На националистичките агенди во регионот им треба релативно мала искра за да се направи многу поголем пламен.
Неодамна присуствував на конференција во Тутцинг (во близина на Минхен), која беше посветена на Културата на помнењето од 1945 година: Германско-југоисточно европска испреплетена историја, организирана од Südosteuropa-Gesellschaft со поддршка на Сојузното германско министерство за надворешни работи. Тоа ме потсети и по не знам кој пат ме убеди дека, како што самиот Фокнер напишал пред години, „минатото никогаш не е мртво. Дури не е ни минато“. Овие реченици не го одразуваат само верувањето на Фокнер дека она што се случило во минатото е неразделен дел од нашата сегашност, туку и дека постои апсолутна потреба да се соочиме со тоа што се случило за да се обидеме да го разбереме и да го „обработиме“.
Да се навратиме накратко на постјугословенскиот простор: има, ќе се дрзнам да кажам, повеќе од десетина конкурентни наративи не само за блиското минато (на пример за она што се случи во 90-тите години од минатиот век, за време на распадот на заедничката југословенска држава), но исто толку, ако не и повеќе, наративи за подалечното минато, поврзани за Првата и Втората светска војна и за улогите на етничките групи од кои подоцна се создаде заедничката југословенска држава. Овие различни, а во крајна линија и конкурентни наративи се покажуваат како значајна пречка за заедничка и споделена визија за иднината која би изградила мостови на разбирање во регионот. Како аргумент за моето тврдење, ќе го искористам примерот на Босна и Херцеговина, нагласувајќи како подалечното, но и релативно скорешното минато се злоупотребуваат во внатрешниот политички живот, каде што целите на секојдневната политика, за жал, и натаму се поважни од иднината на заедничката држава.
„Етнизираната реалност“ на Босна и Херцеговина
Босна и Херцеговина, чија иднина во ЕУ останува неизвесна и чии изгледи да се премине преку „етнизираната реалност“ се несигурни, и натаму е држава во која припадноста на една од трите различни етнички групи стана основниот принцип, или „алфа и омега“ на домашниот политички живот. Основана на крајот на 1995 година во рамките на Дејтонскиот договор, земјата требаше да им дозволи на тогашните три завојувани страни да се помират, а меѓународната заедница во тоа време се надеваше дека, како што минува времето, ќе се воспостави заеднички политички и општествен наратив и ќе се постигне заедничка визија за „нашата“, наместо „твојата“ и „мојата“ иднина. Наближува 30-годишнината од воспоставувањето на Дејтонскиот систем, но иднината на пост-југословенската република БиХ, која е етнички поделена, останува под знак прашалник. Моќните домашни политички сили кои ја доведуваат во прашање заедничката рамка на БиХ, како Милорад Додик од Република Српска, само ја докажуваат оваа поента.
„Излегувањето на босанските Срби од државните институции во јули и обновените закани од лидерството на босанските Срби за продолжување со одвојувањето на ентитетот Република Српска, што е предводен од Срби, од остатокот на земјата“ укажуваат на тоа колку навистина е длабока кризата во БиХ и како наративите за заедничката иднина во суштина се отфрлени од политичари кои ги злоупотребуваат националистичките агенди за лични цели.
Додик е мајстор во овој поглед. Тој доминира на политичката сцена на Република Српска речиси две децении, честопати потпирајќи се на националистичката логика, која остана примарно инспирирана од завојуваните 90-ти години од минатиот век. Ова прашање е нагласено во неодамнешната иницијатива посветена на главните проблеми во интеграциите на БиХ во ЕУ. Се нагласуваат неколку проблеми со кои се соочува БиХ уште од склучувањето на Дејтонскиот договор, а најголем од нив е што минатото, првенствено она што е поврзано со конфликтите во 90-тите години од 20 век, сè уште не е разгледано и надминато како проблем од страна на трите етнички групи.
Оттука, младите генерации на етнички поделените табори сè уште ги учат на тие конкурентни наративи во кои се истакнува вината на другите (две) етнички групи, наместо да се навратат на одговорноста и вклученоста на својата етничка група во конфликтите во 90-тите. Политичарите имаат свој удел во ова: со постојаното поигрување со наративите и во крајна линија префрлање на вината врз другите етнички групи за нивниот удел во деценијата во која дојде до уништување на социјалистичка Југославија, тие упорно ја поткопуваат иднината на земјата заради нивни лични цели, кои се краткорочни и во голема мера поврзани со корупција. Оваа ситуација е иронична (и алармантна), особено кога ќе се земе предвид дека националистичките политичари ќе останат без работа доколку ја нема државата БиХ која редовно ги прима нивните бодежи.
Земјата која се мачи поради етничките поделби докажува дека „преку расправање за минатото не се гради иднина“, што го прави случајот на БиХ вистински тест за иднината на интеграцијата во Западен Балкан во ЕУ. Ако остана значење во споменатата интеграција на регионот и ако постои соодветен план на ЕУ за прифаќање на Западниот Балкан (а јас искрено се сомневам во ова), тогаш БиХ неизбежно мора да биде една од точките на фокус во процесот на интеграција.
