[Став] Младинската картичка може да биде главен двигател на студентскиот стандард

Пишува: Бојан Лазаревски

Во услови кога сѐ повеќе млади се одлучуваат да студираат во странство, инвестирањето во студентскиот стандард е поважно од било кога. Младинската картичка може да биде главната алка во овој процес и е крајно време да го добие потребното внимание.

Ја имав привилегијата неколку пати дел од моите додипломски студии да ги поминам на Карловиот универзитет во Прага, Република Чешка. Секогаш по враќањето во Македонија, она што можеби најмногу ми недостасуваше беа студентските придобивки
кои дома ги немав, а покрај тоа што статусот на студент не ми се менуваше.

Освен неколку примери како што се бесплатниот јавен градски превоз во Скопје, и од неодамна картичките за студентски оброк, други бенефиции за студентите во Македонија речиси и да нема, или пак може да се избројат на прсти. Истите барем ги нема во еден интегриран систем во форма на младинска картичка, што е неопходно за да може да допрат до сите млади, бидејќи која е поентата поединечните попусти кои што се нудат од општествено одговорни компании да го носат наративот дека поволности за млади постојат, ако за нив не се знае?

Во еден период постоеше бесплатен железнички превоз во одредени денови за студенти, мерка која беше укината за време на пандемијата за потоа да биде повторно воведена назад неколку години подоцна. Но да бидеме реални, капацитетот на македонската железница која опфаќа само неколку места, не може да ги задоволи потребите на најголемиот дел студенти за кои единствената опција на јавен меѓуградски превоз останува да им биде автобускиот, за кој предвиден попуст нема освен ако тоа своеволно не го предвиди некој превозник.

Во една ваква ситуација, државата потребно е да понуди решенија кои во недостаток на државно меѓуградско поврзување би вклучувале стимулирање преку субвенции на приватните превозници за да понудат попусти за студентите. Кога станува збор за превозот, колку за паралела, студентите во Чешка плаќаат помеѓу 50% и 75% пониски цени за автобуски и билети за возови.

Но, не е само превозот, тука се и попустите за храна, културни, спортски и други активности, кои всушност како концепт и не се непозната тема. Во Македонија има „младинска картичка“, но се чини дека има сериозни ограничувања, односно повеќе наликува на подзаборавена полуфункционална идеја отколку практична картичка со попусти за младите.

Приказната започна како одлична идеја со многу ветувања, за таа да се заборави пред воопшто и целосно да се реализира. Спорадични попусти и поволности и да постојат од локални продавници до културни установи и правни лица, најголем дел од студентите никогаш не дознаваат за нив.

Најголем број локации каде може да се користи картичката се наведени во Скопје, а во некои помали градови такви места речиси и да нема. Многу од младите не знаат дека таа постои, а оние кои што сакаат да ја користат имаат потешкотии да ја добијат. Радио МОФ веќе долго време пишува за младинската картичка кај нас, но се чини дека до сега текстовите немало кој да ги прочита.

Дополнително и онаму каде што попусти веќе се нудат, процесот за легитимирање на статусот на студент најчесто е покажување на индекс, што воопшто не е практично. Постоењето на студентска картичка во електронска или физичка форма би го олеснила целиот процес на студентска идентификација. Недостатокот на промоција пак, би можело да се реши на лесен начин преку соработка со универзитетските студентски собранија и младинските совети.

Ако се земе во предвид фактот што на првата промоција на младинската картчика, тогашната влада за најави и дека истата во иднина би прераснала во еден вид на платежно средство, практично би било идеално таа да се интегрира со студентскиот оброк за студентите. На сличен начин функционира и младинската ISIC картичка во Чешка која се користи и за плаќање во студентските мензи.

И додека Владата ќе ги враќа младите преку загарантирани работни места, што секако доколку би се реализирала би била позитивна мерка, во овој момент можеби и многу поважно е да се воспостави национална стратегија преку која ќе успее да се задржат сегашните но и идните студенти тука, што е можно повеќе.

Новата Влада во соработка со одговорните со новата распределба на Министерства по трансформацијата на Агенцијата за млади и спорт, потребно е даде висок приоритет на ваквото прашање, со цел подобрување на студентскиот животен стандард. Главната цел треба да биде студентите кои ќе се одлучат да ги поминат своите академски денови во Македонија, да имаат квалитетни услови за живот и општествени бенефиции како што би доликувало за земја која сака да инвестира во иднината на младите. Таквата стратегија не смее да се менува со промената од еден до друг министер и влада, туку истата да има база и само да се надоградува.

Во секој случај, слободата на движење и предностите кои ги нуди глобализацијата на денешните генерации во никој случај не треба да се занемарат и не значи дека за една земја идеално би било сите млади да останат дома. Но недостатокот на основни и конкурентни мерки за младите, само доведуваат до појава на дополнително движење и исселување на младите пред се мотивирано од недостатокот на потребни услови или едноставно за подобри во странство.

Младинската картичка покрај сите бенефиции кои сама по себе може да ги нуди, би играла важна улога и во подобрувањето на студентскиот стандард и воопшто на животот на младите, и истата треба да биде главен приоритет на владата.

Бојан Лазаревски

*Бојан Лазаревски е политиколог по меѓународни и интеркултурни студии. Бојан е, исто така, соработник за пишување на Young Voices Europe, и активист и истражувач.

**Мислењата изнесени во рубриката „Став“ се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на Радио МОФ.