Додека довербата во домашните институции вртоглаво опаѓа, поддршката помеѓу граѓаните за членство во ЕУ останува константно висока. За првпат досега, ваквата поддршка е лош знак. Овојпат, таа значи дека сме кренале раце од сопствената држава.
„Ни треба востание на визија, волја и ум. Пред сто години, илинденските херои, својата волја за држава ja потврдија со својата автентична и убедлива смрт. Ние денес, нашата волја за оваа држава мораме да ja потврдиме со нашиот автентичен и убедлив живот. Ниедна култура не може да опстане без точна, снажна и автентична приказна.“ – Горан Стефановски, 2003
„Ни треба камшикар, ни треба некој од ЕУ и НАТО да дојде овде и малку да нè потсреди, од мене на чело, па надоле сите.“ – Зоран Заев, 2018
Од сите пост-амнестирани изблици на разочараност, ниту еден не ме трогна толку колку коментарот од еден гледач во една ТВ-емисија во која неодамна гостував. Имено, тој кажа дека во нашата одамна непребројана, но бездруго и натаму милионска држава, единствениот подобен кандидат на пролетните претседателски избори би бил… Белгиецот Питер Ванхауте.
Желбата да се постави странец за шеф на една држава – без оглед што ова е правно невозможно – сама по себе го заковува последниот клинец во ковчегот на вербата на граѓаните кон таа држава. Можно ли е токму сега кога сме најблиску во нашата историја до долгопосакуваната и конечна афирмација на нашата државност од страна на континентот на кој се наоѓаме, дa испадне дека ние држава всушност не сакаме?
Вистинското прашање не е дали мнозинството луѓе денес во (Северна) Македонија се согласуваат со гледачот (да, веројатно се согласуваат). Ниту пак дали амнестијата беше неопходна (да, веројатно беше). Секој кој не признава дека амнестијата е најголемиот удар за владеењето на правото во историјата на самостојна Македонија, лаже. Ама (се) лаже и секој кој мисли дека гледачот – како и големото мнозинство од нас – немаше да ја проголта амнестијата уште истата секунда кога во Собранието за првпат засветкаа 80 гласови. Секако, доколку навистина мислевме дека таа ќе ни донесе подобар живот. Односно, доколку немавме влада која ни се смее во лице со минијатурни одвоени средства против загадувањето, влада чиј вицепремиер со месеци не оди на работа и влада чиј „прогресивен“ данок е поставен токму онолку високо колку што е потребно за „случајно“ да ги заобиколи речиси сите министри.
Во моментов, навистина не постои поголем парадокс од фактот што во исто време додека вербата во државата ни е „на нула“, вербата во ЕУ останува на огромни 83 проценти. Ова е бројка која не е реална, меѓудругото бидејќи е далеку над просечната поддршка од 60 проценти дури и меѓу земјите кои се веќе дел од таа ЕУ, но сепак е бројка која несомнено означува поддршка за подобар живот. Бројка за која соседна Србија, на пример, може да сонува. Зошто тогаш би била проблематична? Во три децении независност досега, секогаш сме претпоставувале дека висока поддршка за ЕУ е добар знак. Па, затоа што оваа поддршка досега била придружувана од барем некаква елементарна доверба во способноста на домашните институции да ги измолзат бенефитите од истата таа ЕУ.
Впрочем, најниска поддршка за ЕУ членство Македонија бележеше во „пржинските“ години, односно кон крајот на груевизмот, кога довербата во државата бездруго беше на најниска точка. Ваквата корелација силно упатува кон еден сосема интуитивен заклучок: граѓани кои не гледаат иднина во својата држава, почнуваат да не гледаат иднина ни во ЕУ, бидејќи си ја сметаат државата за толку неспособна што дури ни ЕУ не може да ја „оправи“. Со оглед на тоа што ваквото привремено „вртење“ против ЕУ немаше никаква врска со самата ЕУ, неизбежно беше повторно да станеме „еврофили“ веднаш штом состојбата дома ни се нормализираше со промената на власта во 2017.
Денес, на прв поглед, гледаме слично опаѓање на популарноста на домашните институции како пред 2017. Ваквото опаѓање достигнува толку висок степен што дури и култното СЈО („СЈО, СЈО“!) денес има повеќе скептици одошто фанови. А сепак, поддршката за ЕУ останува тврдоглаво огромна! Како е ова возможно? И мора ли воопшто да има логика? Белки е добро што сакаме во ЕУ – што е важно зошто? Па, важно е бидејќи има едно единствено (досега незамисливо) сценарио во кое поддршката за ЕУ е лош знак: кога ја поддржуваме ЕУ бидејќи целосно сме кренале раце од Македонија.
