На 24 декември 1906 година, Реџиналд А. Фесенден од Брент Рок, Масачусетс, го изврши првото радио емитување во етер. И останатото е историја…
Сто години подоцна, радиото преживува. Во море од секакви информации, радио статиката се чини останува појасна од сè друго.
Светот денес го прославува Светскиот ден на радиото. На нас во Радио МОФ, како и на сите радио редакции во светот, претпоставувам, денес им е празник. Зошто? Затоа што со совремната технологија и најновите трендови, достапноста на музиката насекаде и најчесто бесплатно, како и необјаснивата потреба на публиката за визуелно добро спакуван медиумски производ, го удавија првиот масовен медиум во денешната глобалистичка какафонија. Но, сепак постоиме.
Не го пишувам текстов за да држам лекција по комуникологија или историја на медиуми. Радио за мене значи Радио МОФ, затоа сакам да кажам зошто и како ние сме тука.
Најпрво, затоа што интернет радиото е радиото на денешницата, кое се слуша секаде и во секое време.
Чекорот на моите претходници да го формираат првото интернет радио во Македонија, безмалку пред седум години, бил огромен ризик. Тогаш не секој имаше 3Г интернет и паметни телефони, а телевизијата уште беше кралица. Но, продолживме да одиме по тие ризични патеки, и уште сме тука. Иако за нас, како некомерцијално радио кое нема фреквенција не знаат огромен број на луѓе, ваквиот чекор носи и многу придобивки. Присутноста само на интернет дава многу поголема слобода на изразување, ослободува од многу правила и стеги кои важат за класичното радио, а слушателот секогаш може да се врати наназад и да преслуша нешто што го пропуштил.
Денес, едукативните и информативните подкасти се сè попопуларни, а Радио МОФ тоа го работи од самото свое постоење. Овде простор да се изрази има секој: нашите програмски емисии се посветени на различни теми, од сеопфатно сексуално образование и живеење на предизвиците на животот за човек со попреченост, па сè до гејминг култура, хорор и фантастика. Музиката која ќе ја чуете, не сте ја чуле веќе 15 пати во последниот половина час. Нè има секаде каде што имате барем „две цртки“ интернет и уред произведен после 2011.
Второ, затоа што нам објективноста и инклузивноста ни значат повеќе од кликот и слушаноста. Кога егзистенцијата на еден медиум не е условена од бројот на реклами и слушаноста/читаноста, тој медиум може да си дозволи слобода да пресуди што е вистински значајно за неговата публика да дознае. Брзината на известување, иако значајна, не е пресудна. Нашиот тим од волонтери-водители и професионални новинари тоа добро го знае.
Воедно, ние даваме простор на оние кои нема каде да бидат слушнати: на лицата со попреченост, граѓанските организации и иницијативи, средношколците и студентите, маргинализираните групи и проблемите кои за другите медиуми не го носат посакуваното внимание.
Трето, присутноста на интернет овозможува продукција на мултимедијални содржини.
Радио продуцира и видеа? Зошто да не! Вниманието е сè помало, а публиката сè поалчна и погладна за информации. Поради тоа, настрана од емисиите, подкастите и текстовите, ние сме тука да понудиме и современи производи, како видео стриминг на емисиите и дебатите создадени првенствено за радиото.
Сметаме дека сме поразлични и затоа што правиме нешто за младите, но и ОД младите.
Водителите на Радио МОФ ги има на различни возрасти, а многумина од нив се и средношколци. Бизарно е да велиме дека нудиме нешта кои младите ги сакаат, ако меѓу нас нема некој под 40 години, зар не?
Овде сме и да им помогнеме на помалку познатите творци и претставници на бранот на алтернативна култура која допрва се раѓа. Младите музичари, уметници и автори кои зад себе немаат ПР тим, се несомнено маргинализирана група во Македонија.
Воедно, се трудиме и да ја зголемиме медиумската писменост на младите, преку обуки и изработка на едукативни видеа, аудио подкасти и текстови чија цел е да го направи обичниот читател покритичен, поскептичен и пољубопитен во неговата потрага по точната информација.
Петто, затоа што се залагаме за социјални промени. Посветувањето внимание на секакви теми и отворањето дебати за различни општествени процеси не е нешто за што еден медиум се залага бидејќи е интересно, ниту пак затоа што е лесно. Го правиме тоа затоа што е потребно, сега повеќе од кога и да било. Медиумот секогаш треба да работи во интерес на својата публика, и ничиј друг. Ова е основната максима по која се водиме во Радио МОФ.
За крај, славиме затоа што сме тука да ги сплотиме домашните и локалните иницијативи и организации на една заедничка платформа. Радио станиците денес почесто продуцираат поразлични производи, а неретко организираат и настани. FM4 го имаат Frequency Festival (Австрија), BBC имаат свој музички фестивал (Велика Британија), KSRW го имаат World Festival (САД), а ние ја имаме Engage конференцијата за граѓански активизам. Преку неа, шест години по ред јавноста добива можност одблизу да се запознае со проблемите, предизвиците и општествените промени на граѓанството во Македонија и Европа. За овогодишната, седмата, имаме и поголеми амбиции.
Сто и две години после првото радио-емитување, за мене зборот „радио“ значи многу повеќе. Значи секојдневна промена, креативност, иновативност и огромна желба за работа. Но, го држи и својот корен – „радио“, „зрак“. Бидејќи за мене, ова радио е зрак светлина.
Стефанија Тенекеџиева, координаторка на Радио МОФ