Државниот врв на Србија, вклучително и група лекари кои ја предводат борбата против ширењето на вирусот корона, во најмала рака го игнорираа влошувањето сè додека не заврши гласањето.
За да ги разбереме постапките на властите во Србија по избувнувањето на КОВИД-19, доволно е да се погледне што се случи во последните неколку дена. На крајот на краиштата, податоците за тоа колку луѓе биле заразени, починати, тестирани и излечени се „централизирани“, односно може да се добијат само од едно место, а не од индивидуални локации. Новинарите и новинарките се пожалија, особено откако кризниот штаб престана да одржува редовни прес-конференции, дека не ги добиле посакуваните информации и објаснувања. Особено беше сомнително тоа што дневниот број на ново- потврдени случаи во текот на двете недели пред изборите на 21 јуни воглавно се менуваше за само неколку случаи и тоа што од 22 мај до 26 јуни беше објавувано дека имало само по еден или ниту еден случај на ново починато лице.
Шпекулациите за тоа дали се пеглаат податоците, без да се задира во промената на методологијата, се крчкаа до 22 јуни. Во тоа време, BIRN објави дека во државниот (но не и во јавниот) информативен систем стои дека имало два и пол пати повеќе смртни случаи отколку што е соопштено. Исто така, според овие податоци, во многу случаи, имало неколку пати повеќе заразени лица на дневна основа, отколку што објавувале надлежните власти.
КОВИД-19 ја диктираше кампањата
За оваа скандалозна информација, сè уште нема официјална реакција, што дополнително ја уништува довербата во оние кои се најодговорни за јавното здравје. Дел од медицинскиот тим го релативизираа споменатото откритие, тврдејќи дека не е исто кога некој умира од болест предизвикана од корона вирусот и кога заразеното лице од КОВИД 19 умира од нешто друго. До тој момент, државните службеници тврдеа дека смртта на секое заразено лице се брои, па дури и го вперија прстот кон некои земји во регионот, алудирајќи дека другите лажат.
Среде екот на пандемијата, Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, не потклекнуваше на ваквите обвинувања. Напротив, заложбата, борбата и победата над вирусот беа ‘рбетот на неговата кампања за владеачката странка.
ВИП жаришта
Друг показател за ставот на државата може да се види од соопштението на 23 јуни, два дена по општите и локалните избори, станува задолжително да се носат маски во јавниот превоз и одлуката стапува на сила истиот ден. „Владата на Србија ќе продолжи да го следи развојот на епидемиолошката состојба со големо внимание во наредните денови и редовно и навремено ќе ги информира граѓаните за сè“, се вели во краткиот текст, но без објаснување каква е всушност епидемиолошката состојба!
Од укинувањето на вонредната состојба на почетокот на мај и продолжувањето на предизборната кампања, владата ги олабави мерките и го зголеми дозволениот број на присутни лица на митинзите. Членовите на кризниот штаб ја уверуваа јавноста дека КОВИД-19 ја губи силата.
Политичките собири беа спорадични и претежно мали, но затоа имаше дваесет илјади гледачи на фудбалскиот натпревар помеѓу Партизан и Црвена звезда. Веројатно тоа беше најголемиот настан во Европа во изминатите неколку месеци, а потоа имаше и повеќе други спортски настани. Сите беа одржани со благослов на надлежните институции. Лекарите од кризниот штаб јавно не се спротивставија на тоа, туку дури и го поддржаа еуфоричното отворање и ја тривијализираа опасноста. Подоцна беше објавено дека се заразени неколку играчи, како и тенисери, вклучувајќи го и Новак Ѓoковиќ, кои учествуваа на тениските турнири во Белград и Задар.
Ако не ги тестирате болните, статистиката ќе се подобри
За тоа време, многу луѓе со треска и респираторни нарушувања известуваа преку медиумите или преку социјалните мрежи дека чекаат со часови во т.н. ковид диспанзери и дека лекарите одбиваат да ги тестираат. Некои заразени велат дека никој не ги прашувал за контактите, а оние кои се сомневале дека биле изложени на вирусот не можат да бидат тестирани бесплатно, барем не без симптоми. Но, од друга страна, има примери на здрави службеници од државните институции кои без никаква причина биле упатувани да направат тест, што укажува на манипулација со статистичките податоци.
Како ретроспектива, ваквите постапки не се изненадувачки. На крајот на февруари, на првата прес-конференција на Вучиќ со лекарите, тие се пошегуваа и ги уверија граѓаните дека нема никаква опасност. Педијатрискиот пулмолог и универзитетскиот професор Бранимир Несторовиќ тврдеше дека епидемијата во Кина завршува и дека естрогените ги „штитат жените“ и дека тие „не умираат“ од корона. Тој дури им порача на луѓето да не се плашат од „најсмешниот вирус во историјата“.