Нашата негативна идентификација: не знам кој сум, но знам дека не се сакам
Тука доаѓаме до премиерот Заев и неговата несреќно одбрана изјава за „бриселскиот камшикар“. Изјавата е уште на прв поглед самоомаловажувачка, но отпрвин не пречеше толку, посебно не во оној предреферендумски контекст во кој целта ги оправдуваше средствата и во кој беше важно по секоја цена да се напумпа поддршката за ЕУ, а со тоа и за Преспанскиот договор. Единственото сценарио во кое изјавата ќе стане и тоа како проблематична е доколку испадне дека таа не била никаков политички трик, туку знак за еден длабоко интернализиран поданички менталитет – како кај премиерот, така и кај сите нас.
И тука веднаш доаѓа на ум онаа небулозна флоскула која сите барем еднаш сме ја слушнале од постарите. „А бе за нас само Хитлер беше чарето, требаше да нè дотепа за да нe се мачиме“. Никогаш немавме помислено дека „логиката“ зад оваа тотално непромислена досетка може еден ден да ни стане дел од највисокиот политички дискурс. Без оглед дали се работи за геноцидниот Трет рајх или за добронамерниот Брисел, појдовната точка очигледно ни останала иста: не нè бива. Затоа, единственото што ни преостанува е да се повлечеме и да оставиме нашиот поглавар да нè поведе за уши – или кон успех или кон пропаст.
Ваква самоомаловажувачка реторика веќе одамна слушаме од соседството, и тоа од извор на кој не сакаме да се угледаме. Српскиот претседател Александар Вучиќ уште пред повеќе од две години им порача на своите граѓани дека „нивниот проблем е што многу сакаат да се жалат, па затоа и толку заостануваат“. Во една друга прилика, Вучиќ истакна дека „во Србија се слават само порази и војни“ и дека „Србите никогаш нема да му простат [ако им обезбеди] подобра иднина“.
При своето пристапување кон МАНУ во 2003 година, Горан Стефановски безмалку пророчки ја антиципираше опасноста од ваквата негативна идентификација, базирана врз премисата „не знам точно кој сум, но точно знам кој не сакам да бидам“. Стефановски одамна нè предупреди дека „тие приказни се мрзливи и пасивни“ и дека „избегнуваат анализа, работа и одговорност“.
Меѓутоа, ние не го послушавме. Напротив, со истиот плачлив наратив на неспособност ние го позициониравме влегувањето во ЕУ како наш единствен спас (од самите нас), подредувајќи го нашето целокупно битисување исклучиво на остварувањето на оваа сè уште далечна цел. За жал, наместо да нè вразумат, претставниците на ЕУ честопати само нè охрабруваат во нашето механичко разбирање на евроинтеграциите. Споредувајќи го кандидатскиот процес со видео-игра во која „кога ќе се постигне одредено ниво се добиваат поени, па се продолжува кон следното ниво, па кон уште потешкото итн.“, бриселската висока комесарка Федерика Могерини неодамна ни ја отстрани дури и онаа трошка надеж дека евроинтеграциите можеби сепак ќе ни послужат како некаков инструмент за демократизација. Со оваа изјава, Могерини нè охрабрува да продолжиме да ја доживуваме ЕУ како некаква имагинарна цел, и тоа во една виртуелна реалност во која е важно само да го зграпчиме приматот „ЕУ членка“, наместо вистински да станеме европска држава.
Европската унија како уште еден извор на политичка мобилизација
Ваквото механичко сфаќање на евроинтеграциите има видливи последици: наместо поттик за успешни реформи, тие сè повеќе стануваат изговор за неуспешни реформи. Впрочем, опседнатоста со членството во ЕУ како цел, а не како средство за постигнување одредена цел (демократија и просперитет) само ја оддолжува колективната мобилизација во која сите се наоѓаме барем од „бомбите“ наваму, ако не и подолго. Во последниве години, секој кој во Македонија зборува за реформи упорно завршува во апсурден клинч со некаква „повисока цел“.
