Западниот Балкан е познат како регион со турбулентна и историја вкрстена меѓу народите кои живееле во овие земји. Со векови, конфликтите и немирите биле секојдневни и го создавале односот љубов-омраза меѓу жителите на регионот. Сложената историја на овој мал „амбис“ на европскиот континент претставува своевиден парадокс и мистерија. Сепак, отсекогаш постоела искра што ја одржувала жива надежта за мир и соживот, а тоа биле младите.
Во последниве години се забележува поголема соработка меѓу земјите од Западен Балкан во однос на интеграцијата и зближувањето на младите луѓе и надминувањето на етничките бариери меѓу нив. Како резултат на Берлинскиот процес, во август 2015 година беше основана Регионална канцеларија за младинска соработка, или позната како RYCO, инспирирана од и како наследник на Франко-германската младинска канцеларија. француско-германската канцеларија младинска канцеларија. Мисијата на РИКО од нејзиното основање и согласно статутот е, меѓу другото, да промовира разновидност и демократски вредности; интеркултурно образование; размена на млади луѓе; регионална соработка меѓу младите. Овој чекор претставува голем придонес кон зближувањето на младите луѓе со вредности и заеднички идеи за нивната иднина.
Моќта на младите и способноста за промени
Со оглед на неодамнешните настани во Република Македонија, можеме да кажеме дека младите од земјава отсекогаш имале идеали за едно пофункционално општество. Преродбата се случи на протестите во 2014 година кога студентите направија еден вид на востание против сеопфатните реформи во системот за високото образование, главно против екстерното тестирање кое тогашната влада сакаше да го воспостави како механизам за проценка на знаењето на студентите. Продолжуваме во 2018 година, кога се прават повторни обиди за донесување на Закон за млади, којшто сеуште е во процес на реализација. Република Македонија е една од ретките земји во регионот која нема законска рамка за млади и млади политичари и заради тоа очигледна е потребата да постои еден таков Закон.
По неуспешниот процес во 2011 година, започнаа барањата со предлози за повторно започнување на процесот. Во оваа насока, „новина“ е фактот што сите засегнати страни ќе учествуваат во изготвувањето на овој закон, со посебен акцент на идеите и предлозите на младите луѓе како главни актери, директно погодени од резултатите од законот. Тука треба да се споменат дебатите, средбите, повиците за работилници за младите во Република Македонија, кои треба да здружуваат сили за задоволување на потребите на младото население во секој аспект на животот. Овие, и многу други примери даваат слика за подготвеноста на младите да се борат за заслужената позиција која ја имаат во креирањето политики во државата.
Колку различни, а исти
Осврнувајќи се не само на Република Македонија, туку и на другите земји од Западен Балкан, околу приоритетните сфери како мобилност на младите, размената, учеството и етничката дистанца, во истражувањето на РИКО се забележува дека сѐ уште постојат траги од бариери и етнички, но и сексуални поделби. Според податоците кои ги содржи ова истражување направено од различни извори, најголема етничка дистанца постои кон припадниците на Ромската заедница и кон хомосексуалците. Според овие иформации, доаѓа до израз важноста на меѓуетничката комуникација, за да се постигне разбирањето и почитувањето.
Земајќи предвид дека минатото има длабоки корени кај жителите на Западен Балкан во целина, младите во повеќето случаи се чувствуваат како робови на минатото или како неизбежни носители на одредени стереотипи и предрасуди. Но, креативноста и подготвеноста за коренити промени често претставуваат силни механизми за суштински промени, и на тој начин се добиваат плодови на помирувањето и на меѓусебното разбирање. Преку овие чекори кои ги преземаат младите за обострано разбирање и помирување, се забележуваат нивните идеали за еден обединет регион и обидите за нивна реализација.
Сличноста која ја имаат младите доаѓа до израз во нивните идеи и гледишта за иднината. Откривањето на очекувањата и на идеите кои ги имаат за мирот, покажува дека и паралелно со физичките, етничките, националните и јазичните разлики, идните генерации се грижат и имаат визија како треба да изгледа иднината. Големиот собир на младите од целокупниот Западен Балкан, но и од целата Европска Унија па и пошироко, беше доказ за младешката кохезија, посебно во создавањето на Идеите за Мир, идеи создадени од младите за младите и за иднина без војни во човештвото. Идеи кои тие ги претставија пред претседателите на Федерална Република Германија и на Република Франција.
Надежта за иднината и лекциите од минатото
Подготвеноста на денешната младина за поставување на камен-темелник на меѓусебна соработка и надминување на омразата е поголема од кога било досега. По повод одбележувањето на 100 годишнината од завршувањето на Првата светска војна, меѓународната заедница силно ги нагласува настаните од изминатите 100 години, последиците од нив, промените и политичките ефекти што се случија како и емоционалните и социјални последици по човештвото.
Формалното образование не е единствениот начин на кој новите генерации ќе го стекнат неопходното знаење од минатото и сите последици што ги има во иднината. Неформалното и креативното образовние, посебно преку размена на младите, е исто толку значајно колку и формалното образование. Особено треба да се нагласи тоа дека развитокот на индивидуата не е резултат само на читањето и учењето од школските учебници. Неопходен е и контакт со други врсници од различни култури и етникуми за да се создаде менталитет и сочуствителен карактер кон општеството во кое живееме. Останувајќи во сферата на размената на младите или на проектите од таков вид, треба да се забележи дека тие го претставуваат начинот, изречно речено, идеален за еманципација на младината.
Младинските размени се особено важни за младите од Западен Балкан. Овие размени вообичаено траат определен временски период, при што младите имаат можност за „соживот“. Нивната тематика главно се состои од запознавање на културата и традициите, запознавање со историјата, градење на мирот меѓу младите и надминување на стереотипите. Со оглед на тоа дека поделбите меѓу луѓето во овој регион биле секогаш присутни, запознавањето одблизу со историјата и меѓусебните разлики претставува мост кој од омразата води кон мирот. Историјата на Балканот отсекогаш била комплицирана, а понекогаш дури и се добива впечаток дека никогаш нема да и дојде крај на „несреќата“. Но, надежта и желбата коишто постојат кај младите за решавање на многу современи проблеми е исклучително голема. Собирите на младите од Западен Балкан, големиот број неформални размени и иницијативи кои истите овие луѓе ги преземаат, како и напорите на граѓанските организации за подобрување на сегашната ситуација и создавање на еден поповолен амбиент за развој на младинските идеи покажува дека младите од Западен Балкан се залагаат за заедничка иднина.
Ардита Вејсели
**Блогот е објавен во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk. Оригиналната објава можете да ја прочитате ОВДЕ.