![](https://www.radiomof.mk/wp-content/uploads/2023/04/338729707_1208423410037548_622284612266705461_n-225x300.jpg)
Пишува: Андреј Медиќ-Лазаревски
На 20. септември 2024, ден петок, кратко пред крајот на работното време на службите на Факултетот, студентите добија мејл во кој беше посочено дека од следната недела на факултет треба да се однесат документи за упис и заверка на семестар. Неполни две недели пред тоа на мејл добивме известувања дека од овој семестар целото запишување и заверка на семестрите ќе се одвива електронски. Ни беше посочено дека ќе се укинат хартиените пријави за упис и заверка на семестар, но со овој втор мејл добиен тој 20. септември, сепак, добивме известувања дека хартиените уплатници не се укинуваат и тие треба да се донесат физички на факултет. Значи, добиваме полудигитализирано решение.
Во истото тоа известување за новиот начин на полуфизичко запишување на нов семестар (т.е. укинати пријави, но носење уплатници) бевме известени дека од овој семестар треба да се плаќаат дополнително по 2000 денари за некакви материјални ресурси (со срамежлива додавка во заграда „по семестар“). Околу тој 20. септември по медиумите и во реакциите од студентски собранија се зборуваше за зголемените трошоци, првин, на Филозофскиот факултет, а потоа и на сите други факултети (на Економскиот факултет, на пример, бруцошите доплатија 4000+ денари при запишување и тоа со истото образложение „за материјални ресурси“).
Заедно со овој мејл дополнително добивме анекс на досегашниот ценовник за услугите на Факултетот со намалување на одредени ставки како потврда за редовен студент (100 денари) и уверение за положени испити (200 денари), што беше студентско барање од поодамна, како и намалување на одредени трошоци околу дипломирањето (што е еднократна ставка), како и намалување на одредени казни (што, секако, не е задолжителна ставка за сите студенти туку се плаќа по потреба). Да не заборавиме дека и при запишувањето на минатиот летен семестар во учебната 2023/2024, на околу стотина студенти им беше наплатена казна од 2000 денари (!) за задоцнето запишување на семестар, кои не беа во можност да запишат поради континуиран пад на iKnow системот и недостапност на документот за роковите за запишување, кој беше недостапен на сајтот секојпат кога некој ќе пробаше да го отвори. И ова намалување ќе беше супер прифатено, а казната од претходниот семестар ќе беше заборавена да не се покачеа дополнително цените на факултетот, со што се направи, за зимски семестар, студирањето во државна квота да чини 9050 денари, а во приватна квота (како и за вонредните студенти и за студентите кои студираат паралелно на два факултета), неверојатни 15500 денари. Фантастично!
Зошто беше потребна оваа ретроспектива? За потсетување! И тоа за потсетување непосредно пред периодот на заверување на зимскиот и запишување на новиот летен семестар. Цените овој пат ќе бидат нешто помали со оглед на тоа што ставката ИКСССА (информативни, културни,спортски, студентски сервиси и други активности) се плаќа само за зимскиот семестар, но тоа е минорно во споредба со дополнителните 2000 денари „по семестар“ кои, најверојатно, повторно ќе треба да се платат. Но што се тие 2000 денари? Ставката „материјални ресурси“, која чини 2000 денари, на прашање на Студентското собрание до Деканатската управа, како и низ неформални разговори, беше образложена со тоа дека со овие 2000 денари, Факултетот ги покрива трошоците за пристап до одредени бази за онлајн ресурси, статии и книги. Но, главното прашање е дали тоа треба да е трошок на студентите? Нели е секако обврска на Факултетот и на Универзитетот, како државни образовни установи да обезбедат пристап до физички и онлајн библиотеки? Нели е секако обврска на овие државни образовни установи во овој век и во оваа година од веков, да обезбедат дигитализирана можност за запишување и заверка на семестар, како и за електронско плаќање (без носење физички уплатници) за услуги, како и за електронско добивање документација од Факултетот? Патем, да не заборавиме на ИКСССА-та која, секако, може да се користи за овие трошоци (иако не знаеме за што реално се трошат овие пари). Затоа е важно да се потсетиме и повторно да ги поставиме истите прашања.
Кога на запишувањето на овој семестар ги платив неверојатните 15500 денари (со зборови: ПЕТНАЕСЕТ ИЛЈАДИ И ПЕТСТОТИНИ ДЕНАРИ) напишав еден нервозен и малку гневен коментар и си помислив „зар го заслужуваме овој однос?“. Зар студентите кои решаваат да останат во оваа држава и во неа да вложуваат, живеат, учат и работат, заслужуваат да бидат „пљачкосувани“ секојпат кога треба да се плати за студиите? Зар не е способен овој Универзитет и сите факултетски единици да обезбедат, еве не бесплатно туку образование кое ќе чини барем толку колку што чини еден семестар во државна односно во приватна квота (200/400 евра)? А свесни сме за многуте држави кои на своите студенти, а богами и на нашите, им овозможуваат бесплатно високо образование. Замислете!
И замислете ова не се единствените прашања кои ги мачат студентите, туку и:
1.Дали дигитализацијата треба да биде на грб на студентите?
2. Дали онлајн плаќање и нехартиено запишување/заверување треба да е вака супер искомплицирано?
3. Дали вака ќе си ја задржувате младината?
4. Што реално се материјални ресурси? И дали и вие знаете?
5. Дали некој е свесен за сите дополнителни трошоци што еден студент ги има во текот на студирањето?
6. Дали некој е свесен за ненормално високите цени во факултетските бифеа?
7. Каде се резултатите од конкурсот за студентски проекти финансирани од ИКСССА?
8. Дали некој знае зошто студирање на втор факултет чини двојно повеќе од првиот (а нe двојно помалку, на пример, како поддршка за оние кои вложуваат во своето образование)?
9. Дали може како студенти кои вложуваат во универзитетот да знаеме на што се трошат нашите средства?
10. Дали ова е поддршка на млади и талентирани студенти?
11. Дали ова е студентскиот стандард?
И така натаму, и така натаму…
Браво УКИМ-е, можеш подобро!
Андреј Медиќ Лазаревски, студент на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“
*Ставот првично е објавен во третиот број на „In medias res“, списанието од студентите на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“.
**Мислењата изнесени во рубриката „Став“ се на авторите и ненужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на Радио МОФ.