Културата ги инспирира луѓето да ја пронајдат својата вистина, да нурнат во сопствените длабочини и ги поттикнува да размислуваат надвор од границите на својот ум. Но, каква е ситуацијата со културата и младите луѓе во нашава земја? За ова пишува Ана Илиева во младинската колумна на Радио Слободна Европа.
Од денешна перспектива, да пишуваш за културата е вистински предизвик. Особено поради фактот што во општеството во кое живееме постојат две сосема спротивставени мислења во врска со нејзиното постоење и распространетост. Некои, од самиот почеток, се песимистични и го застапуваат мислењето дека културата во Македонија дефинитивно не постои!
Други, пак, силно веруваат во моќта на културата и во вредностите кои истата ги поттикнува кај младината. Од мојата перспектива, проблемот на кој треба да се фокусираме не е постоењето на културата. Проблемот со културата и младите во нашата држава е многу посложен и на тој план има многу важни нешта кои треба посебно да се потенцираат.
Како млада, љубопитна и заинтересирана личност, јас силно верувам во тоа дека културата е насекаде околу нас и дека е исклучително битна за оформувањето на идентитетот и стилот на живот на младиот човек. Културата ни дава чувство на припадност и е вистинска можност за континуиран израз на креативноста, идеите, сфаќањата, талентот и амбициите на секој млад човек. Многу често повторувам дека културата ги инспирира луѓето да ја пронајдат својата вистина, да нурнат во сопствените длабочини и ги поттикнува да размислуваат надвор од границите на својот ум. Но, каква е ситуацијата со културата и младите луѓе во нашава земја?
Секогаш кога посетувам културни настани, првиот впечаток ми е дека постојано ги гледам истите луѓе и дека со години се движам во истиот круг. Меѓутоа, кога подобро ќе размислам, сфаќам дека културата е многу повеќе од тоа! Доказ за мојот став и убедување се сите режисери, актери, поети, рапери, трапери, гитаристи и уметници, кои ја претставуваат Македонија низ целиот свет, а Македонија одвај ги знае и препознава. Дружејќи се, разговарајќи и соработувајќи со многу млади личности, секогаш го застапувам ставот дека има многу млади кои вистински сакаат културно и креативно да се изразуваат. И не само што сакаат да се изразуваат, туку и да се здружуваат. Тие веруваат во културата, имаат потреба од неа и сакаат да творат и да создаваат уметност, да организираат настани, да ги чујат своите омилени песни на сцената и да застанат на истата за да го покажат тоа што го знаат и умеат.
Меѓутоа, кога подетално ќе се анализа културниот живот во Македонија, недостигот од простор за културно и слободно изразување е првиот и главен проблем со кој се соочува уметнички ориентираната младина. Во Скопје, постои еден голем простор каде што со децении се одржуваат настани од повеќе области: музика, театар, филм, литература…и активности наменети и за најмалата, и за највозрасната публика – Младинскиот културен центар.
Покрај овој центар, во главниот град постојат и други помали простори кои даваат шанса за културно и креативно младинско изразување и поттикнуваат меѓусебни дружби и соработки. Но, во другите градови во Македонија – културни центри нема! А потребата од такви центри е сè поголема и позабележителна. Дигиталниот свет и Интернетот ни нудат многу начини да ја развиваме културата. Лично, познавам, следам и разговарам со многу млади кои имаат свои идеи и визија како да ја подобрат културата во својата држава, но самата држава не нуди поддршка и тоа е вистинскиот проблем со кој се соочуваат креативците со години.
Кога размислувам како состојбата со културата во Македонија би можела да се подобри, помислувам на младинските иницијативи кои постојано апелираат, луѓето кои постојано зборуваат и пишуваат на оваа тема, правејќи ги првите чекори. Многумина од нас навистина го направиле првиот чекор за развивање на културата (и не само еднаш, туку повеќепати). Но, на културата не ѝ е потребен само првиот чекор, туку вистинскиот и влијателен – оној на кој институциите, продукциите и државата треба сериозно да му се посветат, да го обмислат и реализираат. Кога би се направил тој битен чекор и би се преминало кон негова обмислена реализација, не би имале две спротивставени мислења во врска со културата и многу повеќе луѓе би верувале во неа.
Во однос на медиумите, треба почесто да се зборува и да се пишува за оваа тема. Не во контекст на тоа дека култура во Македонија нема, туку дека во Македонија има огромен број млади луѓе кои ја сакаат културата и имаат реални идеи, но не и соодветни услови за нејзино развивање! Со поддршка од страна на државните институции, тие навистина можат да ја разубават целата земја, да ја направат поубаво и посреќно место за живеење. Чујте ги младите – тие секогаш имаат нешто умно да ви кажат и покажат!
Јас искрено се надевам и навистина сакам да верувам во културата. Сакам да пишувам на теми од културата, сакам да работам со амбициозни уметници кои имаат свои оригинални идеи, сакам да зборувам со артисти кои сакаат да го подобрат животот во градовите ширум целата земја. И живеам за секој нов ден во кој некој млад човек има промоција на своја книга, премиера на филм, настап, нов албум или песна или изложба во музеј.
Културата постои, распространета е насекаде околу нас, но таа не заслужува да остане незабележана. Нашиот град и нашата земја располагаат со прекрасни и амбициозни млади луѓе кои ја сакаат и почитуваат кулурата и културните вредности. Затоа, не кратете им ги крилјата и поддржете ги во остварувањето на соништата.