Завчера по 13-ти пат му се случи „Земјотрес“ на Скопје. Со 20 музички изведувачи – бендови, соло музичари, продуценти и диџеи на електронска музика, на 3 сцени. Фантазија! Фестивал со инди пристап на самоодржлива платформа, кој зависи исклучиво од бројот на продадени билети. Единствен, не само во земјава, туку и во меѓународни рамки.
Кор тимот на фестивалот годинава беа – Филип Тасевски, Виолета Качакова и Тејка Васиљевиќ. Генијално, се може, кога се знае како и се сака од срце. А „Земјотрес“ започна пред 13 години со Мирко и Фиц.
Низ годините, „Земјотрес“ прерасна во отскочна даска за најмладите музичари, трасирајќи им го патот за понатамошен развој, видливост и можност за настапи на други фестивали. Секоја година неколку илјадници млади фанови го полнат „Земјотрес“.

Архивско фото: Земјотрес
Ова издание организаторите му го посветија на Попов, Мирко Попов. Логично.
Изминативе години многу кукаме против децата и ги тагнуваме како главни виновници. Претажно е колку ова општество, брутално мрази деца, ги фрла на маргините, а потоа насилно им ги пакува куферите и на клоци – надвор од границите. Ние сме земја која крајно потценувачки ги доживува, нема никаква почит кон идните генерации. Се повикуваме на нив, само кога треба да ги оцрниме по медиуми и социјални мрежи. Наместо да засукаме ракави и да инвестираме во нив знаење, одиме по полесниот пат – не чинеле. Па кој им ја форсира глобалната меинстрим квази (не)култура?!
Системот… кој преферира да не’ храни со закани, влевање страв во коски, знаеш ли ти кој/а сум јас, партиски книшки, бугарски пасоши, турски серии, турбофолк, простотија, поделеност и неукост, за полесно ко од пластелин да не’ модулира. За потоа, биле бахати, среброљубци, неваспитани, необразувани, агресивни, испуштени од раце…
Се разбира, сите ги таргетираат родителите, кои се први на отстрел што воспитале такви генерации. Иако и дел од нив, се само колатерал и жртви на лошиот систем.
Потоа наставниците, нуспродукт на кородираниот и корумпиран образовен систем, кој повеќе не произведува школуван кадар даскали (чест на исклучоци). Наместо наставниците да им го трасираат патот на овие деца и да им бидат ветер во грб и да бидат бонус трака и продолжена рака на добрите родители, тие им ја убиваат желбата за понатамошна наобразба.
Прават да замрзат школо, им ги загрозуваат основните детски права, како на пример, за време на час да појдат до тоалет, се стискаат и трчаат на одмор или право дома. Пошо лажеле, не им се мочало. Им било досадно на час. Па кој е виновен и да и им е досадно?! Шо не држат они 8 саати, па дома да ги обават основните физиолошки потреби?! А потоа предаваат предмети како граѓански и детски права, на пример. Каква иронија.
Ама на класен час било забрането да се зборува за Фросина и другите деца жртви. Од што се плашат? Од младешки активизам и пркос? Им се дерат и ги понижуваат на часови. Во описот на нивната работа, не е само да предаваат – какви житни култури има во некое забито село во Кина, и ако некое дете учи со разбирање, а не напамет, како што е до запирка напишано во учебниот, седи кец.
Во описот на нивната работа е и да почувствуваат кое дете и какви афинитети има, што го мачи, а што го исполнува и прави среќен, пошо не може сите да бидат генијалци за математика…
Немаме социјална култура, билдаме егоизам, наместо колективен дух, а ко ќе потпораснат ги чипираме да заземат страна на „ваши или наши“, наместо да бидат свои. Пошо системот се наежува до коска од индивидуалци. Не постојат лоши деца, мислам дека го апсолвиравме тоа прашање. Ние возрасните ги правиме лоши, макар и со најдобра намера, секој според своите капацитети и можности.

Архивско фото: Земјотрес
Јас завчера на „Земјотрес“ видов еден куп добри деца. Стотици. Видов момче дј, кој со изборот на музика ме фрли на колена, ме натера да се распрашам, кои родители воспитале вакво надарено дете и да дознаам дека е дипломиран доктор, десеткаш, во слободно време скејтер и со силни афинитети кон електронската музика. Видов и преслатка диџејка – мултидисциплинарна уметница, видов модерни деца фанови, со смисла за ритам и фантастичен моден стајлинг, кој ме потсеќа на Берлин и Hackney во Лондон. Сигурно имаше уште многу што да видам, ама ме фатија на кондиција и морав дома.
Сега го разбирам Мирко, кој години назад ми викаше дека има прекрасни и умни адолесценти во оваа земја, кои треба да ги поддржиме, неуморен беше да им издава музика, да ги испливува на површина…
Цело време бев во арогантна заблуда дека ние сме последната скопската генерација авангардни деца, во раните 90ти, што изградивме култна сцена, уште пред да стисне гас на најако оваа бесконечна транзиција… дека ние бевме најпаметните што ги читавме Вајлд и Кундера, ги слушавме Dead can dance, Cocteau twins, Underworld, David Sylvian, Orb, Paddy Mcaloon, LCD Soundsystem, Future Sound of London, Stereolab…
Касно сфатив дека Мирко беше во право – навистина „Силата еу Младите!“
Наша должност е да им ги рашириме крилјата на овие прекрасни деца.
Ивана Тасев, новинарка и ПР консултантка
*Ставот на Тасев е превземен од Фејсбук и реобјавен со нејзина дозвола
**Мислењата изнесени во рубриката „Став“ се на авторите и ненужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на Радио МОФ.