Се чини безобразно да се размислува за интеграција на регионот во ЕУ без оваа земја, државата чија етничка разновидност ја одразува комплексноста на општествата во регионот и чиј политички опстанок ќе ја покаже европската волја да им помогне на Бошњаците, Хрватите и Србите навистина да работат заедно за надминување на конфликтите наследени од скорешните конфликти. Во овој момент, а стравувам дека ова ќе продолжи да трае со години, тешко е да се оддалечиме од етнизираната реалност на земјата, каде трите етнички групи, главно Бошњаци, Срби и Хрвати, продолжуваат да се сомневаат во легитимноста на државното решение на БиХ.
Начинот на кој се оспорува овој легитимитет е она што ме загрижува најмногу: државното решение на БиХ е одбиено како неправедно и политички нелегитимно, не главно поради современиот контекст, туку претежно, а ова е бесмислениот дел тука, од историска гледна точка. Прашањата за тоа кој е сопственик и кој има право да ја „поседува“ оваа земја и „да ја прогласи за своја“ постојано се поставуваат, што доведува до непотребни и честопати бесмислени нарации кои ги злоупотребуваат историските факти.
Штом се споменат теми како што се геноцидот во Сребреница (што, патем, не се смета за геноцид и не се прифаќа како таков во Република Српска), воените злосторства извршени во 90-тите години од минатиот век и одговорноста за нив, воените злосторници кои избегаа од правдата и никогаш не беа осудени за нивната улога во споменатите конфликти, бошњачкиот муслимански идентитет и многу други, односно штом тие влезат во дебатата, националистите почнуваат да апелираат на срцата, а не на умовите на нивното гласачко тело и стануваат многу гласни во наводното бранење на интересите на самиот електорат (читај: првенствено својата етничка група). Во овој потполно неумесен потфат, тие се потпомогнати од образовниот систем што на никој начин не помага во борбата против „етнизираната реалност“ на земјата. Системот дури и сега претставува место за младите генерации да дискутираат за вината на другите и да научат како се префрла вината на други и за ништо друго, спречувајќи ги младите генерации да ја разберат улогата (и одговорноста) на нивниот етнички табор од историска гледна точка.
Постои ли излез?
Еден од можните излези од овој „балкански хаос“ може да биде неодамнешното назначување на новиот висок претставник (ВП) за БиХ, Кристијан Шмит. Шмит може да ѝ помогне на БиХ да се оддалечи од реалноста заснована на етнички поделби, при што новиот ВП треба да се обиде да понуди решенија за погрешните чекори направени во внатрешната политика на земјата, делумно можеби врз основа на германското искуство за соочување со ужасите направени од нацистичкиот режим во Втората светска војна.
Дополнително, ЕУ ќе треба да го даде својот придонес и да стори повеќе од ветување на регионот дека еден ден ќе пристапи во ЕУ. Се чини дека не постои „конкретна временска рамка“ во овој поглед, што ја прави целата приказна за пристапување само пуста надеж. Невозможно е да се решат проблемите во БиХ без Брисел да ѝ понуди на земјата (и на регионот) јасна перспектива што ќе ѝ овозможи да се ослободи од минатото, обезбедувајќи ѝ доволно алатки за постепено да се помири со (односно да го разбере) она што се случи во 90-тите години (и подоцна). Овие алатки првенствено треба да се засноваат на фактот дека во секое постконфликтно општество, „мирот и помирувањето со минатото не можат да се случат во услови на лош социо-економски развој, сиромаштија и нееднаквост“.
На крај, и Србија и Хрватска (односно: политичарите во овие земји) треба да постапат позрело и да ѝ помогнат на БиХ да биде стабилна држава. Со тоа што политичарите од двете држави постапуваат детски, со вклучување во националистички дискурси, во суштина за да го задоволат своето гласачко тело, се испраќа погрешна порака до регионот. Не само што го потсетува регионот дека, како што рече Фокнер, минатото не е минато, туку покажува дека на националистичките агенди во регионот им треба релативно мала искра за да се направи многу поголем пламен што потоа се чини дека е тешко да се контролира.
Откако овие пламени ќе се распламтат во голем оган, националистичките агенди базирани на колективните спомени од минатото, со кои се префрла вината на другите (со тоа што другата страна/етничкиот табор најчесто е осомничен и виновник) повторно оживуваат, со што се загрозува мирот во регионот, а сите нас нè остава да се прашуваме дали воопшто сме постигнале напредок кон мирот.
Владимир Ѓорѓевиќ е доцент д-р на Катедрата за територијални студии на Факултетот за регионален развој и меѓународни студии на Универзитетот Мендел во Брно, Чешка. Тој е исто така во гостин предавач на Факултетот за социјални студии, Универзитетот Масарик, Брно и соработник (Research Fellow) на Институтот за стратешка политика во Братислава, Словачка. Негови особени истражувачки интереси се Западен Балкан, ЕУ интеграција, надворешна политика на САД и човекови права.
*Блогот е објавен во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk. Оригиналната објава можете да ја прочитате ОВДЕ.