Проектите и програмите за културен развој генерираат нови работни места, ги подобруваат условите за живот, и ги јакнат заедниците.
Разгледувањето на културните политики и културата како фактор на одржливиот развој и развојот воопшто сметам дека е во вистинско време бидејќи денес човештвото е соочено со многу развојни, економски, социјални и хуманитарни кризи кои станаа уште повеќе застрашувачки како последица од пандемијата на Ковид – 19, енергетската криза и војната во Украина.
Здравствената криза го влоши и така ранливиот културен сектор. Многу уметници и културни професионалци не можеа да добијат социјална и економска помош или да ги зачуваат своите работни места.
Но, здравствената криза исто така ни покажа како креативноста може да ни помогне да преживееме во 2020 и 2021 година. Луѓето најдоа спокој и разонода во гледање филмови, серии, музика и танц. Ова овозможи високо почитување и признание за уметноста и затоа ООН и УНЕСКО ја прогласија 2021 како Меѓународна година на креативната економија.
Треба да се одбележи дека креативната економија е во експанзија и е различна. Во срцето на оваа динамична економија се културните и креативните индустрии кои стојат на крстопатот на уметноста, културата, комерцијата и технологијата. Културниот сектор генерира околу 2.250 милијарди долари на годишно ниво и обезбедува вработување на милиони луѓе во светот, од кои голем број млади од 18 до 25 години, што е многу повеќе од другите сектори за вработување.
Улогата на УНЕСКО, а со тоа и на нејзините држави-членки е да го истакне културниот придонес на креативната економија и постојаниот развој, односно важноста да се инвестира во културата и во соодветното вреднување на вработените во културата – уметниците и професионалните културни работници.
Нема економска обнова без културен развој
Во светот денеска, се почесто се зборува за културата како фактор на одржливиот развој. Потенцијалите на културата се големи, разновидни и универзални. Затоа културата може да биде моќен двигател за развој кој влијае на целата заедница преку социјалните, економските и еколошките столбови на развој.
Навистина радува фактот што во последните години и декади, ОН (УНЕСКО) и другите меѓународни организации, низ своите донесени акти и документи ја афирмираа културата како иницијатор и чинител на одржливиот развој (Извештајот на Светската комисија за култура и развој предводена од Перез де Куељар (1996 г.); Акциониот план за културни политики и развој донесен на Конференцијата во Стокхолм (1998); Милениумската декларација и МДГ – Ф програмата (2000); УНДАФ –Развојна рамка на ОН; Глобалната агенда на ОН за дијалог помеѓу цивилизациите; Глобална иницијатива на УНЕСКО “Културата: мост кон развојот“; Целите за постојан развој на ООН, 2016).
Во Агендата за развој на Обединетите нации 2030-та, културата како фактор на одржливиот развој има значајно место во ставовите, мерките и програмите на највисоко државно ниво и затоа ние треба да настојуваме да дадеме свој придонес во исполнувањето на зацртаните цели на овој стратешки документ, дотолку повеќе што нашата држава е потписник на овој документ.
Во Македонија, во културата се инвестира главно преку годишните конкурси за годишната програма на Министерството за култура и Националната комисија за УНЕСКО – преку фондовите и програмите на УНЕСКО, потоа преку конкурси на Општините, но, сепак тоа не е доволно.
Треба и повеќе да се имплементира документот на Министерството за култура, Стратешки план на министерството за култура 2022 – 2024, „Националната стратегија за развој на културата во периодот 2018-2022 година“, кој што разгледува низа релевантни прашања, меѓу кои и создавање услови за локален развој на креативните индустрии како придонес за економскиот развој на општините преку финансиска поддршка за соработка со локалниот бизнис сектор, особено за промоција на културниот туризам, културните индустрии, занаетчиството и независната културна сцена.
Културните и креативните индустрии како отскочна даска за економски раст
Културните и креативните индустрии се помеѓу најекспонираните сектори во глобалната економија. Промовирањето на овој сектор бара определено инвестирање на капитал, но, затоа резултатот е директно вклучување на ранливата популација, вклучување на жените и социјално загрозените лица. Во оваа насока, нематеријалното културно наследство има голема улога.
