Владо Крстовски, програмски менаџер на Репубичкиот центар за поддршка на лица со попреченост „Порака“, во една неодамнешна емисија ми даде фина потсетување за нашата, медиумска улога. Дека успех на спортист со атипичен развој треба да биде ставен во спортска рубрика. Дека претстава на инклузивна театарска трупа треба да биде ставена во културна рубрика. Не треба да бидат ставени во социјала. Таму, во тој кош, некако по дифолт влегуваат лицата со атипичен развој. Исто така и во специјализирани емисии што се прават исклучиво за лицата со атипичен развој, кои ретко ги гледа некој освен самите тие лица и нивните семејства и пријатели.
Да, нели, убаво е да се прават емисии. Се’ е плус. Јавноста преку медиумските содржини, преку медиумските продукти, сакала или не, стапува во контакт. Искуствата покажуваат дека надминување на стереотипи и дискриминација се решава најдобро, се случува најдобро кога постои директен контакт. Се надминува со изложеност. Односно, контра гледано, „невидливоста“ на лицата со атипичен развој во медиумите го спречува нивното учество во јавниот живот и остварување на права и можности во домен на културата, образованието, социјалата итн.
Но, ние, медиумските работници, КАКО го правиме тоа, како ги прикажуваме кога ги прикажуваме?
Од една страна е афирмативната улога. Не е на одмет мааалку попозитивно претставување на лицата со атипичен развој. Треба ли по секоја цена да сe става депресивна и тажна музика во медиумски производи кога се прави приказна за лице во количка? Или дете со аутизам, или со Даунов синдром, или со церебрална парализа, или приглуво лице? Да, емоцијата го „впива“ гледачот, ама емоцијата така создава исклучување, а не приклучување. Така оди контра заложбите за еднаквост и инклузија, туку не’ тера на сожалување и милосрдие. На лицата со гореспоменатите состојби и нарушувања не им треба сожалување! Преку глава им е да бидат прикажувани само како забаталени социјални случаи.
Од друга страна, треба да се нагласи, им пречи и претераното хиперболизирање. Да ги претставуваме како ултимативни суперхерои, во случаи кога зборуваме за секојдневни и едноставни работи. Да, и тоа го правиме, со добра намера, ама некогаш има контра-ефект и пливаме во патетични води. Пак играме со емоции. Ако гледаме на поширокиот пристап на нашата улога, тоа значи реобмислување кога се прави прилог, или цела емисија. Пронаоѓање баланс меѓу таа потреба да прикажуваме способности и потенцијали, а да не отидеме во зоната на тажни и пасивни приказни.
Друго, не ми е јасно зошто се замаглуваат фаците на деца со аутизам или Даунов синдром, кога нема потреба за такво нешто? Пример, собрани група деца на јавен простор, типични и атипични, а медиумот замаглил фаците само на оние со „попреченост“. Која е поентата!? Ако родителот е ригиден, повлечен или исплашен за своето дете, па бара фацата да му биде замаглена, улогата на новинарот е да проба да го убеди да ја види пошироката слика. Дека прави контра услуга и за себе, и за своето дете, и за генералното поимање на децата со атипичен развој.
Имав баш таков случај во една игротека. Родителот ми бараше да го замаглам неговото дете, иако настанот беше од јавен карактер и требаше да пушти пораки за „еднакви можности“. Контрадикторно и глупаво. Одбив да сликам и пишувам за настанот. Родителот прво се налути, ама после 20-ина минути ми пријде и отворено зборувавме за ефектите на темата. После објавениот текст со фотографија од децата – ми се заблагодари.
Муабетот беше, медиумот треба да ја прикажува различноста, ама да не и одмага со „маркирање“. Убавината на различноста е кога децата се заедно во игротека, во Охрид на екскурзија, на детска претстава, сите заедно како дел од колектив. Некој прави помалку, некој повеќе. Ама треба можност да се надополнуваат, да „кликнат“ заедно. Тоа медиумот треба да проба да го овозможи, како јавен интерес.
Како што вели почитуваната Билјана Димитрова и целиот „Колектив Ветерница“, на кој му се поклонувам, мора и самите деца да бидат поттурнати, од сите нас, за да поминат процес на самоспознавање. Дека можат да бидат учесници и да се препознаат како активни творци. Како луѓе што сакаат да бидат таму, меѓу другите. Бидејќи, пример, „Колектив Ветерница“ има инклузивна културна продукција, уметност што е податлива алатка за децата да се насочат и извадат од стакленото ѕвоно на родителите. Да си го откријат потенцијалот и да го дадат на сцена, преку ТОЈ колектив, а не да бидат гледани само како „група атипични или типични деца што им се дава шанса“ и потоа се чека аплауз, па сите накај дома. И, толку од таа „спојка“. Туку учесниците од претставата потоа да бидат земени предвид како релеватни актери од критиката, таа да даде објективен став за уметничкото или сценското дело, без да биде фокусирана само на „попреченоста“. Значи, во тој случај, сме го подигнале нивото на интегрирана културна пракса. А, верувајте, сево ова почнува со медиумското покривање и јавните наративи што ги пуштаме во промет.
Исто прашање што ме мачи. Зошто лицата со атипичен развој да не бидат извор на информации, или соговорници? Како некој што може да каже мислење, став, агол, размислување на одредена актуелна тема? Или да учествува во медиумска анкета? Ако е некој во количка не значи дека не знае „колку е саат“ во државата, не значи дека е неспособен да процени што е лоша, а што добра политика. Исто така, што му треба од културна понуда во градот, која му е најомилена игра на „Плејстејшн“, кои серии ги препорачува што ги „бинџал“ зимава, што мисли за аерозагадувањето во Македонија, за цената на лебот и струјата, за законите за пушење во затворени простории, за… што било!
Мора да признаам, и јас самиот не го правам ова доволно. Затоа и го пишувам текстов. Знам дека и колеги новинари недоволно го прават. Можеме повеќе. Како што можеме да пишуваме и снимаме прилози низ цела година, а не само за 3 декември, за пристојно да го одбележиме Меѓународниот ден на лица со попреченост. Дали со еден таков текст ја исполнуваме должноста кон јавноста за нашите сограѓани? Не е само до аргументот дека редакциите ни се мали, нема поделба по сектори и сите новинари се станати сештолози, па „немаме време и капацитет“. Не сакам да верувам дека е само ТОА.
Бојан Шашевски