Бездржавјанството како феномен и проблем е појава која зазема глобални рамки. Според статистиките на Високиот комесар за бегалци на ОН, во светот, повеќе милиони лица не припаѓаат правно на ниту една држава т.е. немаат државјанство од ниту една држава.
Уште попоразителен е податокот, што според некои истражувања, на секои 10 минути во светот се раѓа дете кое ќе биде без државјанство или во ризик од бездржавјанство.
Што претставува бездржавјанството и кои се причините кои доведуваат до појава на бездржавјанство? Согласно Конвенцијата за статусот на лицата без државјанство на ОН од 1954 година, лице без државјанство е лице кое ниту една држава не го признава за свој државјанин согласно сопственото национално законодавство.
Причините поради кои едно лице може да остане без државјанство или во ризик од бездржавјанство се различни: непостоење на упис во матичните книги на родени и немање граѓански идентитет, распад на држави, бегалски кризи и миграции, судир на закони, откажување од државјанство, одземање на државјанство, дискриминација и други.
Без оглед на причината за појавата на овој проблем, она што е заедничко за сите лица кои се погодени од истиот е дека сите тие немаат пристап до основните права кои се загарантирани со меѓународните инструменти, Уставот и законите на една држава: право на здравствена заштита, социјална заштита, образование, вработување и други. Поседувањето на државјанство претставува право да се има пристап до останати права, а бездржавјанството води до исклученост од овие права, живот на маргините и во сиромаштија, дискриминација итн.
Многу често, бездржавјанството како феномен се поврзува со припадност кон одредена малцинска група во државата.
Во земјите од Западен Балкан, овој проблем најчесто се среќава кај припадниците на ромската популација, пред сè поради миграцискиот начин на живот, нискиот степен на образование, сиромаштијата и подложност на стереотипи и дискриминација.
Бездржавјанството е генерациски проблем, па доколку родителите се лица без државјанство, тие своето бездржавјанство ќе го пренесат и на своите деца.
Сѐ уште, во правните системи на 25 земји во светот, мајките не можат да го пренесат државјанството на своите деца и поради ваквиот дискриминаторски пристап децата стануваат жртви на бездржавјанство.
На глобално ниво, мандатот за заштита на лицата без државјанство од страна на Генералното собрание на ОН му беше доверен на Високиот Комесар за бегалци на ОН (УНХЦР). Од страна на ОН, беа донесени два значајни инструменти за уредување на статусот и заштита на овие лица: Конвенцијата за статусот на лицата без државјанство од 1954 и Конвенцијата за намалување на бездржавјанството од 1961. Нашата земја е потписничка и на двете конвенции.
Бездржавјанството во Северна Македонија – причини, моментална состојба, законска регулатива и можни решенија на проблемот
За жал и Република Северна Македонија не е исклучок кога станува збор за лица кои се директно засегнати од овој проблем и се лица без државјанство или пак, се во ризик да станат лица без државјанство.
„Фантоми”, „правно невидливи лица”, „странци во сопствената земја” – тоа се само некои од термините со кои се нарекуваат лицата без државјанство во нашата земја. Но, кои се навистина тие? Кои се причините поради кои овие лица останале без државјанство или во ризик од бездржавјанство? Тоа се најчесто луѓе кои секојдневно ги среќаваме: живеат во нашата околина, можеби се наши соседи, нивните деца играат на иста улица со нашите, купуваат во иста продавница со нас, а не сме ни свесни дека правно не постојат во системот. Можеби се „невидливи” за системот, но физички постојат и заслужуваат еднакви права како сите нас.
Две причини доведуваат до бездржавјанство во нашата земја: распадот на поранешна Југославија, кога голем број на лица кои воделе потекло од некои од земјите кои биле во состав на тогашна Југославија останале да живеат после 8 септември 1991 година во Македонија, но не успеале да се запишат ниту во македонско, ниту во државјанство на земјата од каде што воделе потекло и втората причина е неможност одредени лица, поради административни пречки, да се запишат во матична книга на родените и поради тоа немаат утврден граѓански статус, ниту потврда за својот идентитет.