Тој остана во кризниот штаб и редовно предизвикуваше контроверзии, на пример со изјави спротивни на препораките за заштита. Но, ни другиот тим не настапуваше во единство, ниту пак глобалните институции во другите земји. Од Хрватска во соседството па до Светската здравствена организација. Прво маските не беа неопходни, а потоа не беа бескорисни, а никој не се осмели да објасни како ракавиците можат да заштитат било кого.
Што е со најмладите
После неколку недели, Вучиќ објавува дека воведува вонредна состојба и полициски час. Лекарите инсистираа дека нема потреба да се затвораат училиштата, а целосен пресврт се случи во недела навечер, на 15 март. Не во петок по училиште, туку во пресрет на новиот работен ден, работата на образовните институции беше прекината. Зафатените родители се најдоа во чудо што да прават со најмладите.
Претседателот првично рече дека постарите луѓе не треба да бидат посетувани од нивните семејства, за да не ги заразат ненамерно. Тој не даде никакви препораки за домаќинствата во кои живеат по три или четири генерации. Но, тој набрзо им забрани на лицата на возраст над 65 години во градовите да го напуштаат станот или дворот од куќата, за подоцна да воведе излегување само еднаш неделно, среде ноќ, во една од неколкуте стотини продавници коишто беа намерно отворени во тој период. Во селата, старосната граница е поставена на 70 години, со исклучок на земјоделците.
Бланко дозволи за движење
За овие последните и останатите мошне неопходни дејности воведен е систем на дозволи. Предвидено е дека таков лист хартија ќе се издава за одреден термин за движење за време на полицискиот час, но наскоро започнаа злоупотребите. Накратко, компаниите блиски до владата можеа да работат, додека некои беа оставени на цедило. На пример, имаше градилишта за изградба на станбени објекти каде што воопшто немаше застој на работата.
Една од најекстремните варијанти се случи кон крајот на април, пред укинувањето на вонредната состојба. Како одговор на протестите на граѓаните „Со бучава против диктатура“, на кој беа повикани иницијативата „Не давимо Београд“ и Граѓанскиот фронт, на хулиганите им беше дадена задача да запалат факели на покривите на зградите во знак на поддршка на режимот и да скандираат против опозицијата. Кога станарите пријавиле една таква група и полицијата ја легитимирала, тие ги ослободиле нејзините членови затоа што сите имале дозволи за движење за време на полицискиот час.
Оттука, можеме да заклучиме дека дисциплината не била ефикасна. Додека повеќето луѓе остануваа дома, со минимално движење до локалните продавници, активистите од општинските и градските штабови и работодавците беа слободни да ги завршуваат своите работни обврски со помош на дозволите. Притоа, врвот на инфекцијата беше кон средината на април, за време на најсилните ограничувања и рестрикции. Дали постои поврзаност?
Ние спречуваме гужви со гужва
Секое заострување на мерките за забрана на движење, па дури и навестувањето или заканите од построго затворање, внесуваа немири кај населението и предизвикуваа метеж и миграција. Беше јасно дека одлуките се носат набрзина, како во случајот со затворањето на училиштата. Тие го намалија јавниот превоз за да го обесхрабрат движењето, но така и метежот во автобусите стана поголем. Воспоставени се специјални, работнички автобуски линии и луѓето и на тој начин се изложуваа на ризик.
Заканите за затворање на цели градови ги принудија луѓето нагло да се селат. На почетокот, имаше ненадејни забрани за движење и одделни гласини предизвикаа навалица на намирници и гориво.
По повторното воспоставување на градскиот превоз во Белград, беше воведено правило да се влегува само преку влезната врата, а возачот да ги отвора другите, за излез, само откако ќе ги прими патниците. На тој начин, во пракса, патувањето се забави и се продолжи, а бројот на луѓе во затворен простор се зголеми. Оттука, има повеќе физички контакти отколку по системот каде што сите врати се користат двонасочно.
Опасно на отворено, во кладилници не
На почетокот на април, додека полицијата веќе строго ги казнуваше и растеруваше луѓето што ќе ги затекнеше во парковите, одекна веста дека дури тогаш ќе запре работата на обложувалниците и теретаните. Теориите за поврзаноста на нивните сопственици со носителите на одлуки дополнително се подгреаа на крајот на месецот, кога беше објавено отворањето на овие објекти. Престојот во паркот или другите отворени места за рекреација беше сè уште забрането! Сепак, по реакцијата во јавноста, дојде до попуштање и на тоа поле.
