Додека повеќето земји во светот се соочуваа со двојна, здравствена и економска криза, Косово преминуваше во тројна криза заради политичките случувања.
Доколку економската криза настаната од КОВИД-19 би се опишала со една придавка, тогаш таа е: незапаметена. Тоа е така затоа што нејзините размери се глобални, создадени, исто така, од причина што е присутна насекаде во светот. Меѓутоа треба да знаеме дека таа се случува во време на големи кризи: во капитализмот кризите се инхерентни и речиси периодични. Значи, КОВИД-19 повеќе е искра отколку причина за економските проблеми со кои се соочуваме.
Сегашната економска криза, иако без преседан, не е одвоена од минатото. Или поинаку кажано: во минатото немало криза од иста природа, но постојано сме сведочеле различни кризи. И додека оваа е од необичен вид, споредбите не изостануваат. На пример, некои ја споредија кризата со воена криза.
Знаејќи дека во Косово немало годишен економски пад од времето на војната и бидејќи сега очекуваме пад, војната станува референтна точка во историјата. И, бидејќи не постојат многу студии за економската историја на регионот, веројатно вреди да се потсетиме на предизвиците на не толку далечното минато.
Најголемите економски депресии во Западен Балкан
Додека развиените земји како референтна точка ја имаат Големата депресија во 1929-39 год., или Големата рецесија 2007-2009, шесте земји од Западен Балкан (Босна и Херцеговина, Република Косово, Црна Гора, Македонија, Албанија и Србија), кои не се дел од Европската Унија, најголемите економски кризи ги претрпеле во време на војните и економските и политички транзиции во 90-те години од минатиот век.
За потсетување, техничка дефиниција за депресија во економијата е ситуацијата кога годишниот пад на бруто домашниот производ (БДП) е повеќе од 10%. И, воглавно, благодарение на историските податоци од амбициозната база на податоци на The Maddison Project, може да се пресметаат најголемите депресии во историјата на различни земји ширум светот. Како што можеме да видиме од Слика 1 подолу, сите шест земји од Западен Балкан (WB-6) имале такви падови во минатото.
Од овие историски падови, најблагиот пад бил во Македонија во 1993 година, кога годишниот економски раст бил околу -10,2%. Додека, најголем пад е забележан за време на војната во Косово, во 1999 година, кога БДП забележел годишен пад од околу 37,6%.
Закрепнувањето (враќање на првичната состојба – пред депресијата) било различно и од аспект на времетраењето и од аспект на годишните стапки на раст. Пример, како што се гледа на слика 2 подолу, Република Косово и Босна и Херцеговина закрепнеле побрзо. Ова се должи и на фактот дека економската основа беше помала и просечниот економски раст за тие години беше поголем.
Но, и покрај многу неизвесности, ниту најголемиот песимист денес не очекува сегашната криза да се карактеризира со таков драстичен пад на БДП, како што се случило во 90-тите. Меѓународниот монетарен фонд ја опишува тековната криза како неспоредлива. Светската банка, исто така, ја смета како најдлабока глобална рецесија во последните децении. Но, дури и нивните најпесимистички предвидувања не се блиску до падовите прикажани на Слика 1.
Слично на тоа, ниту најголемиот оптимист не може да очекува слични годишни стапки на раст, бидејќи многу се сменило од тогаш – од зголемувањето на основата на домашните економии до динамиката на нивната интеграција во глобалните пазари.
А времето потребно за закрепнување од актуелната криза ќе зависи во голема мера од владините политики. Ова може дополнително да се искомплицира кога има политичка криза, како што е случајот со Косово.
Тројната криза во Косово и (изгубената) можност за економски промени
Додека повеќето земји во светот се соочуваа со двојна, здравствена и економска криза, Косово преминуваше во тројна криза заради политичките случувања. Ова кулминираше кога стана прв случај во светот што за време на пандемијата, преку „мирен државен удар“, беше соборена Владата на Курти, по 50 дена од нејзиното формирање, за да дојде Владата на Хоти. Силна причина, меѓу другото, за овој пуч беше што Владата на Курти се сметаше како пречка за планот за поделба на Косово, нешто, што можеше да биде клучен дел од договорот што ќе произлезеше од дијалогот со Србија.
Додека во светот мерките преземени за управување со здравствената криза ја намалија економската криза, во Косово политичката криза дополнително ја продлабочи здравствената и економската криза.
И покрај фактот дека наследи здравствен систем со многу проблеми, Владата на Курти успеа да го направи Косово една од најуспешните држави во обидот да ја исправи кривата на заразените случаи. Потсетуваме дека околу 1 недела пред гласањето на Владата на Хоти, точно на 24 мај, Косово имаше 0 нови случаи и, до тој датум, имаше 29 смртни случаи.
Владата на Хоти беше изгласана на 3 јуни, со минимален број на потребни гласови, дури откако претседателот на државата, по полноќ во неговиот дом, го посетил „одлучувачкиот“ пратеник за формирање на Владата. И, како што се гледа на слика 3, ова е времето кога започна енормниот пораст на ново заразени лица.
Се разбира, оваа се совпаѓа со постепеното отворање на економијата, што претходно беше планирано од Владата на Курти. Но, сега владата на Хоти го презеде управувањето со земјата и менаџирањето со пандемијата, кое што го опиша како еден од двата главни приоритети, заедно со економското закрепнување.
Резултатите од вака поставените приоритети најдобро се прикажани на Слика 3. Она што досега го видовме од Владата на Хоти, не преставува менаџирање, туку надгледување на пандемија и закана за граѓаните преку „празни“ прес-конференции.