Тоа претставува непроценливо богатство на знаење и вредности кои го јакнат постојаниот човечки и економски развој. Затоа е потребно нематеријалното културно наследство што е можно подобро да се интегрира за постојан развој на локалните заедници и територии, менувајќи ги релациите помеѓу руралниот и урбаниот живот, карактеристиките на социјалните врски, како и другите општествени и културни трансформации.
Еден од најзначајните истражувачки проекти за културните индустрии беше реализиран во 2009 година „Мапирање на креативните индустрии во Република Македонија“, но тој веќе е застарен и не го вклучува ИТ секторот.
Во 2019 година беше спроведено првото Мапирање на ИТ индустријата во Македонија, а во 2022 година – вториот дел од истото Мапирање.
Во 2015-16 година, Министерството за култура формираше работна група за креативни индустрии со цел да развие методологија за мапирање на креативните индустрии во Македонија, „Насоки за лоцирање на креативните индустрии во Македонија“.
Со финансиска поддршка на Британскиот Совет, минатата година беше спроведено првото или „baseline“ Mапирање на индустријата за развој на игри во Македонија, со примена на оваа методологија за прв пат во земјата. Индустријата за развој на видеоигри отвора работни места за развивачи на игри, програмери, дизајнери и артисти, уметници, луѓе вклучени во маркетинг и продажба, итн. Пазарот на видеоигри е најголемиот пазар во рамките на дигиталните медиуми и затоа треба државата да им даде поголема финансиска поддршка, како и овозможувачка средина за вмрежување и привлекување на инвеститори.
Неодамнешната рецензија на Советот на Европа (СЕ, декември 2020 година) со наслов: „Преглед на културната политика на Република Северна Македонија – Кон стратегијата за наследство и развој на културата и креативните индустрии“ беше изработена со цел да се разгледаат опциите за подобра координација помеѓу целите на Министерството за култура за поддршка на културното наследство на земјата и нејзиниот културен и креативен сектор. Документот на СЕ исто така нуди приоритетни препораки до Министерството за култура.
Горенаведените документи нудат можности за поголем интерес за имплементирање во пракса на дадените насоки и препораки, за поголемо инвестирање во културата и културните индустрии.
Инвестирањето во културата помага во ревитализацијата на економијата на градовите. Денес многу градови го користат културното наследство и културните настани за да го стимулираат урбаниот развој, да ги анимираат локалните заедници, приватниот сектор и поединци, како и да привлечат туристи и можни инвеститори.
Силата на културата е и во прашањата кои се однесуваат на рамноправност на половите, животната средина, здравјето, предизвиците во областа на образованието, мирот преку воспоставувањето на меѓу-културниот и меѓу-религискиот дијалог.
Проектите и програмите за развој генерираат нови работни места, нови пазарни можности, подобрување на условите за живот, јакнење на заедниците – кои се базираат на економскиот растеж и придонесот на јакнење на поединците.
Поширокото значење на одржливиот развој на самата култура, задира не само во економскиот и општествениот развој, туку и во начинот на живот на луѓето во денешниот динамичен свет, во етичките избори и норми на секојдневниот живот и во почитувањето на сите од сите. Оттука произлегува и клучното значење на државата во гарантирањето на амбиентот на меѓусебно почитување и овозможувањето на соодветно современо, иновативно образование за сите. Иновациите и образованието се основи на самоодржливиот културен развој, врз кои се темели иднината на светот којшто го оставаме за следните генерации.
Нашата држава ги има ратификувано повеќето меѓународни документи, како што се и конвенциите на УНЕСКО кои ги вградивме во нашето законодавство, но, треба повеќе да ги примениме во пракса. Да се зголемат средствата наменети за културата, да има поголема финансиска поддршка на приватниот сектор и поголемо поттикнување на истражувачки активности, иновации и креативност.
*Лидија Топузовска е дипломиран професор по книжевност и македонски јазик на Филолошкиот факултет во Скопје, како и почесен доктор на науки на Факултетот за менаџмент и туризам, Скопје. Таа е и поранешен Генерален секретар на Националната комисија за УНЕСКО (1998 – 2017).