треба да ги вклучи поефикасните вакцини. Неодамнешното одобрение за кинески производител да произведува генеричка верзија на вакцината Pfizer е чекор во вистинската насока. Владата сега треба да поттикне понезависни, транспарентни проценки на сите достапни вакцини, за да може да ја зголеми понудата на ефективни вакцини и довербата на јавноста во нив.
Второ, кинеските власти мора да ги променат своите јавни пораки, со цел да се избегнат нереални очекувања. Кинескиот народ треба да почне да се подготвува да живее со КОВИД-19, што значи да прифати дека ќе има инфекции и смртни случаи, исто како што има од грип и други зарази.
Кина треба брзо да реагира. И покрај тоа што сè уште се бори со првиот бран на Омикрон, вториот подсој (BA.2) веќе се шири низ Европа и најверојатно ќе стаса до Кина во наредните месеци. Истражувачите открија дека новиот сој е сличен на стариот, односно претставува закана главно за оние кои се невакцинирани, оние со послаб имунитет или кои немаат антитела од неодамнешна инфекција.
Освен ако Кина не е подготвена да ја затвори својата економија со секој нов сој, таа треба да ги вакцинира постарите лица и да ги подготви своите луѓе за повеќе смртни случаи од КОВИД-19.
Ненси Чијан
**Блогот е објавен во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk. Оригиналната објава можете да ја прочитате ОВДЕ.
Ненси Чјиан, професорка по менаџерска економија и процесот на одлучување на Факултетот за менаџмент „Келог“ на универзитетот Нортвестерн, е основачки директор на истражувачката лабораторија за кинеска економија (China Econ Lab) и истражувачката лабораторија за кинеската економија на Нортверстерн (Northwestern’s China Lab).