Државната матура во Македонија ги бележи своите почетоци во 2006 година, кога тогашната Влада се одлучи на воведување „современ метод на оценување“. Првично, како пилот програма која подоцна ќе биде имплементирана во целосниот образовен систем и ќе биде користена како своевидно тестирање на основните способности на средношколците.
Од пилот програма која требаше да се спроведе во поголеми рамки, таа беше пренаменета за средношколците во Велес, Битола, Охрид, Струга и Струмица – со цел здобивање со податоци според кои овој проект би се унапредил и имплементирал. Клучно е да се напомене дека резултатите од ваквото тестирање не би се сметале кон крајната оценка која би влијаела врз уписите во високите образовни институции.
Македонскиот експеримент
Она кое беше замислено како фамозните стандардизирани тестирања во Соединетите Американски Држави, Кина, Индија, и другите развиени економии, прерасна во одреден модел на тестови кои се лесно експлоатирани од средношколците.
Моделот на матурата претрпе бројни модификации; од пилотот со испит по мајчин јазик и изборен предмет, преку испити од два екстерни предмети, интерни и проектна задача, се до моделот кој се применува од ковид кризата до сега. Концепцијата која се применува во веќе изминатата 2022/23 е своевиден хибрид на претходно наведените концепции. По преговори, протести, и концесии – средношколците се изборија за модел со два екстерни предмети – мајчин јазик, втор јазик, или математика – и два интерни предмети, како и проектна задача по избор на ученикот.
Сепак во полагањето на матурата се пројавуваат и повеќе проблеми. Така, од бројот на запишани средношколци кој со години се намалува – од 89.884 во 2012/13 до запишани 71.000 ученици во 2020/21, па сè до бројните нерегуларности при самото полагање на задолжителните испити.
Моделот на стандардизирано полагање на испити кај средношколците има за цел да го олесни процесот на запишување во високото образование, преку усвојување на унифициран модел на оценување. Ваквиот модел на оценување би го олеснил и процесот на запишување на средношколците надвор од земјава, нешто што веќе со години е тренд.
Големата стапка на емиграција придонесува кон недостаток на стручен кадар во повеќе клучни гранки на економијата, што само го „ослабува“ факторот кој придонесува кон ригорозни реформи во образовниот систем. Сосема логично, помалиот број на матуранти, придонесува и кон зголемување на просечната оценка која тие ја постигнуваат на испитите. Тоа е споредливо доколку се земе за пример разликата од учебната 2014/15 година кога просечната оценка изнесувала 3,37, и учебната 2020/21 кога таа се зголемила на дури 3,78.
Во периодот на така-наречената, ковид криза, средношколците успешно го „вразуми“ Министерството за образование и наука да не се одржи матурата. Додека пак, за веќе изминатата 2022/23 година, Сојузот на Средношколци „извојува“ победа кога Министерството за Образование и Наука се согласи да се спроведе своевидна „скратена концепција“.
Иднината на матурата
Со развојот на модерните економски системи, потребно е и развој на моделите кои се имплементираат во научно-образовните установи.
Матурата се истакнува како единствена адекватна концепција за академска проверка на средношколците и веќе стекнатите знаења. И покрај пројавените ставови за замена на стандардизираното тестирање со пофлексибилно тестирање со индивидуални испити за прием на универзитетите, тие не наидоа на поддршка кај различните министри, директори, и одредени лица на значајни позиции во активистичките кругови.
Со заменувањето на матурата со приемни испити, средношколците би биле затекнати со уште поголеми трошоци за подготовка, и поголеми потешкотии при полагањето – во главно поради недостатокот на централизирана база на прашања, испити, и клучеви за испитите.
И покрај повеќебројните недостатоци, матурантите се тие кои треба да дискутираат за своите потреби и потребата од адаптација на концепцијата за матура сè со цел истата да биде најдобро прилагодена за потребите на растечкиот европски и светски пазар.
Кристијан Митевски
*Оваа статија е дел од #МладинскиВесник – мини рубрика на Радио МОФ каде се објавуваат содржини од членовите на новинарскиот клуб на Радио МОФ, предводен од новинарката Теодора Цветковска.