Денешниот популизам е симптом на социо-економската имплозија на узурпираниот либерализам, метастазиран во безалтернативен неолиберализам. Уште позагрижувачки, тој е симптом на вродената неспособност на човекот (или можеби на општеството и државата?) да извлече поука од повторувањето на историјата.
Кога се говори за популизмот обично се доминантни два дискурса: прво, неговото посматрање како строго политички феномен, при што како популистички обично се оценуваат политички опции сметани за радикална десница или левица – обично првото. Второ, популизмот се посматра како нешто a priori негативно.
Кому треба да му се додворуваат политичарите?
Еден од најчестите напади од академскиот естаблишмент кон популизмот е обвинението за додворување кон народот. Меѓутоа, ваквиот напад, кој доаѓа од академските елити (!) е противречен и демагошки и тоа поради две причини:
- доколку демократијата е општествена норма, тогаш „додворувањето“ кон народот во смисла на акламација и вехементно застапување на неговите интереси е позитивна вредност! Друго е дали политичарите ќе бидат „неверна љубовница“, па кога ќе го заведат народот (читај: ќе ја преземат власта), ќе ги предадат неговите интереси. Но академско-интелектуалниот естаблишмент или е крајно лицемерен или крајно недоветен доколку за последново го обвинува само популизмот (кој уште немал доволно време да се покаже како власт), а притоа не (сака да) разбира дека популизмот е токму последица од грубото изневерување на народните интереси од страна на етаблираниот традиционален политички поредок: конзервативната десница, либералниот центар и социјалдемократијата.
- Секој интелектуалец (треба да) знае дека зборот „популизам“ доаѓа од латинското „populus“, што едноставно значи „народ“. Според тоа, ознаката „популизам“ – повторно, доколку демократијата е навистина важечка општествена норма – треба да биде резервирана не само за позитивна општествена вредност и тенденција, туку за една од стожерните општествени вредности, затоа што популус + изам не значи ништо друго, освен идеолошко артикулирање („-изам“) на интересите на народот (популус), на „општото добро“ кое филозофите, политиколозите и останатите експоненти на интелектуалниот естаблишмент толку го хвалоспеват.
Меѓутоа, гледаме дека токму спротивното е случај, па оттука произлегува логичкиот заклучок дека: или (а) демократијата не е важечка општествена вредност или (б) академско-интелектуалниот естаблишмент потајно/полуотворено се залага за олигархија или плутократија, и со тоа всушност ги поткопува вредностите на демократијата која само номинално ја исповеда.
Имено, доколку неолибералниот глобализам, кој изминатитве децении нескриено поттикнува(ше) концентрација на капиталот, дерегулација на финансискиот сектор, приватизација на јавните добра, беше вредноста на која се додворуваа политичарите од традиционално прифатените политички опции поддржани од академско-интелектуалната логистика, тогаш станува навистина јасно зошто популизмот е толку омразен и поттикнува стравувања кај економските елити и нивните интелектуални сателити. Патем, зарем не е врвно лицемерие да му се проповеда на поединецот за „општо добро“ и „јавен интерес“ кога реалиите (јавната инфраструктура, природните ресурси…) кои го чинат општото добро се обезвреднуваат и распродаваат на приватни субјекти, со што општото добро de facto се разградува пред неговиот нос?
Популизам, анархизам, нихилизам: толку блиску, а толку далеку…
Токму тесното набљудување на популизмот само во (дневно)политички контекст е уште една недопустлива грешка при неговата перцепција. Популизмот претставува сеопфатен (суб)културен феномен со извесни елементи на анархизам и нихилизам, иако истовремено суштински се разликува од овие две идеи, особено од нихилизмот. Имено, популизмот, за разлика од анархизмот, не го негира државниот поредок како спротивност на слободата; напротив, современите популисти се чини дека начелно полагаат силна верба во државата, власта и законите, но ги перцепираат како киднапирани од неолибералните глобалистички елити и според тоа отуѓени од народот.
За разлика од нихилизмот, пак, популизмот не ги оспорува општеството/заедницата и општото добро како нивно врзивно ткиво, туку – слично како и анархизмот – ги доживува како узурпирани од страна на споменатите елити. (Nota bene: анархизмот, за разлика од нихилизмот, ги афирмира заедницата и општото добро – со исклучок на некои струи на индивидуалистичкиот анархизам (Штирнер), меѓутоа смета дека подржавувањето на заедницата ја прави непровидна и корумпирана, со што „општото добро“ всушност станува реален посед на една привилегирана група која го легитимира и одржува опресивниот државен апарат за да ги заштити своите противприродно стекнати привилегии).
Оттука, политичките популисти се скептични кон глобалистичките неолиберални институции и кон светогледот кој тие го застапуваат. Од оваа скепса произлегува суверенизмот како еден од основните белези на политичкиот популизам: сосредоточеност кон сопствената заедница, кон потребата таа да се вообликува, односно редефинира како една функционално провидна заедница (политички, економски и културно), ослободена од непровидните стеги на глобализмот и сомнителната политичко-економска механика на неолиберализмот.
