[Став] Многу проблеми со новата автобуска апликација „Скопје Бус“

Игор Раиден

Можам да кажам дека бев прилично задоволен со употребата на сега веќе старата апликација за градски автобуски превоз, „Скопска“. Не беше совршена, но беше функционална. Нешто што во новата апликација, „Скопје Бус“ (Skopjebus) лансирана денес, го немаме. И иако имам разбирање дека во првите денови ќе има проблеми со функционалноста, она што можам со сигурност да го кажам е дека не очекував дека ќе има толку многу проблеми.

Првото нешто со кое се соочивме како граѓани беше инсталирањето на нови уред – валидатори – кај задните врати од автобусите. Овие уреди воопшто не работат со старата апликација, и иако новата беше во најава, поминавме еден период во кој низ турканици успевавме да дојдеме до предните валидатори, сè уште од старите. До ден денешен останува нејасно зошто нема валидатори и на средната врата (секако ова важи за автобусите кои не се двокатни). Во неколкуте дена пред лансирањето на новата апликација, во дел од автобусите имаше само нови валидатори, што нас, корисниците на апликацијата Скопска, нè остави без можност за плаќање и со ризик од казни (неоправдани!). Но, на страна физичките проблеми, еве конечно дојдовме до денот на стартување на новата апликација.

Новата апликација за жал, делува недоволно тестирано и се појавија бројни проблеми. За сите нив поединечно, секако претпријатието беше информирано од моја страна преку мини-формуларот кој е дел од апликацијата. За дел од нив добив одговори, но проблемите не ми беа решени. Останува да видиме како ќе се развиваат процесите во следните денови.

Како прво, апликацијата изгледа сосема неоптимизирано. Кога ќе ја стартувате, ќе чекате подолго време, 15-20 секунди, на сосема бел и празен екран. Целата апликација работи многу бавно. За најава има неколку опции: телефонски број, емаил адреса, Гугл сметка, социјални мрежи и слично. Јас се обидов да се најавам со телефонскиот број кој го користев за Скопска, меѓутоа без успех. По СМС порака добивате код за активација, меѓутоа апликацијата не ги препознава кодовите, односно ги смета за погрешни. Имав неколку различни обиди за ова, во различни временски интервали, и ниту новите кодови кои ги добивав при секој обид не беа прифатени. Овој проблем мора да биде решен. За мене ова значеше дека не можам да ја поврзам сметката со Скопска и да ми бидат префрлени средствата. Беше најавено дека старата апликација веќе нема да работи, и на прв поглед е така, но сепак можете да ја употребите за валидација на старите валидатори, кои сè уште не се отстранети и покрај најавата. Ова можете да го направите за да го дотрошите буџетот и возењата кои ги имате на Скопска, затоа што префрлањето на средствата на новата апликација може да биде проблематично, од горенаведените причини. За проблемот со кодовите од поддршка добив одговори кои не ми го решија проблемот.

Дури и кога се логирав со емаил адреса, при второто вклучување ме имаше целосно одлогирано, повторно морав да ги прифатам условите за користење и повторно да побарам линк за активација преку емаил. За среќа, немаше и трет пат.

Вториот сегмент од оптимизацијата се гледа преку перформансот на апликацијата. На што и да кликнете на екранот, делува како апликацијата да не го регистрира кликањето, па по 10, 15, некогаш и повеќе кликања, конечно реагира и ве носи каде што сте побарале. Самото префрлање на другата страна е исто така прилично бавно. Мојот телефон не е најнов, меѓутоа е сосема солиден и вакво чекање не сум искусил на ниту една друга апликација.

Доколку го тргнеме настрана перформансот, што итно мора да се оптимизира, стигнуваме до интерфејсот. Треба добро да расчепкате за да се запознаете. Постои мапа со локализациска стрелка, која дури и да ја ставите над некоја автобуска постојка, ви дава резултати во радиус, односно ќе видите и линии кои не поминуваат на таа автобуска, вклучително и линии кои минуваат на станицата отспротива, што би ве однеле во друг правец. Ова се решава со тоа што ќе ја кликнете самата автобуска станица на мапата. Само тогаш ќе можете да добиете филтриран распоред на линии кои поминуваат само таму. Исто така, при преглед на возниот ред, имињата на станиците не добиле доволно простор за да можат да бидат целосно видливи. Тоа е проблем за дел од постојките. На пример, кај мене во близина, има постојки именувани 11 Октомври Супер Тинекс – кон Драчево и 11 Октомври Супер Тинекс – кон Центар. Во прегледот на возниот ред се гледа само почетниот дел од името и не можете да одредите која линија на која станица (правец) се однесува. Ова од вас бара дополнителни кликања, а тоа значи дополнително чекање.

