И по 33 години од осамостојувањето, во Македонија сѐ уште се живее лошо. Земјата е на дното во Европа според платите, економската моќ, квалитетот на воздухот, здравствените услуги, образованието и владеењето на правото. Додека граѓаните сѐ уште го чекаат „гејм ченџерот“ кој ќе го смени животот во државата на подобро, Македонија може да се пријави на натпревар за рециклирање на изборни програми.
Текстот што следи можевме да го насловиме и како „Вистински лаги“, или, „Како политичката пропаганда во Македонија успешно манипулира со лагата и вистината“, заменувајќи им ги местата по потреба.
Најпрво да го поставиме „прашањето од милијарда долари“: Што е политички успех?
Дали е тоа нешто што спаѓа во редовно управување со државата или се работи за вонредни постигнувања за кои се потребни повеќе знаења, умешност и енергија?
Владата и техничката, а особено претходната со Димитар Ковачевски на чело, често знаеше да се пофали дека е подобра од владите на нивниот поранешен политички противник, Никола Груевски.
Како аргумент за тоа, тие го посочуваа зголемувањето на минималната плата од 10.000 на 20.175 денари, зголемувањето на просечната плата која за разлика од некогашните 22.000, сега изнесува речиси 40.000 денари, покачувањето на пензиите за 4.000-6.000 денари, замрзнувањето на цените, стабилноста на енергетскиот систем, студентскиот оброк во дневен износ од 140 денари, зголемувањето на социјалната помош, субвенциите во земјоделието и во сметките за електрична енергија, зголемените, според нив, странски инвестиции, намалувањето на невработеноста…
Чудно, во успесите не го вброија и зголемувањето на функционерските плати од 78 отсто, бидејќи и во овој случај, станува збор за зголемување на примања на граѓани кои живеат во Македонија.
Но, дали се тоа реални, опипливи политички успеси, или се мерки и чекори кои спаѓаат во редовното управување со ресурсите на државата. Што е потребно, да речеме, за зголемување на минималната плата? Каква енергија, знаење, вештини се потребни да се направи тоа? Или тоа е потег кој се прави преку ноќ, со ажурирање на прописите во таа област. Со седење на стол и ставање на еден потпис. Толкава енергија е вложена во зголемувањето на минималната плата. Исто како и за зголемувањето на пензиите, нивелирањето на растот на просечната плата за да го следи растот на цените (додуша со голем расчекор), и други мерки.
Што може(ше), од друга страна, да се смета за вистински политички успех на една влада. Тоа се бездруго резултати во работењето на владата кои можат да влијаат и да го сменат животот на граѓаните на подобро.
За политички успеси ќе се сметаа изградбата на нов клинички центар во Скопје и во Штип, или изградбата на новата болница во Кичево која влезе во феноменот „верувале или не“ со 40-годишното градење а уште не е завршена. Понатаму, изградбата на автопатот Кичево-Охрид, но и изградба или реконструкција на други патишта, изградба на нова железничка пруга и набавка на нови возови, реконструкција на Универзалната сала, растурање на криминалните структури во државната Пошта и нејзино обвновување.
На дното во Европа
За жал, ништо од тоа не видовме. Единствен и реален политички успех на Владата беше Преспанскиот договор и влезот во НАТО. Тоа беше историски исчекор на државата, но граѓаните очекуваа многу повеќе во делот на подобрување на квалитетот на секојдневното живеење.
И по 33 години од осамостојувањето во Македонија, сѐ уште се живее лошо. Земјата е на дното во Европа според платите, економската моќ, квалитетот на воздухот, здравствените услуги, образованието, борбата против корупцијата и владеењето на правото. Ниту една од владите досега не направи пресврт или барем позитивни промени во тие параметри. Земјата напредува со брзина на желка, но кога ги слушаме партиите како се фалат со своите достигнувања, звучи како да сме фатиле чекор со најбогатите и најуспешните држави.
Властите во Македонија повеќе ја преферираат пропагандата отколку вистинските дела. На секои избори ги препишуваат истите програми со кои настапуваат во кампањата. А зошто и да не, кога на стартот на секоја изборна кампања пред нив стојат истите проблеми за решавање кои се повторуваат од избори на избори, токму затоа што политичарите штом ќе седнат на фотелјата забораваат што ветиле.
