Во колумната „Дали андерграундот сè уште значи подземје?“ на колумнистката Калина Качоровска објавена на сајтот на Култура Бета таа истакнува дека луѓе кои или самите се занимаваат со култура, или пак активно ги следат случувањата и новостите на тоа поле, заклучуваат дека веќе некое време, македонската алтернативна сцена нуди многу поголем диверзитет, новитети и едноставно, количински твори многу повеќе од мејнстрим сцената. Секако, тоа не значи дека не излегува ништо ново, оригинално или квалитетно од страна на популарната сцена, но дека доколку активно ја следиме ситуацијата, ќе видиме дека во споредба, независната уметност цути и е во полн ек.
Од ваквиот став што и без премногу напор ќе можеме да го потврдиме само доколку отвориме на социјалните мрежи на независните уметници и уметничко-културни организации, друштва и колективи, без разлика дали станува збор за музичари, сликари, книжевници и мали издавачи или, пак, активисти ќе видиме дека на пример: музичарите од Гола Планина, поточно бендовите Луфтанза и Харакири, моментално се на балканска турнеја, а настапуваат и на МЕНТ во Љубљана.
На слична турнеја лани беше и младата музичарка Дина Јашари, а есента ја доби и наградата Милан Младеновиќ за најдобра песна „Дома“ за 2022 година. Вредно за споменување е и појавата и на други, куп, млади музичари и бендови како „Занаду“, „Corrosion“, „АТА“, „Димиш“, „Ред 18“, „Дивоградба“, „Преку ред“, „Стој после“… Неколку бендови згаснаа, но паралелно со тоа истите тие музичари се појавија со нови проекти, во нoви бендови.
На книжевен план е слично, само во последниве две години се појавија дузина нови поети кои пишуваат и издаваат свои дела. Се појавија и мнозина кои им даваат и можност на овие млади да читаат на настани и фестивали – се оформи „Отскочна даска“ на Скопскиот поетски фестивал со што победникот од таа вечер ги претставување младите на главната фестивалска вечер; моментално се подготвува антологија на млада поезија „Ново раѓање на зборот“ во издание на „ПНВ Публикации“ ; младите се појавуваат и на помалите книжевни настани (иако важно е да се истакне дека поголемите книжевни фестивали се’ уште не пројавуваат интерес или свесност за потребата од покана на младите автори). Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ оформи читателски клубови што ги водат токму млади, Филолошкиот факултет и младите студенти подготвија антологија на македонската книжевност во првите две децении од 21-от век каде беа опфатени и дел од истите овие младите автори. Со Култура Бета го отпочнавме и проектот „Поетска епизода“, поетски читања направени од млади и посветени на млади, тие читачки вечери станаа едно од главните места каде што се промовираат новите и млади македонски поети. На планот на филмот и филмските фестивали, видливо е дека во последно време се’ повеќе се застапени и младите режисери. Филозофскиот филмски фестивал, во својата едукативна програма, работи на работилници на млади, на проектот „Фил(м)ософија со деца, а има и посебна награда за студентски филм наречена „Стефан Сидовски – Сидо“; Македокс ја имаат програмата „Докуникулци“ наменета токму за млади филмаџии, а на последното издание на Синедејс за затворањето на фестивалот беше прикажан дебитантскиот долгометражен филм „Нема да си сама“ на Горан Столевски, режисер токму од поновата генерација македонски режисери.
Ова се само мал дел од примерите што се видливи во последно време на македонската културна, особено независна, сцена и со ова лесно може да се одговори прашањето „Имаат ли младите потреба од независна култура и од независна културна сцена?“. А тоа секако дека е ДА!
Сметам дека има едно поважно прашање од тоа ДАЛИ младите имаат потреба од независна култура, а тоа би било ЗОШТО се јавува таа потреба и ЗОШТО е потребна независната културна сцена во Македонија.
Со последните случувања во Младинскиот културен центар како единствена јавна институција која е отворена за млади, независни и алтернативни уметници, а финансирана главно буџетски од Град Скопје, и ударот што беше зададен кон неа, ја покажа на дело сплотеноста главно на младинската музичка сцена, а ја покажа и поддршката што ја доби таа музичка група главно предводена од „Гола Планина колектив“ и сплотеноста на сите уметници што се дел од некакви независни, неформални или алтернативни здруженија, организации, театри, колективи. Таквата сплотеност и пораките што ги испратија младите покажаа зошто-то за потребата од независна култура. Кое е тоа зошто?