Дополнително, иако немам информации за тоа како е создавана базата на постојки, можам да заклучам дека тоа е правено рачно и поединечно, затоа што има постојки кои се напишани различно, т.е. некаде има печатна грешка, некаде нема. Еден пример е Т(р)анспортен центар.

Стигнуваме до делот за купување билети. Кога ќе кликнете на Билети, го гледате електронскиот паричник, а под него треба да се купените билети. Во оваа тест-фаза, сè што направив беше да додадам средства за две возења во паричникот. Трансакциите траат далеку, далеку подолго отколку на Скопска. Се чека 30 секунди (со тајмер) по трансакцијата, и потоа има дополнително чекање што трае повеќе од минута. Секако, ова е проследено со уште повеќе чекање за да се вратите на страницата за билети и да видите дека средствата се пристигнати. За да платите за возењето, треба на вашиот екран да се појави QR код, кој треба да го прикажете на долниот дел од валидаторот, и тоа би било сè. Но, и тука има проблем. QR кодот треба да се генерира, а утрово го оставив телефонот над 30 минути во состојба на чекање и „loading“, меѓутоа QR кодот не се појави. За среќа, успеав да платам за возењето со Скопска. Од тимот за поддршка ме советуваа да ја рестартирам апликацијата и да се логирам одново. Засега проблемот не ми е решен.

Понатаму, во делот со прашања стои дека апликацијата ќе даде можност да избереме дали да ги зачуваме податоците од платежната картичка. Тоа не е случај. Таква опција не се гледа никаде. Ги советувам граѓаните да внимаваат затоа што доколку ги внесат податоците од картичката, во случај на кражба на телефонот, податоците веројатно ќе бидат видливи. Меѓутоа, да не ја издвојувам само „Скопје Бус“, ова е случај со сите апликации преку кои вршиме електронско плаќање. Доколку ги зачуваме и на нив податоците, секако се изложени на физички и мрежни напади, без разлика на која апликација ги имате.

Накратко, поради бројните проблеми, во моментов апликацијата не можам да ја користам. Останува да видиме кога проблемите ќе бидат решени. Се надевам тоа ќе биде брзо.

Скопјани заслужуваат квалитетен јавен превоз и квалитетно искуство со плаќањето, со оглед на тоа дека и за двете работи, средствата доаѓаат директно од парите на граѓаните. Претпријатието и ангажираните субјекти за оваа задача мораат да работат најодговорно, за граѓаните навистина да „уживаат во непречен јавен превоз“, како што пишува во апликацијата. Во спротивно, само остануваме гладни за достоинствено возење, иако средствата од нашите даноци се веќе потрошени на производ со недостиг од квалитет. Од друга страна, од западните земји имаме примери каде целокупниот железнички и автобуски превоз во цела држава се наоѓа на една апликација, искуството е пријатно, а и двата вида превоз се толку квалитетни од сите аспекти што граѓаните се и тоа како мотивирани да ги плаќаат своите билети. Тоа обично се врши на влезовите од станиците, па и нема потреба од контролори. Вработените во железничкиот сообраќај ќе ги видите низ вагоните само доколку пронашле празни седишта за патници кои сè уште не успеале да седнат. Инаку, не стои никој. Има доволно за сите. А градските автобуси се сметаат за полни доколку седиштата се пополнети и има само неколку луѓе кои стојат. Не примаат повеќе патници, а веднаш по нив доаѓа нов автобус. Пак ќе кажам, има доволно за сите. Применуваат начини на плаќање при влез и излез, значи наплата и по станица, нешто што кај нас уште го нема, а тоа ги поттикнува граѓаните да не плаќаат билет доколку се возат само една или две станици.

Со други зборови, имаме многу што да научиме, има прекрасни примери, кон кои апсолутно треба да се стремиме за да ги подигнеме стандардите во нашиот автобуски превоз. И што е најважно, да го подигнеме нивото на достоинство. Во големата слика, како граѓани, сите го заслужуваме најдоброто.

Игор Раиден, еко-активист

*Мислењата изнесени во рубриката „Став“ се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на Радио МОФ.