Претпријатијата и многу стопански дејности имаат се помалку сила за справување со домашните рестриктивни мерки и надворешните влијанија врз економијата при натамошно опстојување на пандемијата. Излез не се новите странски задолжувања, кои ја доведуваат Македонија во длабоко „должничко ропство“, туку „сечење“ на сите нерационални трошења во буџетот и генерален ремонт на економијата, напоредно со јавно–здравственото спасување на животите на луѓето пред налетот на вирусот Ковид-19.
Република Македонија се соочува со економска и здравствена криза, која не е забележана со децении во нејзиното постоење како држава: по речиси една и пол година од избувнувањето на пандемијата се изгубени повеќе од 4 илјади човечки животи, а домашната економија ита кон реален колапс. Ширењето на вирусот не запира, македонскиот здравствен систем нема доволен капацитет да му помогне на населението и оттука се поактуелно станува прашањето: како да издржат стопанските претпријатија и граѓаните кога економската и здравствената криза допрва ќе се заострува?
Околу 30 илјади граѓани вработени во туризмот и угостителството трпат силни удари по нивната основна егзистенција, поради честите затворања на нивните објекти. Кон средината на месецов претставниците на Туристичко – угостителската комора предупредија: „Приходот во изминатите 13 месеци е со пад од 85% до 100%… поради пандемијата туристичките агенции, хотелите и другите придружни дејности се пред колапс, затоа е неопходно институциите да помогнат за овој сектор да опстои…“
Покрај туризмот и угостителството една од особено погодените гранки е и текстилната индустрија. „Нетпрес“ во својата анализа од средината на овој месец објави: „Текстилната индустриjа е пред колапс сметаат експертите. Власта не донесе структурни мерки, кои би значеле спас на оваа гранка… До сега поради корона кризата работните места ги загубија скоро 50.000 граѓани и според експертите овој број се повеќе ќе се зголемува, ако продолжи вака лошата состојбата во текстилната индустрија
Најдлабока рецесија по 2001 година
Во анализата „Ефекти од пандемијата на ковид – 19 врз македонската економија“ од јануари годинава, авторите посочуваат на дел од најтешките последици за македонската економија од пандемијата: „…македонскиот бруто – домашен производ во вториот квартал на 2020 година падна за 14,9 отсто на годишно ниво… Овој пад … беше еден од највисоките во Европа.
Во третото четиримесечие … падот на бруто – домашниот производ е намален на 3,3 отсто. Фискалната поддршка на македонската Влада за време на пандемијата изнесува 3,5 проценти од тој производ и е меѓу најмалите во Европа.“
Од друга страна, премиерот Зоран Заев на една неодамнешна прес конференција во Владата се огласи со тврдење дека „економијата заздравува, а за тоа се потврда позитивните тековни економски движења и тоа високиот раст на извозот, растот на трговијата, зголемениот број во кредитирањето и растот на просечната плата“, аргументирајќи: „… примената на четирите пакет-мерки изнесува 82 проценти, или 860 милиони евра. … економските мерки го подобрија економскиот резултат за 4,2 процентни поени.“
Да се спасат малите и средните претпријатија – столбот на економијата
Состојбите во реалноста се поинакви. Лани малите и средни претпријатија, особено оние од најпогодените сектори – производствениот, услужниот и туристичкиот – претрпеа најсилни пандемиски удари и затоа згаснаа 6200 такви економски субјекти, а околу 17 илјади работници останаа на улица. Малите и средни претпријатија сочинуваат и повеќе од 99 отсто од регистрираните активни претпријатија и бездруго имаат најбитна улога во функционирањето на македонската економија.
Тие со 65 отсто учество во бруто домашниот производ преовладуваат пред другите субјекти, обезбедуваат повеќе од 80 отсто од работните места во приватниот сектор и претставуваат столб на економијата. Токму затоа на почетокот на годинава Сојузот на стопанските комори достави до Владата 15 мерки за опстанок на работните места и на претпријатијата, со нагласка: „,Приоритетните мерки… вклучуваат … продолжување на помошта во вид на бескаматни кредити и можност за репрограмирање на обврските од активни кредитни побарувања. … Важно е … и да се надмине нарушената ликвидност, која многу бргу може да доведе до затворање на дел од правните субјекти, ако не се обезбеди непрекината финансиска помош.“
Кога може да се очекуваат први знаци на закрепнување на домашната економија?
На почетокот на март годинава во врска со новите мерки за помош на економијата на прес – конференција министерот за финансии Фатмир Бесими изјави дека „Петтиот пакет предвидува забрзување на заздравувањето на економијата, а понатаму и забрзување на економскиот раст.“ Сепак, рано е да се најавува економско заздравување во тековнава 2021 година во Македонија, дотолку повеќе што пандемијата е сѐ уште далеку од завршена. Економски многу поразвиените европски држави – и редица нивни истакнати економски експерти реалистично нагласуваат дека во третото четиримесечие на 2022 година, или дури и во 2023 година, можат да се очекуваат првите ефекти од економското закрепнување и на враќањето на нивото од пред избувнувањето на пандемијата.
