Што е со оние граѓани кои не се вклопуваат во нашиот (би)етнички дискурс?
Прашањето за тоа дали треба или не да имаме премиер Албанец (нешто што беше прилично експонирана тема во медиумите изминатиов период) е дискусија која во една граѓанска држава, би требало да биде беспредметна. Проблемот не е и не треба да биде етничката припадност на идниот премиер.
Впрочем, ако судиме само од етничка призма, Македонија веќе имаше премиер „немакедонец“ – Хари Костов, Влав. Во овој текст, го предизвикувам монополот на етничките идентитети, дискурсот за мултикултурализмот во Македонија, пред сè сфатен низ призмата на односите помеѓу етничките Македоници и Албанци, фрлајќи светло на маргинализираноста на другите, неетнички или надетнички идентитети.
Како и во повеќето мултиетнички општества, особено во оние кои се (длабоко) поделени по етнички основи, за жал, етничкиот идентитет на носителите на јавни функции и политизирањето на етничкиот идентитет воопшто е секогаш предмет на дискусија. Тоа е несомнено. Но што со положбата на оние идентитети кои не се вклопуваат во овој (би)етнички дискурс, а причините за тоа може да бидат различни?
Луѓето од мешани бракови, припадници на помалите етнички заедници, останатите маргинализирани заедници чиишто поединици не нужно се идентификуваат со својот титуларен етнички идентитет, имаат надетнички идентитет или не се декларираат во етничка смисла односно застапуваат поинаква идентитетска политика, притоа не исклучувајќи ја можностата истите да се жртви на интерсекционална маргинализација: ЛГБТИКА+ граѓаните, жените и феминист(к)ите, работничката класа, сиромашните, луѓето со различни телесни и/или психички попречености, бездомниците, па, дури и луѓето кои ниту членуваат во постоечките политички партии, ниту се идентификуваат со понудата на политичко милје и така натаму. Сметам дека ова се луѓето за чиишто потреби, барања, позиции и права треба да се постави прашањето „зошто да не?“.
Политизацијата на етницитетот како бреме
Иако не е фокус на овој текст, ќе дадам и личен пример во правец на аргументот дека монополот на етничките идентитети во политиката придонесува кон зодавање на исклучива и ограничувачка средина за другите надетнички или неетнички идентитети. Доаѓам од мешан брак – татко (титуларен) Македонец и мајка (титуларна) Србинка. Но, јас никогаш не изградив силен и исклучив етнички идентитет. Можеби не е најдобриот пример, со оглед дека двете заедници, барем во скорешната историја, немале изразен конфликт и не живееле едни наспроти други како што тоа е случај со, на пример, дел од мешаните бракови помеѓу Македонци и Албанци.
Додека едни на ова би можеле да гледаат како на некаква југоносталгична „братство и единство“ приказна или пак некакви интелектуални дискусии далечни за обичниот граѓанин, за некои членови на семејството од „македонската страна“ мајка ми беше само обичен „Четник“, додека за некои други членови на семејството од „српската страна“, Македонците беа вештачка творба, „Срби со говорна мана“ или „мешавина на Срби и Бугари“, создавајќи притисок да се одбере „правилната“, „вистинската“ и „единствената“, „една“ страна, а да се чувствува инфериорност и срам за „другата“.
Она што сакам да го пренесам со оваа „семејна тајна“ е дека етницитетот за многумина е важен, но за многумина други може да биде бреме, особено кога не припаѓаш ниту на „едните“, ни на „другите“ па неретко си мета на критика, не се вклопуваш во замислата за нацијата или си предмет на говор на омраза. Прекумерната политизација на етничкиот идентитет може да носи гласови и осигура функции во поделените општества, но за многу луѓе ова е исто така извор на фрустрација.
Многу учесници во фокус-групите кои беа дел од моето истражување за магистерската теза (на тема надетничката мобилизација на општествените движења во Македонија) одбиваа да наведат на која етничка група припаѓаат. Некои од нив дури одбија учество бидејќи „аман веќе од темата за Македонците и Албанците“, а во дискусиите на оние што прифатија да учествуваат неретко можеше да се чуе дека „етничкото“ и поделбите низ таа линија ги обесхрабрувале и оневозможувале да ја артикулираат својата борба против национализмот, корупцијата, злоупотребата на функциите и заробеноста на институциите.
Етничкиот идентитет во македонската политика
Ваквите „поместувања“ всушност отсекогаш постоеле. За време на револуционерните востанија од 19-от и почетокот од 20-от век, во рамки на партизанското движење за време на Втората Светска Војна, во рамки на политиката на „братство и единство“ во Југославија (не навлегувајќи во нејзината успешност), па дури и во независна Македонија преку гласањето отаде етничко-политичките линии на поделба, во граѓанскиот сектор, во дел од општествените движења, во левичарските и работничките движења и други општествено-политички чинители.
Со потпишувањето на Охридскиот Рамковен Договор, Македонија воведува модел на консоцијална демократија – „концепт на делење на моќта“ развиен од холандскиот политиколог Аренд Липхарт (Arend Lijphart) кој почива на четири постулати: 1) влада која се формира како резултат на коалиција на лидерите на главните општествени сегменти; 2) вето за заштита на основните интереси на општествените сегменти; 3) пропорционална претставеност на сегментите во јавната администрација и пропорционално финансирање и 4) автономија на сегментите за прашања од нивен суштински интерес.