Студентските домови беа нагло раселени, а во некои беа ставани повратниците од странство и оставани да чекаат со денови за резултатите од тестирањето за КОВИД-19. Притоа, лицата кои не патувале заедно, биле чувани во исти простории, така што ризикот од инфекција се зголемил. Но, тоа не е ништо во споредба со воениот камп подигнат во Моровиќ, во близина на границата со Хрватска, каде што српските државјани кои доаѓаа по копнен пат првично беа сместувани во шатори среде зима и без топла вода.
Зошто дојдовте
Можеби најголемата драма во првата фаза ја направија Вучиќ и другите официјални претставници заради масовниот број на повратници од европските и другите земји. Ниту збор за историскиот колапс на светската економија, милионите отпуштања и загубата на личниот доход. Не. Според нивното видување, дијаспората нагрна во Србија бидејќи здравствената заштита е бесплатна тука.
Здравствениот систем се чини дека ја дочека пандемијата без доволно опрема за драстично построг пристап, заштита и третман. Од бројните информации што протекоа во медиумите за несоодветните услови во болниците, се издвои извештајот на новинарката Ана Лалиќ, која беше уапсена токму поради тоа. Таа пренесе анонимни изјави на здравствените работници за хаосот во Нови Сад. Беа забележани и неколку случаи на апсења и затворски казни за лица кои престојувале во странство и кои воопшто не биле известени на границата дека мораат да се самоизолираат.
Клацкалката во овој момент се префрла на другата страна, откако сите веќе започнаа да се враќаат на својот вообичаен начин на живот. Владините олеснувања и заложби за надминување на економскиот шок, вклучувајќи го и прекинот за отплата на кредити и извршувања, делумно го одложи справувањето со последиците од невидениот крах во Еврозоната како и на други места. Стимулот во Србија не може да се спореди со тамошниот, но токму затоа владата не можеше да си дозволи да не ја поддржи домашната економија. А претстојните избори беа еднаков мотив. На сите полнолетни граѓани кои аплицираа за помош им било исплатено по сто евра во динарска противвредност, а работодавците добија нето од три минимални плати по вработен.
Првичното отрезнување по укинувањето на вонредната состојба настапи со ограничувања за патниците од Србија до околните, но и подалечните земји. Политичарите не пропуштија можност да го припишат ова на националната нетрпеливост. Не би било изненадувачки доколку допрва ја почувствуваме здравствената и другите кризи како и размерите на апсурдот. Дневниот број на нови случаи се врати по еден месец над психолошката граница од 100, а веднаш потоа и над 200. Нови Пазар веќе се гуши во солзи, а воведена е вонредна состојба и на локално ниво во неколку области.
Маја Гојковиќ, сегашниот претседател на Националното собрание на Србија, заврши во болница со пневмонија по прославата одржана по повод изборната победа на нејзината партија. Министерот за одбрана, Александар Вулин, исто така беше затекнат во таа толпа со трубачкиот оркестар, а подоцна се покажа и дека е заразен, како и уште некои други функционери заедно со него.
Србија се соочува со длабока економска криза. Дури и без хронични болки, сосема е доволно прелевањето на застрашувачкото цунами што веќе ја погоди Еврозоната. Поради инфекции во колективот, локалните компании во голема мерка испраќаат цели смени и тимови или сите вработени да работат повторно од дома.
Можноста за напредок во сузбивањето на КОВИД-19 е директно пропорционална со довербата на населението во оние што го водат. По контроверзните и нецелосно завршени избори, власта се најде без институционалната опозиција, додека истовремено се топи довербата во лекарите од кризниот штаб.
*Игор Тодоровиќ е новинар и е специјализиран за финансии и енергетика на глобално ниво. Тој ги следи балканските теми подеднакво широко, со акцент на транзицијата и надминување на последиците од војната, миграцијата и еманципацијата. Учествувал во повеќе уметнички и хуманитарни проекти.
**Овој блог е објавен во рамки на иницијативата „Приказни од регионот“ која ја спроведува Res Publica и ИКС, во соработка со Институтот за демократија и медијација (Албанија), Анализирај.ба (БиХ), Радио КИМ (Косово), Sbunker (Косово) граѓанската иницијатива „Не давимо Београд“ (Србија) и PCNEN (Црна Гора).
Оригиналната објава прочитајте ја на следниов ЛИНК.