Нешто повеќе од еден месец откако Косово забележа 0 нови случаи, за првпат на Косово, на 29 јуни, имавме над 100 нови случаи (точно 122 случаи) и вкупно 49 лица кои ги загубија своите животи. Вакви бројки видовме и во следните денови. Сето ова по препораката да не се тестираат асимптоматски случаи на контакт – што значи дека бројот на заразени лица може да биде уште поголем и дека многу случаи заразени со вирус може да останат неидентификувани. Во моментов има недостаток на транспарентност, но се чини дека здравствените капацитети во земјата се близу до нивните лимити.
Покрај големата разлика помеѓу менаџирањето со здравствената криза, имаме фундаментална разлика во пристапот кон економската криза. Владата на Курти беше во фаза на завршување на имплементацијата на Итниот фискален пакет, кога го објави и Пакетот за економско закрепнување. Овој беше амбициозен план во износ од околу 1,26 милијарди евра. Конкретно, во овој пакет се предвидуваше:
- Кредит за претпријатијата и домаќинствата;
- Грантови за младите лица за иновации и пракса;
- План за вработување и формализација преку субвенционирање на плати;
- План за субвенционирање на платите во секторот на угостителството, рестораните и кафулињата (HORECA);
- Стипендии за ученици и студенти и грантови за образовните институции и претпријатијата;
- План за борба против сиромаштијата;
- Грантови за поддршка на проекти во заедницата спроведени од невладини организации;
- Дозволување да се надмине фискалниот праг за 3 години;
- За иселениците: Покривање на трошоците за зелен картон, поповолни услови за хартиите од вредност, и финансиска поддршка на аеродромот „Адем Јашари„ со цел поповолни цени на билетите за патниците кои доаѓаат во Косово;
- Полнење на државните резерви со основните производи произведени во земјата;
- Започнување со работа за формирање на Суверен фонд за јавни претпријатија.
Всушност, ова не изгледаше само како план за закрепнување, туку и пресвртница од која може да се размислува за економски развој. Преку него, можеа да се создадат нови патеки кои би овозможиле решавање на најголемите економски проблеми што ги има Косово, а некои од тие можеа да се влошат како последица од кризата.
На пример, хроничен проблем на косовската економија е структурната невработеност – главно како резултат на јазот што постои помеѓу образовната подготовка и вештините што се бараат на пазарот на трудот. Но, како резултат на кризата, цикличната невработеност, исто така, ќе стане проблем – главно како резултат на неможноста на компаниите да ги задржат работниците.
Или, проблем беа високите каматни стапки кои го отежнија пристапот до капиталот за микро и малите претпријатија. Сега, кога недостатокот на економската активност го намали профитот, покрај зголемувањето на потребата за ликвидност, се зголеми и ризикот од неможноста за отплата на кредитите – при што пристапот до капиталот може дополнително да се влоши.
Од друга страна, имаше индикации за подобрување на некои од најголемите проблеми на косовската економија, како што е високиот трговски дефицит. Месецот мај беше третиот месец по ред кога Косово имаше пад на трговскиот дефицит (во стоки) споредено со минатата година. Според податоците на Косовската Агенција за статистика, овој месец извозот бил околу 38,7 милиони евра и увозот околу 239 милиони евра, во тој случај трговскиот дефицит бил околу 200,3 милиони евра. Споредено со мај минатата година, ова беше зголемување од околу 21,6% од извозот, пад за околу 25,7% од увозот и пад за околу 30,9% од трговскиот дефицит. Овој пад на трговскиот дефицит на стоки е само уште еден показател дека пандемијата е извонредна можност за интервенција во структурата на економијата.
Но, она што се случи со доаѓањето на владата на Хоти е извонреден пример како старата влада не избегнува ниту една криза, туку кризите ѝ служат за освежување на статус квото. Иако неговиот план за економско закрепнување има многу елементи кои се земени од планот претставен од Владата на Курти, ниту еден од нив не се применува. Исклучок од „позајмените“ мерки е опасната идеја за создавање можност за повлекување на 10% од пензискиот фонд, што би создало повеќе проблеми во иднина. Покрај ова, како дел од планот за економски развој, она што го ветува владата на Хоти е приватизација и асфалтирање на патишта, што значи продолжување на неолибералниот обичај – значи враќање на стариот начин на функционирање.
Треба да се напомени дека кризите можат да претставуваат необични предизвици, но и извонредни можности. Тие создаваат моменти при што идеите што некогаш биле политички неприфатливи стануваат економски неизбежни. Се чини дека актуелната влада нема да трае долго, но сигурно е дека таа ја „украде“ извонредната прилика предизвикана од пандемијата да се започне со големите промени во економијата.
Но неопходноста од овие промени значи дека не треба да чекаме уште една криза за да ги започнеме истите. Едноставно треба нови избори и нова влада. Првично, за да се стабилизира здравствената состојба и да закрепне економската состојба. Потоа, за развој што го надминува економскиот раст.
Овој блог е објавен во рамки на иницијативата „Приказни од регионот“ која ја спроведува Res Publica и ИКС, во соработка со Институтот за демократија и медијација (Албанија), Анализирај.ба (БиХ), Радио КИМ (Косово), Sbunker (Косово) граѓанската иницијатива „Не давимо Београд“ (Србија) и PCNEN (Црна Гора).
Оригиналната верзија може да ја прочитате тука.