Точниот број на лицата без државјанство во нашата земја не се знае, се надеваме дека откако ќе се соопштат резултатите од спроведениот попис, ќе се утврди и нивната точна бројка, бидејќи со пописот беа опфатени и лицата без државјанство како посебна категорија лица.
На јавниот повик кој го спроведе Владата на Република Северна Македонија за пријавување на лица кои не се запишани во матична книга на родените во 2018 година се пријавија околу 700 лица, но тоа не вкупната бројка на лица со ваков проблем.
Лицата кои се без државјанство, а водат потекло од некоја од земјите од поранешна Југославија, се водат како странци во нашата земја, иако некои од нив се родени и целиот свој живот живеат во неа, поради што, многу често се нарекувани „странци во сопствената земја”, имаат законска обврска да го регулираат својот престој во земјата како и останатите странци кои овде престојуваат.
Согласно Законот за странци, тие имаат можност да добијат привремен престој (во траење од една година, кој се продолжува секоја година) или да им се одреди постојан престој. Согласно Законот за државјанство на Република Северна Македонија, лицата без државјанство можат да се стекнат со државјанство по основ на брак со македонски државјанин, по пат на олеснета натурализација (доколку имаат шест години законски и непрекинат престој во земјата и ги исполнуваат останатите услови) и согласно новиот Закон за измена и дополнување на Законот за државјанство, доколку докажат со приложување на најмалку еден доказ дека до 8 септември 1991 година имале престојувалиште или живеалиште во Македонија.
Исто така, предвидена е можност, за децата кои се најдени на територија на нашата земја (најденчиња) доколку родителите им се непознати, или со непознато државјанство или без државјанство, да добијат македонско државјанство. Но, за жал, во пракса оваа законска одредба се применува само во случаите кога се работи за најденчињата, чии родители се непознати, но не и за децата на родители без државјанство.
Во однос на лицата кои не се запишани во матична книга на родените, во февруари 2020 година беше донесен Закон за неевидентирани лица во матична книга на родените. Со овој закон за жал, не се решава системски проблемот на овие лица, туку се предвидува еден вид привремена регистрација во посебна матична книга на родените, издавање на посебен евиденционен број кој треба да го замени матичниот број и посебна идентификациона исправа, со чие одредување е предвидено да добијат пристап до здравствена заштита, образование, социјални права и вработување додека трае постапката за упис во редовна матична книга.
Сметаме дека овој закон ќе им ја олесни и така тешката состојба во која се наоѓаат овие лице, но не претставува конечно решение на проблемот, ниту превенира во иднина да се јават вакви случаи.
За жал, лицата на кои веќе им се издадени овие документи, сеуште немаат пристап до предвидените прави бидејќи системот не ги препознава одредените евиденциони броеви, па е потребно дополнително приспособување на системот или корекција на евиденционите броеви.
Како здружение повеќе години се залагаме за конкретни законски измени со цел овој долгогодишен горлив проблем конечно да се реши. Сметаме дека се потребни измени во постоечкиот Закон за матична евиденција со кои ќе се овозможи сите лица, без исклучок дали се работи за деца или веќе полнолетни лица, да можат во брза постапка да бидат запишани во матична книга на родените, без одолговлекување и комплицирање на постапката, бидејќи поседувањето на извод од матична книга на родените претставува предуслов за добивање на државјанство.
Потребен е закон со кој не само што ќе се решат постоечките случаи на лица кои не се запишани во матична книга на родените повеќе години, туку и ќе се спречи во иднина да се појавуваат вакви случаи и да се креираат случаи на лица без државјанство.
Добредојдени се и добрите пракси на земјите од регионот, кои се неколку чекори понапред од нас во решавање на овој проблем.
Се работи за проблем кој е решлив, само е потребна поголема ангажираност од страна на државата, меѓусебна соработка на институциите и поголема сензитивност за проблемот.
Пишува: Александра Ефремова, Македонско здружение на млади правници
***Објавата е финансирана од Миграцискиот повеќепартнерски доверителски фонд. Нејзината содржина е одговорност на партнерските организации и не нужно ги отсликува гледиштата на Фондот.