Популизам – во поширока смисла на зборот
Веќе рековме дека е погрешно популизмот да се сведе само на политички феномен. Впрочем, се чини дека секое посериозно оспорување на еден владеачко-политички поредок со себе повлекува и едно сеопфатно оспорување на поширокиот вредносен и спознаен систем врзан со тој поредок – и обратно. Токму на овој план дихотомијата популизам – глобализам/неолиберализам покажува некои зачудувачки сличности со дихотомијата либерализам – монархизам од 19 век. И тогаш, либерализмот бил жигосан како „нихилизам“ од аристократскиот естаблишмент. Историскиот либерализам коренито ги оспорил вредностите на аристократизмот, вклучувајќи ги и семејните (патријархални) вредности, па преку естетските вредности, сѐ до премисите за самата стварност (материјализам). Навистина, денешниот популизам (уште) не предизвикал вакви тектонски промени; неговиот ellan vital многу повеќе е во симбиоза со новите средства (дигитализацијата) отколку што е сподвижен од некакви радикално нови постулати за стварноста.
Токму со оваа симбиоза се поврзани некои од основните особености на популизмот како поширока, културно-антрополошка појава, а тоа се:
– Релативизирање на границите меѓу академското и популарното знаење: Масовната дисеминација на информации предизвикана од дигиталната ера доведе до достапност на знаењето како никогаш досега. Со тоа, поединецот има увид во најширок спектар прашања кои го засегаат, а кои досега беа главно монопол на експертите (како на пример контроверзиите околу јавното вакцинирање).
– Алтернативизам: Дигиталната ера овозможи многу повеќе од масовен увид. Таа овозможи масовно и одржливо вмрежување на незадоволните и критички поединци и групи (претежно преку социјалните мрежи, но и преку блогосферата). Ваквиот начин на вмрежување им овозможи да не бидат проголтани и асимилирани од естаблишментот според образецот: изолација – несигурност (во сопствените ставови) – социјален притисок (медиуми, образовен систем итн.) – напуштање на погледите, туку да создадат масовни виртуелни „противзаедници“ во кои можат да ги утврдат и организираат своите антиестаблишментски ставови, создавајќи алтернативи на нормативниот светоглед на естаблишментот. Интернетот и популарните (суб)култури достапни преку него сѐ повеќе станувааат универзитет пред универзитетот за новите генерации.
– Оспорување на формално етаблираните (интелектуални) авторитети и институции: ова е природна последица на алтернативизмот; сепак, формалниот образовен систем (пред сѐ универзитетот) уште не го загубил својот примат, но запаѓа во растечка криза како извор на знаење и авторитет. „Експертите“, кои или сѐ повеќе наликуваат на легитиматори-демагози одошто на проучувачи, и(ли) арогантно градат кула од слонова коска околу својот академски статус, се чини дека веќе го изгубија својот авторитет и монопол над вистината, барем во општествено-хуманистичката сфера. Освен тоа, фактот што (веројатно за првпат во историјата на трудот) дигиталната револуција создаде дејности кои истовремено се висококогнитивни и се стекнуваат преку самоукост или други неформални начини на образование, дополнително ја продлабочува кризата на универзитетот.
Денес преовладува нихилистички песимизам
Уште една значајна работа која се заборава кога се говори за популизмот (или им е непозната на оние кои говорат за него) се неговите почетоци. Тие лежат во 60-те години на 19 век во Русија („народники“) а се поврзани со артикулирање на економски апсурдната и неподнослива состојба на рускиот селанец кој, и покрај тоа што е носител на тогашната (рудиментарна) руска економија, се наоѓа на нејзиното дно. Спротивно на „сељачката“ репутација што популистите ја имаат денес, руското народништво било артикулирано од интелектуалци како Херцен, Чернишевски, (раниот) Плеханов, Бакунин… Носители, пак, на американскиот популизaм (Populist Party) во 90-те години на 19 век биле американските фармери, кои се побуниле против манипулирачката кредитна и монетарна политика на банкарскиот систем. Звучи познато?
Денешниот популизам е симптом на социо-економската имплозија на узурпираниот либерализам, метастазиран во безалтернативен неолиберализам. Уште позагрижувачки, тој е симптом на вродената неспособност на човекот (или можеби на општеството и државата?) да извлече поука од повторувањето на историјата. Меѓутоа, за разлика од социјалистичкиот оптимизам на руските „народники“, денес преовладува нихилистички песимизам. А доколку историјата наврши уште еден полн круг (re-volutio), со денешниот воен паритет и технолошки средства тоа би можело да биде последното повторување и(ли) конечен залез на она што го нарекуваме слобода – што и да е тоа! Така, се поставува старо-новото прашање: дали е возможно очовечување на економскиот и политичкиот систем без revolutio?
*Филип Клетников дипломирал германски јазик и книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Магистрирал интердисциплинарни средновековни студии (германистика, филозофија, историја на уметност) на Универзитетот „Ото-Фридрих“ во Бамберг, Германија, како стипендист на DAAD. Покрај тоа што е активен како поет, есеист, преведувач и раскажувач, има одржано јавни предавања и организирано трибини кои третираат современи општествени проблеми разгледувани низ призмата на автори/дела/правци од областа на книжевноста и филозофијата.
**Блогот е објавен во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk. Оригиналната објава можете да ја прочитате ОВДЕ.