Вчера беше промовирано првото истражување за мониторинг на досегашната работа на Агенцијата за млади и спорт, која е единсвеното тело надлежно за младински прашања во земјата. Анализата на Младински образовен форум покажа неколку клучни работи: секторот млади е рудиментиран споредено со секторот спорт, многу од државните институции немаат интерсекторска соработка со агенцијата, не се водела уредна документација за многу прашања и соработката со младинските организации била мала и селективна.
За да може да се подобри животот на младите во државата потребно е да имаме институција која ќе се посвети на нив. Буџетот на агенцијата за млади и спорт е далеку поголем за спорт отколку за млади. Ова не значи дека треба да се бира меѓу младите и спортот, туку дека треба да се зголеми буџетот за млади барем на нивото на тој за спорт. За сите досегашни спортски игралишта и терени кои се изградени, може да дискутираме колку се користат или пропаѓаат во моментов и колку од нив навистина го збогатиле животот на младите а колку ги збогатиле само оние кои ги граделе.
Постои една приказна од минатото која можеби подобро го доловува фокусот на оваа институција. Пред повеќе година Агенцијата престана да отвора повици за поддршка на младински проекти и инцијативи, а и тие што ги имаше беа многу малку и се броеа речиси на прсти (во 2016 Агенцијата за млади и спорт имала избуџетирано само 11 проекти за млади). Поради тоа и можеби на шега, повеќе младински организации се запрашавме дали ќе добиеме шанса да работиме со агенцијата ако направиме проект за спорт место за млади. Па така смисливме дека ќе правиме турнир во мал фудбал меѓу младински невладини организации. Ако проектот не биде одобрен никому ништо, ако помине ќе организираме активност за ги поврземе младинските невладини организации. Проектот навистина беше избран и шегата дека АМС би ги поддржала младинските организации само ако работат спорт, стана реалност за кратко.
Оваа слика мора да се смени за младите да добијат некаков подобар живот во земјата. За тоа постои и стратегија за млади до 2025та година, која иако не е квалитетно изработен документ барем дава некаков правец за работа за младите. Ама сепак на оваа статегија и се заканува повторување на историјата од претходно.
Поконкретно, највисокиот политички документ во Македонија кој ги уредува политиките за млади е националната стратегија. Една стратегија веќе беше изготвена во минатото, односно стратегијата за млади 2005-2015 година. Иако постоеше како документ таа не беше спроведена. За оперативно да се спроведе една статегија треба секоја година да се креираат акциски планови, а за оваа стратегија беше креиран само еден и тоа во 2009. Иако постоеше документот, никој не виде како таа стратегија направи животот на младите во земјата да е подобар. За постоечката младинска статегија да биде реалност, првата работа што треба да се направи е таа да се ревидира, затоа што е методолошки неквалитетна и во неа недостасуваат многу важни прашања. За илустрација, во стратегијата никаде не се споменува масовната емиграција и иселување на млади луѓе од државата иако тоа е едно од најважните и очигледни прашања. Стратегијата треба да се ревидира и веднаш потоа итно да се работи на креирање на акциски план за 2018 и 2019. Доколку не го направиме тоа како прв чекор кон подобрување на квалитетот на политиките за млади, не можеме да очекуваме никаква стратешка промена на подобро.
Додека АМС не почне да развива а потоа и да спроведува политики за млади, младите ќе имаат ниска доверба во оваа институција и нема да ја препознаваат како некој надлежен за нивната добросостојба.
Во последните месеци Агенцијата започна со некои чекори за градење доверба и соработка, како што се на пример месечните средби со младински организации на кои се дискутира за прашањата што им се важни. Во позитивните чекори се вбројува и поништувањето на корумпираниот избор за младински претставник во Регионалната канцеларија за младинска соработка. Сепак иако овие чекори се добри да градење на довербата, преостануваат уште многу сериозни чекори, активности и практична работа за да може да се направи промена за младите која ќе има вистински ефект и ќе ги промени работите на подобро.
Од мониторингот на работата на АМС досега и средбите со младинските организации се појавија и конкретни препораки. Агенцијата мора да работи стратешки и да се фокусира на Националната младинска старатегија. Потребно е институциите да соработуваат меѓусебе и со Агенцијата кога има активности за млади, како што се претстојните политики за вработување односно Младинската гаранциска шема, картичката за студентски попусти или спроведувањето на сеопфатната стратегија за млади, кои иако се надлежност на други инститции подразбираат и обврски за АМС.
АМС мора да почне повеќе да соработува со младинските организации и да ги поддржува нивните активности на терен преку конкретни проекти. Во многу градови и села, младинските организации и клубови се единствените социјални и културни активности што постојат за младите да го исполнат своето време и затоа се посебно важни. Но ако не добиваат поддршка тие може да згаснат и да се изгуби и онаа едукација, волонтерство и креатива што се обезбедува преку младинска работа.
Препораките за како да се насочи работата на АМС отсега се повеќе и сите се значајни, но првите сериозни чекори мора да бидат воспоставувањето значајна соработка со институциите и младинските организации, јакнење на секторот млади и буџетот за млади и ревизија на стратегијата за да може според неа да ги утврдиме следните чекори.
Дона Костуранова, Младински образовен форум
*Текстот првично е објавен на portalb.mk, оригиналната објава, на албански јазик, можете да ја погледнете ОВДЕ.