Македонија има ограничен модел на консоцијална демократија која вклучува вопоставена конвенција за меѓуетнички владини коалции, но и правни обврски за правична застапеност на заедниците во јавната администрација, посебно мнозинство за прашања важни за заедниците, како и други обврски од Охридскиот Рамковен Договор. Наспроти консоцијативниот модел, меѓуетничките „поместувања“ почнаа да се застапуваат позачестено на политичката сцена (иако пред сè симболично).
Левица, на почетокот, беше меѓу првите партии која започна со еден надетнички пристап комбинирајќи повеќејазична комуникација, мултиетничко раководство, но надетнички политики насочени кон работничката класа, а водени од идеите за демократски социјализам. Социјалдемократите започнаа трансформација кон партија која е сочинета од членови на сите етнички заедници и која бара поддршка од сите граѓани независно од етничката припадност, пред сè насочувајќи се кон гласовите на етничките Албанци за време на минатите парламентарни избори. Дури и ВМРО – ДПМНЕ направи некои мали „отстапки“ – двојазична кампања на локалните избори 2017 во општините со мешано население.
Секако, зборуваме за политички партии и наивно е да се верува дека зад овие „поместувања“ секогаш стоела искрена намера за пренебрегнување на јазовите, а не прагматичен пристап за придобивање на што е можно повеќе гласови без предизвикување на доминатните наративи. Исто така, наивно е да се верува дека со вклучување на кадри од различните етникуми и двојазични пораки, целта за мултикултурно општество е постигната. Дотолку повеќе, опасноста за мултикултурализмот лежи и во една друга крајност. Зборувам за биетничкиот наратив (Македонци и Албанци) претставен како концепт за мултикултурно заедничко општество.
Политиката на моноетничност е проблематична и опасна, но политиката на биетничност не е соодветниот одговор ако идејата е (пре)созаваање на едно општество за „сите“. Особено во услови кога „етничкото“ ексклузивно се сведува на (партиско) политичкото претставување и истакнување на симболи. Ова е изразено преку дискусиите за етничката припадност на носителите на јавни функции, а за време на изборните кампањи често е зачинето со етнопопулизам и премногу изразена етничка иконографија со пораки коишто ретко резонираат за сите. Политиката која исклучиво се заснова на политизација на етничките идентитети и нивно издигнување над сите други идентитети никогаш не може да биде еманципаторска.
Исклучувањето на неетничките идентитети во замислата за нацијата
Имајќи го предвид погоре кажаното, сите оние идентитети кои се отаде „(би)етничкото“ – заедници без признаени права и заштита, сиромашните граѓани и бездомниците, експлоатираните работници – се чини дека се исклучени од „големата слика“. За многумина, животните приказни се заглавени во бирократски процедури, во ходниците и чекалните на институциите или воопшто не доспеваат да дојдат дури ни дотаму. Тие се неретко безимени, не се важни, не се „жешка тема“, не носат гласови и функции. Овие наши сограѓани се вистински „губитници“ бидејќи не се доволно „етнички освестени“ или не „припаѓаат доволно“ на привилигираните етникуми, односно не се доволно „етнички интересни“. Тие не се дел од тоа замислено заедничко општество.
Кој ги застапува текстилните работнички кои работат во нехумани услови, а нивниот труд безмилосно се експлоатира? Зошто ретко ја слушаме нивната страна на приказната? Колку навистина се интегрирани Ромите? Ги прифаќаме ли како сериозен политички и општествен чинител? А што ако двајца мажи или две жени се држат за рака и бакнат во јавност? Можат ли тоа да го направат без страв, можат ли тие еден ден да бидат премиер(к)и, секако јавно декларирани?
А што со нашите сограѓани кои имаат некакви телесни или психички попречености? Дали нив ги вклучуваме доволно во општествениот и политичкиот живот и колку нивните барања се застапувани од страна на политичарите? Зошто лицето Х да користи псевдоним и покрај добиена пресуда од Стразбур сè уште да талка по лавиринтите на македонското правосудство барајќи правно признавање на родот? Зошто да не биде горд на себе, па можеби утре да биде и првиот трансродов премиер на оваа земја?
Многу неодговорени, но и непоставени прашања за луѓето отаде „(би)етничкото“. Затоа сметам дека е и повеќе од потребно да се постави прашањето „зошто да не?“ и за барањата, потребите, правата и позициите на оние отаде „(би)етничкото“. Неетничките и надетничките идентитети треба да бидат подеднакво препознаени, признаени, застапени и дискутирани во јавноста, а идејата за (пре)создавање на заедничко мултикултурно општество не смее да сведе само на дискусија за застапеност и заштита на етникумите.
На крајот на краиштата, дожност на државата во едно мултикултурно општество е пред сè да ги заштити индивидуалните човекови права, во кохабитација и не наспроти колективните права, без разлика дали премиерот (а зошто да не премиерката?) се идентификува со една од уставнонаведените заедници, со други кои не се наведени, со ниту една од нив или се идентификува со повеќе различни (етнички и надетнички/неетнички) идентитети истовремено.
*Иван Николовски има магистрирано на Одделот за политички науки при Централноевропскиот Универзитет во Будимпешта стекнувајќи се со специјализација во споредбената политика. Етнички поделените општества, етничкиот идентитет во политиката и општествените движења се дел од неговите академски интереси. Николовски работи како истражувач во Центарот за европски интеграции при Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ во Скопје, фокусирајќи се на процесите на европска интеграција и регионална соработка помеѓу државите и општествата од Западен Балкан.
**Блогот е објавен во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk. Оригиналната објава можете да ја прочитате ОВДЕ.