Пред падот на Груевски, зборувањето за конкретни реформи – наместо за бесконечните пржински модалитети на промена на власта – значеше „ситнење на отпорот“. По промената на власта, пак, се создаваше фама дека зборувањето за реформите само го јакне ВМРО-ДПМНЕ пред локалните избори, а лани дека ја загрозува успешноста на референдумот за името. Во сличен манир, до вчера се бараше трпение додека да поминат уставните промени, прво кај нас, а потоа и во Атина. Дали некој може да гарантира дека кога ќе почнат пристапните преговори со Брисел, власта нема да бара трпение „додека да се отвори поглавјето X/затвори поглавјето Y“? Доколку триесет и петте поглавја од европската легислатива се претворат во триесет и пет поводи за барање трпение, пристапните преговори лесно ќе станат непријател наместо сојузник на реформите.
Тука доаѓаме до сржта на проблемот со виртуелната метафора на Могерини. Патот кон ЕУ е сè, само не видео-игра што може да се игра од комфорот на сопственото столче. Напротив, ако веќе навлегуваме во метафори, таа повеќе наликува на трнлив пат со триесет и пет високи пречки. Притоа, овие пречки во никој случај не претставуваат засебни „нивоа“, туку бариери од кои голем дел ќе треба да се прескокнат истовремено, и тоа во краток временски период.
Дури и кога Брисел би можел по нашето влегување во ЕУ „камшикарски“ да ни вбризга инјекции за демократија и просперитет (не може!), главниот дел од работата мора да биде завршен предвлегувањето – без странски „камшици“. Доколку ова звучи премногу песимистички, доволно е да се потсетиме дека Брисел пред „бомбите“ со прст не мрдаше за далаверите на Груевски, исто како што денес со прст не мрда за далаверите на Вучиќ. Членството во ЕУ несомнено еден ден ќе ни помогне, но само ако прво си помогнеме самите.
Брод, камшик или победа?
Познатиот политиколог Иван Крастев забележува дека доколку некој народ во минатото сакал да си го подобри животот, потребно му било оружје за да крене револуција. Денес, од друга страна, сè што ни треба е еден обичен брод (или кое било друго превозно средство). Очигледно, тука треба како трета варијанта да се придодадеме и ние кои мислиме дека ни треба камшик.
Од 2004 наваму, Европската унија „донесе живот“ за 13 нови земји. Меѓутоа, голем дел од луѓето во овие земји таквиот живот си го побараа надвор од дома. Без оглед на напредокот кој сите овие 13 земји го искусија по влегувањето во ЕУ, јазот помеѓу државите примени пред и по 2004 година останува толку значителен што во науката најчесто не се зборува општо за ЕУ, туку за „ЕУ-15“ (државите примени пред 2004) наспрема „ЕУ-13“.
А сепак, не смее да се заборави дека истиот овој јаз бездруго ќе беше многу подлабок доколку „ЕУ-13“ државите останеа надвор од клубот, без сите трговски придобивки кои тој ги носи. Секако, овој јаз непотребно го преувеличуваат и разните „камшикарски“ метафори за небаре вродената инфериорност на Истокот наспрема Западот, која во реалноста е многу помала и во никој случај не мора да биде трајна.
Доколку го задржиме „камшикарскиот“ менталитет, во моментов изгледа поверојатно дека влегувањето во ЕУ ќе биде нашиот крај, наместо најсветлиот момент во нашата самостојност. Доколку сакаме да го искористиме Брисел како прирачник за демократија и просперитет, наместо како билет во еден правец за Западна Европа, ние мораме прво да си ја вратиме вербата во самите нас. И тука повторно можеме да собереме мудрост од Стефановски. Иако во поинаков контекст, Стефановски нè потсетува дека „победа“ всушност може да значи многу работи. За оние кои чекаат некаков камшик, нивната победа (по нивната сопствена логика) мора да биде во нивниот пораз. Дали нашата победа може да биде во – нашата победа?
*Кристијан Фидановски има дипломирано политички науки и источноевропски студии на Универзитетскиот Колеџ Лондон. Моментално живее во Вашингтон, каде е дел од постдипломска програма по руски и источноевропски студии на универзитетот Џорџтаун. Исто така е уредник на онлајн-магазинот на англиски јазик за политички и општествени прашања во Источна Европа „Востокијан“. Негови примарни интереси се политиката и општеството на ексјугословенските простори.
**Блогот е објавен во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk. Оригиналната објава можете да ја прочитате ОВДЕ.