„Фајненшел Тајмс“ пренесува најважни ставови од истражување со опфатени дури 100 реномирани англиски економски експерти и аналитичари, кои објективно нагласуваат дека економијата на нивната земја мора да смета дека нејзиното постковид – економско закрепнување ќе оди бавно, со напоредно зголемување на невработеноста, со зголемување и на економските стечаи… Во тоа истражување Ангус Амстронг (Angus Armstrong), директор за Одделот за „Обнова на макроекономијата“ при британскиот Национален институт за економски и социјални истражувања (NIESR) за временските изгледи за заздравување на англиската економија вели: „Економијата ќе ја поврати својата големина пред пандемија во 2023 година. Многу зависи од ефикасноста и успехот на ширењето на вакцините, но и од слабоста на деловните инвестиции.“
Се поставува прашање: колкави се можностите за закрепнување на македонската економија, кога пандемијата предизвика, покрај другото, и значајно намалување на странските директни инвестиции? Во споменатата анализа „Ефекти од пандемијата на ковид-19 по македонската економија“ на Фондацијата за демократија на Вестминстер за Македонија се истакнува дека се бележи „повлекување на капиталот од страна на странските компании“: „Во првиот квартал на 2020 година странските инвестиции изнесуваа 233 милиони евра, а во 2019 година 488 милиони.“
Треба да се намалува, не да се зголемува надворешната (пре)задолженост
Не може да се смета на којзнае колкав простор за заздравување на националната економија кога се запира ритамот на нејзиното функционирање, од што зависи и создавањето на бруто – домашниот производ. Поедноставно кажано, кога не работи економијата, нема ниту пари во државата, во буџетот, во џеповите на граѓаните. Издавањето на новата седма по ред еврообврзница, овојпат со рекорден износ од дури 700 милиони евра е доволно убедлив показател дека државната каса е се попразна, наспроти сите владини уверувања на јавноста дека „буџетот е во добра состојба и се полни според планирањата“.
На крајот на минатиот месец беше објавено соопштението на Народната банка на Македонија, според кое бруто – надворешниот долг на Македонија (вкупен долг во кој освен јавниот се вбројува и долгот на фирмите, осигурителни друштва, банки…) на крајот на четвртиот квартал од 2020 година достаса ниво од 8 милијарди и 630 милиони евра, што претставува 80,2 отсто од бруто – домашниот производ.
Но, во „Редовниот економски извештај за Западен Балкан“ за есента 2020 година Светската банка за Македонија порача дека е потребно „да продолжи … намалувањето на долгот што почна во 2017 година“, констатирајќи: „На среден рок ќе биде неопходно јавните финансии да се доведат на одржлива патека. … С.Македонија треба да ги редефинира приоритетите на расходите за подолгорочно закрепнување…“.
Владата да ги сосече сите непроизводствени трошења од буџетот
Владата со сите свои институции и органи мора да формулира длабоко осмислена програма за целосно и ефективно сосечување на сите видови непроизводствени трошења, потрошувачката на државниот буџет да се извршува со максимално рационализирање, а на финансиски истоштените претпријатија и стопански дејности да започне да им се помага и преку ослободување, или намалување на одредени даноци, административни и други трошоци.
Страв во стопанството и кај граѓаните предизвикуваат и повремените навестувања во јавноста дека, наводно, би можело да дојде и до девалвација на денарот, како резултат на пандемиските удари врз економијата и на сегашното управување со јавните финансии. Група професори на Економскиот факултет од Штип, во својата научна статија „Влијанието на пандемијата предизвикана од ковид-19 врз македонската економија“, напоменуваат: „… имаше намалување на денарските, а пораст на девизните депозити, што најверојатно се должи на стравот на граѓаните од можна девалвација на домашната валута.“
Маките на граѓаните со коронавирусот воопшто не се завршени, а ниту маките на стопанството. Започна „галопот“ на инфлацијата и силниот пораст на цените на услугите и храната, се продлабочува сиромаштијата кај се повеќе слоеви на населението. Претстои пролет на социјални протести и уште поостра економска криза. Станува итна потребата да се преземат сите економски и други мерки, за да запре урнисувањето на економијата и на животниот стандард на населението.
Итни мерки
Намалување, или отстранување на позначителен дел од давачките на претпријатијата кон државата; целосно рационализирање на државниот буџет и јавните финансии заради кусорочно и долгорочно помагање на опстанокот и развојот на економијата и на животот на граѓаните; моментно откажување од нови странски задолжувања; обемна програма за финансиски ефикасно помагање на најсиромашните категории граѓани и оние што ги изгубиле работните места поради преземените рестриктивни мерки со оглед на борбата со ковид-19 – сето ова можат да бидат дел од економските мерки, со кои ќе се спречи колапсот на економијата и ќе се отпочне нејзиниот генерален ремонт во пост-ковид периодот.
*Свето Тоевски е долгогодишен новинар и независен социоекономски и политички аналитичар, магистер по политички науки и самостоен истражувач во политичките науки и лингвистиката и македонистиката.
**Блогот е објавен во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk. Оригиналната објава можете да ја прочитате ОВДЕ.