Немајќи видливост кај „сериозните“ институции, кај државните институции, кај алфа уметноста, кај институционализираната култура и уметност младите решението за таквата невидливост и неспремност на мејнстрим културата да ги отвори вратите за младите уметници е истите тие млади да се, од една страна приморани, од друга страна и благословени да се посветат на независна работа, понекогаш и неформална работа, волонтерска, ентузијастичка, недоволно платена работа во култура. Зошто велам благословени? Бидејќи постојат бројни примери кога од таква ентузијастичка работа сега се настанати сериозни фестивали, проекти, организации кои се едни од главните чинители и носители на културната култура и културната уметност кај нас. Па иако ваквите културни чинители ниту ги имаат најголемите и најпосетените штандови на книжевните саеми, ниту, пак, некој ги поканува на музичките манифестации кои се случуваат на плоштадите низ градовите во Македонија, ниту пак се дел од мејнстрим, големите и популарни фестивали, сепак, слободно може да се каже дека токму овие независни уметници кои се на помалите штандови, на помалите и алтернативни фестивали, на подскриените места во градот сепак творат и создаваат многу повеќе, создаваат особено многу повеќе култура која е квалитетна и културна и секогаш насекаде многу повреднувана. Тоа е едното зошто, потребна е независна култура за да се создава културна култура.
Второто зошто е врзано токму со неангажираноста на државните и локалните власти да се обидат, барем да се обидат, да почнат да креираат младински политики за развој на урбаната, културна и квалитетна култура. Најпрво во делот на финансирање на овие проекти. Многумина ќе речат дека ако независните уметници се финансирани од државни пари стануваат зависни од државата. Но не е така. Финансирањето на независни проекти, не значи и не треба да значи потчинување на државните идеи како треба да се креира култура, особено не на некакво создавање „култура која ќе го забавува народот“ итн. Финансирањето единствено треба да значи поддршка на овие проекти и уметници бидејќи во многу поголем дел од случаите кога се претставува нашата, македонска култура, во странство за репер се земаат токму овие култури, културни случувања, настани и уметнички дела. И треба токму да се финансираат овие проекти бидејќи во многу голем дел, токму оваа сцена е репрезентација на тоа што значи македонска култура и одбрана на истата кога е напаѓана од некоја страна бидејќи токму ова се поетите кои го негуваат, развиваат и творат на македонски јазик, токму ова се музичарите кои создаваат музика на овој наш јазик, токму ова се театарџиите кои работат со македонски режисери и поставуваат текстови од македонски (живи) автори – токму поради овие важни работи ресорното министерство треба да креира нов, иновативен и многу подобрен план за култура кој ќе биде отворен во многу поголема мера токму кон младите и алтернативни уметници и секако буџет за култура кој нема да биде прв на удар кога ќе треба нешто да се (пот)скрати. Другата работа врзана со второто зошто е отвореноста на локалните самоуправи кон уметноста генерално, но и кон младите уметници.
Речиси во секоја општина има културен дом или центар што стои така и во нив не влегува никој друг освен вработените во тие институции. Ваквите културни центри и домови во поголемите градови од внатрешноста се до некаде и развиени и нудат некаква програма, но во мноштвото општини низ државата и во општините во Град Скопје тие институции зјаат празни и неискористени, а со огромен потенцијал токму да бидат место каде што ќе може да се раѓа, да се вежба, да се создава, да се дава можност за млади средношколци и студенти да отпочнуваат со некакви културни проекти. Наспрема овие домови, ваквата функција ја преземаат неколку места во градов кои си земаа за цел токму да даваат простор на младите уметници – тука секако се Буква, Шортбас, Котур, СЦ Дуња и др. Третата работа врзана за неангажираноста на раководните тела низ државата и градовите е токму образовната компонента. Уште една причина поради недоволен развој на културата или недоволен развој на свесност за култура, уметност и бивања културно изградена личност се образовните политики. Посетата на културни манифестации, претстави, концерти, книжевни манифестации, кино, фестивали во формалното и задолжително образование е сведено на добрата волја на предметните наставници и речиси и да нема поттик во предметните програми по било кој предмет, а нема поттик ниту од раководните органи и ресорното министерство за образование да се практикува посета на културни случувања.
Но наспрема ваквата ситуација во формалното образование и како антипод на истата таа ситуација е токму појавата на средношколските дружини, клубови, секции кои, секако ентузијастички, но со огромна волја, моќ и труд работат на создавање културни настани внатре во училиштата. Од таквата потреба за култура, во неколку скопски гимназии се родија прекрасни проекти кои веќе со години се случуваат и ја создаваат новата генерација уметници кои за година-две ќе бидат во центарот на културните случувања на алтернативната македонска сцена. Па така, во гимназијата „Никола Карев“ се отпочна ArtHouse Karev и фестивалот „Три дена култура“, во гимназијата „Раде Јовчевски – Корчагин“ работи Кариерниот центар кој го отпочна фестивалот „Уметникум“, во гимназијата „Орце Николов“ започна проектот „Орцашка вечер на поезијата“ – сите овие се фестивали на кои се случиле првите чекори на дел од уметниците кои денес се задолжителни имиња на листата на независни уметници. И секако, овие настани и овие средношколски неформални организации работат волонтерски, во име на уметноста, на добра волја или преку донации. И во овие средношколски друштва токму се крие и одговорот на четвртото зошто – имено, на младите средношколци им е потребна независна средношколска сцена и култура токму поради тоа што поинаква и нема.