Но, доаѓаат нови избори кои се одлична прилика да слушнеме во колку населени места сѐ уште нема канализација, во колку населени места сѐ уште се кубури со вода, каде има дотраени патишта, колку училишта, градинки, и болници се за реновирање – односно, токму на изборите кога партиите се фалат со својата посветеност кон граѓаните, ја сфаќаме поразителната вистина за тоа во каква состојба е инфраструктурата во државата. Кампањата е прецизно огледало за тоа.
Уште отсега може да ги предвидиме изборните пароли за изградба на клиничките центри во Скопје и во Штип, за доградба на автопатот Кичево-Охрид, за Универзалната сала за која веќе падна изборно ветување од министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска дека ќе биде во полн сјај за три години, и други репризи од кампањите за парламентарните избори 2020 и локалните 2021 година.
Партиите веќе не се ни срамат да рециклираат изборни програми и пароли. Во светот се рециклираат најразлични производи за да се заштедат средства и суровини, како и за да се намали загадувањето, додека Македонија можеме да ја пријавиме на натпревар за рециклирање на изборни програми. И да личат на нови, затоа што проблемите за решавање се стари.
Во очекување на „гејм-ченџер“
Политичките партии се бореа за потписи за претстојните претседателски избори и се натпреваруваа за кого од кандидатите ќе бидат дадени повеќе потписи. Но, вистинската битка е чиј претседателски, премиерски или министерски потпис ќе остане во историјата на државата, како потврда дека со својата работа направил пресврт и го подобрил живеењето на граѓаните.
Таков потпис сѐ уште нема во тридеценискиот од кон развојот на државата. Се менуваа претседатели, премиери, министри и заменици министри, меѓутоа најголемиот дел од нив ги заборавивме веднаш штом ја напуштија функцијата. Или пак, ги паметиме, но не според добрите дела, туку според печатот што го (о)ставија на зголемувањето на криминалот, корупцијата, партизацијата, и на пречките во развојот на државата. Вистинскиот „гејм ченџер“ сѐ уште го чекаме.
А желбата за функции останува константа низ годините, дури ако се суди според претседателските избори и се зголемува. За претстојното гласање за претседател веќе има седум кандидати за претседател, со шанса да им се приклучи уште некој во деновите што преостануваат до крајот на рокот за собирање потписи.
За мала земја како што е Македонија тоа е рекорден број на кандидати за највисоката функција во државата. Америка, која традиционално избира помеѓу двајца кандидати за претседател, може и да нѝ позавиди, иако таму претседателот е на чело на државата, а кај нас, претседателската функција се смета повеќе за протоколарна отколку за пресудна за водењето на политиката во државата. Можеби токму перцепцијата дека никој за ништо не е одговорен во државата е главниот мотив што ги предизвикува амбициите за политичка функција која носи добра заработка без поголемо вложување.
Оттука и лажното прикажување на успесите. Во нашата држава е полесно да оправдаш две и пол илјади евра примања од политичка функција, отколку минималец од 22.000 денари за цел ден стоење или седење пред машина.
И згора на тоа, ќе гледаме вести дека политичарот потпишал пропис за поголем минималец, на што треба да аплаудираме. Најголемиот успех на Македонија беше што го избегна вртлогот на војната при распадот на југословенската федерација. Во периодот што следуваше потоа, настапи тонење во кое учествуваа сите влади и сите претседатели дозволувајќи му на вирусот на корупцијата и криминалот да се прошири толку многу што не остана ниту една педа неосвоена од тој најголем непријател на општеството и на граѓаните.
Претседателските и парламентарните избори ќе бидат најголем потсетник за тоа, затоа што одново ќе ги слушаме истите пароли без суштински програми за излегувањето од маѓепсаниот круг на глумење на политика.
*Соња Крамарска, е новинар, автор на повеќе фељтони и други публикации, поранешен главен уредник на „Утрински весник“ и на порталот НоваТВ. Во моментов работи како новинар и член на редакцискиот колегиум на НоваТВ. Во својата кариера е наградувана со награди новинар на годината и со највисоката награда „Мито Хаџивасилев Јасмин“. Има поминато една академска година на универзитетот Оклахома во САД во рамки на програмата за професионален развој. Работела и како советник за политички прашања и комуникации на министерката за одбрана Радмила Шекеринска.
***Блогот е објавен во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk. Оригиналната објава можете да ја прочитате ТУКА.
****Мислењата изнесени во рубриката „Став“ се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на Радио МОФ.