Во етнолошките и антрополошки истражувања на миграциите, особено на бегалските, покрај законската регулатива задолжително е да се спроведат теренски истражувања преку разговори и интервјуа со мигрантите, за начинот на кој се дојдени до Македонија, за до/пре/живувањата кои ги имале, за односот на локалното население кон нив на престоите во разните држави на т.н. балканска рута, во камповите помеѓу бегалците од разни држави, за односот на вработените во центрите кон нив, за нивните планови, намери и очекувања и други прашања кои се појавуваат а претходно не биле предвидени.
Миграциите како општествен процес чија што основа е интеракциско поместување кое доведува до промени во интеракцискиот систем, не претставува само просто преминување во друг физички простор – затоа и интеракцискиот систем е во фокусот на истражувањата на хуманистичките науки (етнологија и антропологија, социологија, психологија) при проучување на миграциите.
За да се утврди динамиката на миграциите претходно треба да се утврдат критериуми и процеси преку кои континуираното незадоволство, чувство на немоќ и постојаната депримираност влијаат врз одлуката за мигрирање.
Луѓето се селат кога постојната општествена ситуација не ги задоволува нивните потреби. Индивидуалните одлуки за заминување зависат од многу причини, но едни од поважните се оние кои се во тесна врска со отвореноста или затвореноста и на емигрантскиот и на имигрантскиот општествен систем. Пристапот на истражување на миграциите во антропологијата, треба да е повеќе аналитички, а не историски. Добиените сознанија треба да одговорат на прашања од типот: кои се мигрантите, зошто мигрираат, каде и како мигрираат, кои се последиците од миграциите.
Секое од овие прашања вклучува многу продлабочени потпрашања преку кои се дознаваат и други одговори (на пример за интеракцијата, (не)прифаќањето и односот на локалното нaселение каде мигрантите се стационираат пред да стигнат на крајната посакувана дестинација, за културните различности и сл.).
Теориите на миграциските системи се фокусирани на процесите внатре во миграциските системи кои се долготраен процес, траат и тогаш кога на прв поглед изгледаат дека се завршени. Мигрантите настојуваат да имигрираат во земја каде што би можеле да ги задоволат своите цели и желби, а исто така по можност новата општествена организација да е иста или блиска со онаа од која што доаѓа. Ако пак имиграцискиот општествен систем е битно поразличен може да се очекува дека мигрантите:
- Ќе живеат во два света
- Ќе формираат некоја мигрантска организација за премостување на културниот јаз, или
- Потполно ќе се вклопат во новиот општествен систем.
Миграциите од втората половина на XX и овие од почетокот на XXI век, се разликуваат во многу сегменти, a интензитетот на миграциите е во континуиrан пораст. Порастот на меѓународните миграции е проследен со значителни промени во видовите на овие движења.
Притоа особено внимание, на државно, регионално и на глобално ниво, се посветува на бројот на бегалците кој во последните години е во постојан пораст. И Македонија има донесено соодветна правна, законска регулатива, т.н. миграциска политика, преку која се уредуваат прашањата во однос на овие миграции. Државата соработува со други земји во областа на визите, граничната контрола, азилот, контролата на илегалните миграции, бегалските масовни миграции, криумчарењето на мигранти, трговијата со луѓе.
Исто така, мерките во социјално-економскиот дел на интеграција треба да им овозможат на имигрантите пред сé на бегалците, да не бидат зависни од финансиската поддршка која им ја дава државата. Главни елементи на политиката во оваа област се образованието, вработувањето, здравствената заштита, што даваат солидна основа за интеграција на имигрантите. Вработувањето на имигрантите е најсложено прашање во процесот на социјалната интеграција, иако бегалците како и останатите мигранти во нашата држава имаат право да аплицирaат за добивање на работна дозвола.
Во етнолошките и антрополошки истражувања на миграциите, особено на бегалските, покрај законската регулатива задолжително е да се спроведат теренски истражувања преку разговори и интервјуа со мигрантите, за начинот на кој се дојдени до Македонија, за до/пре/живувањата кои ги имале, за односот на локалното население кон нив на престоите во разните држави на т.н. балканска рута, во камповите помеѓу бегалците од разни држави, за односот на вработените во центрите кон нив, за нивните планови, намери и очекувања и други прашања кои се појавуваат а претходно не биле предвидени. Возрасната, образовната, половата и родовата структура на бегалците исто така се дел од истражувачките теми.
Сите овие информации се анализираат во меѓусебната интеракција и практична примена со што се добива пореална претстава на бегалците, бегалскатa криза и предвидена развојна насока на истите. Поимањето на Другоста, стереотипите и предрасудите се појави кои можат да се проучуваат и во мигрантските заедници. Се работи за исклучително комплексна појава со што миграциите стануваат многу интересни и предизвикувачки истражувачки теми за повеќе научни области.
***Објавата е финансирана од Миграцискиот повеќепартнерски доверителски фонд. Нејзината содржина е одговорност на партнерските организации и не нужно ги отсликува гледиштата на Фондот.