Има уште многу зошто-а, но ќе се осврнам на уште еден од одговорите на тоа зошто младите имаат потреба од независна култура, а одговорот на ова е врзано со медиумите. Ако размислиме на мејнстрим медиумите без разлика дали зборуваме за весници, телевизии, радија или портали, а особено да не помислуваме на Националниот сервис, речиси и да нема медиум кој има издвоена редакција посветена на култура. Иако со огромна скепса кажано, како во последно време работите малку како да помрднуваат на подобро од аспект на покриеноста на културата од страна на медиумите, сепак на ниту еден медиум не е доволна застапеноста на култура, уметност и културни случувања колку што треба да биде особено ако ја споредуваме со застапеноста на секојдневната политика, препирки меѓу политичарите и слично. Од токму ваквата недоволна културна покриеност, немање редакции за култура и од фактот дека треба да помрднеш брда и планини за некој помејнстрим медиум да пренесе за културниот настан што го организираш, токму од оваа ситуација се родија мноштво платформи за култура, уметност, активизам, јазик и сл. што редовно ги споделуваат културните случувања во државата. Секако тука е Радио МОФ кои редовно ги пренесуваат настаните од ова поле, „Културен печат“ и евентуално по некоја емисија за култура на телевизиите, но оние најголеми поддржувачи се токму овие платофрми. Во последните неколку години станаа многу препознатливи ваквите платформи, меѓу кои влегуваат Antidotе Community, студентското списание Умник, Скала магазин, Дигиславија, Храмина, Медуза и секако онаму каде што јас дејствувам младинското неформално здружение за култура и уметноста Култура Бета. Низ нашиов пример само ќе дадам одговор и зошто имавме потреба од такво неформално и независно уметничко друштво.
Со крајот на средното училиште како да заврши и можноста за простор за слободно и независно уметничко изразување. Со самиот почеток на факултет како да замреа приликите слични на она што го правевме со Кариерниот центар во гимназијата „Р. Ј. Корчагин“ и на студентски план вакви прилики како да нема. Интересен е овој феномен дека на речиси ниту еден факултет нема некаква посебна организација посветена на развој на некаква студентска култура, освен на ФДУ, ФМУ и ФЛУ кои и примарно се занимаваат со култура, наспроти средношколците кои на овој план се и поактивни. Надеж за развој на студентска културна сцена во рамки на Универзитетот носи отворањето на Студентскиот културен центар, но некакви поконкретни примери речиси и да нема. Како и да е, од ваквата поставеност на околностите, почуствувавме потреба да си направиме простор за културно и креативно изразување, да ја основаме Бета наспроти оваа мејнстрим Алфа, да направиме едно вониституционално здружување за сите оние ликови кои во институции не можат да творат. Денес, после 3 години постоење, некои ќе речат претенциозно и нескромно, сметам дека Култура Бета е една од носечките младински здруженија и заедно со сите оние кои погоре ги споменав, се трудиме да ја одржуваме, развиваме, и најважно, да даваме простор на сите оние кои се занимаваат и кои сакаат да се занимаваат со уметност.
„Здраво дечки, ние сме младинско здружение за креативно и културно изразување, неформална организација за сите млади кои имаат идеи за развој на културата надвор од културните институции. Воочувајќи ја малата развиеност на младинската слободна и неформална култура, ние – неколкумина млади одлучивме да се организираме во едно отворено друштво чија цел е остварување на најразлични културни случувања меѓу нас младите“ напишавме во првиот пост објавен на Култура Бета и оттогаш развиеноста на младинската слободна и неформална култура се зголемува, токму благодарејќи на сите вакви слични платформи со слични цели. Ова е нашиот одговор на прашањето „Имаат ли младите потреба од независна култура?“ – имено, секако дека да! Па во недостаток на доволно свесност кај институции, културни и образовни политики, медиуми, нека се’ повеќе си ја овозможуваме!
Андреј Медиќ Лазаревски
*Ставот е првично изнесен на младинскиот настан за социјален активизам „Engage Youth“.
** Андреј Медиќ Лазаревски (14.4.2001г., Скопје) е студент во четврта година на Институтот за философија на Филозофскиот факултет и студент во прва година на Катедрата по општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ во Скопје. Автор е на стихозбирките „Беседење со неа“ (2021, Дата Песнопој) и „Молитвени дискурси“ (2022, ПНВ Публикации). Тој е основач и главен и одговорен уредник на платформите на младинското неформално здружение за култура „Култура Бета“, организатор е на поетскиот настан „Поетска епизода“, проектен асистент е на „Филозофскиот филмски фестивал“, член е на Филозофското друштво на Македонија, а дел е од тимовите на „Скала Магазин“ и кафе-книжарницата „Буква“.