Пријатно е и политички целисходно да се тврди дека „ние“ сме нападнати, бидејќи „тие“ не можат да се справат со „нашите“ слободи, особено слободата на говорот.
Трагичниот терористички напад на францускиот сатиричен магазин „Чарли Ебдо“ во Париз, во кој беа убиени десет новинари и двајца полицајци, е застрашувачки на толку многу нивоа. Иако тројцата терористи се сè уште на слобода, и официјалната мотивација сè уште не е утврдена, сите индикации укажуваат на џихадисти, веројатно муслимани родени во Франција кои се вратиле од војната во Сирија, (забележливи се сличностите со терористичкиот напад на Еврејскиот музеј во Брисел од минатата година).
Генералната реакција е онаа која сме ја виделе многупати претходно, како на пример по убивањето на холандскиот режисер Тео Ван Гог во 2004 или терористичките напади во Америка во 2001. Политичарите ги користат нападите за да зборуваат за перфектните демократски и слободни општества кои ги водат и потенцираат дека ова нема никаква врска со Исламот, туку со некои патолошки индивидуалци кои ја користат религијата како изговор за екстремистички идеи. Граѓаните реагираат во единствените медиуми во кој се сè уште активни, социјалните медиуми и прават големи изрази на солидарност, пред вниманието да им биде одземено од некое видео на верверичка која скија на вода или маче кое свири пијано. И едните и другите ќе објават дека ние сме сите оние кои се жртвата на денот.
Денеска Фејсбук и Твитер се полни со изјави како “Je suis Charlie” (Јас сум Чарли) и „сите сме Чарли“. За жал, не сме. Или, поточно, со многу малку исклучоци, не сме Чарли и тоа е голем проблем за либералните демократии низ светот. Ќе ви дадам три причини зошто повеќето од нас не се Чарли и зошто ова е проблематично за нашите демократии.
Прво, повеќето од најгласните „бранители“ на „Чарли Ебдо“ се многу нови и селективни фанови на сатиричниот магазин. На пример, неверојатно е колку исламофобични и крајно десничарски настроени луѓе ја декларираат нивната љубов за магазинот кој до неодамна би го критикувале како „комунистички партал“ (откако сатирата на Чарли ги исмеваше нивните херои, од Исус Христос и Marine Le Pen). Ова се херојските бранители на слободата на говорот, како Geert Wilders, кој сака да го забрани Куранот затоа што предизвикувал насилство.
Многу луѓе не се Чарли бидејќи „Чарли Ебдо“ би ги критикувал сите религии и сите политичари, без разлика на нивниот етникум, род, идеологија итн. Постојано, лидерите на сите религии и политички партии ги критикувале. Сепак, биле нападнати само од насилни екстремни муслимани. Тоа е факт кој не смее и не треба да биде негиран! Ова не значи дека само екстремните муслимани ги напаѓаат нивните критичари – на пример, неодамна двајца француски членови на Лигата за еврејска одбрана беа осудени за ставање бомба под колата на еден антиционистички новинар.
Сепак, неудобен, но неспорен факт е дека повеќето напади и закани на политичко насилство во современа Европа доаѓаат од екстремните муслимани. Ова не е поради Исламот, со оглед на тоа што 99.9 проценти од муслиманите не се насилни, но тоа не значи дека Исламот не игра никаква улога.
Второ, не сите луѓе се Чарли бидејќи веруваат дека демократските дебати треба да бидат „пристојни“ и да не ги вознемируваат луѓето. Проблемот е што пристојноста е лизгав концепт, кој значи многу различни работи за многу различни луѓе. Слично, не е возможно да се измери дали луѓето се вознемирени, уште помалку, пак, објективно да се спореди колку се вознемирени. Луѓето се вознемируваат за сè, па тогаш зошто религиозната чувствителност би имала специјална протекција? Кој ќе каже дали критиката на Чарли на исламизмот многу повеќе ќе вознемири еден радикален муслиман, отколку што критиката на спортскиот весник L’Equipe ќе навреди некој тврдокорен навивач на фудбалскиот клуб Paris Saint Germain?
Низ историјата „пристојноста“ била дефинирана во линија со интересите на политичкиот естаблишмент. Ова е сè уште случај, што значи дека аргументот на пристојноста е речиси секогаш користен селективно и опортунистички. Одредени групи се заштитени од „непристоен“ дискурс а други не се (како што е случај со антидискриминаторската легислатива). Ова ги штити овие групи од критика, без оглед на точноста на критиката, што долгорочно ги повредува не само критичарите, туку и оние кои не се критикувани, кои немаат поттик да размислат и да се подобрат.
Трето и последно, многу луѓе не се Чарли бидејќи се плашат. Многу луѓе никогаш отворено не критикуваат ништо и никого, или барем не ги критикуваат релативно моќните луѓе. Но дури и помеѓу професионалните критичари, како комедијантите и интелектуалците, самоцензурата се почесто станува норма. Многумина ги третираат проблемите поврзани со Евреите и Израел со поголема сензитивност отколку други групи и држави, од страв од професионални санкции (размислете за неодамнешниот Salaita случај во САД). Слично вознемирувачки е растечкиот тренд на комедијанти и интелектуалци кои се самоцензурираат себеси за теми поврзани со Исламот и муслиманите. Уште пред неколку години запознав холандски јавни интелектуалци кои ми кажаа, во доверба, дека прекинале да го критикуваат Исламизмот во јавност, поради насилните закани упатени до нив и нивната фамилија. Дури и „бестрашниот“ американски комедијант Stephen Colbert не ја покажа контроверзната карикатура на Мухамед, или други слики кои може да бидат навредливи за муслиманите, и наместо тоа објави (смешна) слика на „технички проблеми“. Иако го исмеваше својот страв од насилен напад, тој никогаш сериозно не го проблематизираше и на крајот, самиот се цензурираше. Дури и неколкуте храбри души кои се осудија да направат сатира на Исламизмот, често се цензурирани од медиумите или нивните вработувачи, како на пример епизодата за Мухамед на South Park, која беше цензурана од Comedy Central неколку пати.
Сигурно, има структурални објаснувања за високото ниво на лутина и фрустрација кај дел од (радикалната) муслиманска популација во Европа, поради што дел од нив се впуштаат во (закани за) насилство. Ниедна од нив, не се изговор за насилни акции во демократии, но тоа не значи дека не можеме да научиме од нив. Пријатно е и политички целисходно да се тврди дека „ние“ сме нападнати, бидејќи „тие“ не можат да се справат со „нашите“ слободи, особено слободата на говорот. Политичарите ќе проповедаат дека „муслиманите“ мора да се помират со фактот дека „тие“ (сега) живеат во општество каде сè може да биде критикувано, и ќе упатуваат на критиката и сатирата за христијаните и христијанството (најчесто на 1960тите и 1970тите), но ова е наивно и во најлош случај, неискрено. Многу „прифатливи“ критики на Исламот и муслиманите, би биле сметани за неприфатливи, и илегални (!), доколку таргетираат други групи – како тест, само заменете го зборот „муслимани“ со „Евреи“ или „црнци“ и видете дали се уште мислите дека критиката е прифатлива. Поради ова, одредени муслимани ќе го гледаат аргументот на „слобода на говорот“ како лесен излез.
Поврзано со ова е перцепцијата на немоќ помеѓу муслиманската популација во Европа. Некои чувствуваат дека муслиманите се дискриминирани бидејќи немаат глас во политичкиот систем. Тие понекогаш го вперуваат прстот на моќта на Евреите, мора да се признае понекогаш инспирирани од анти-семитски светоглед, и нивниот успешен обид за поефективно да го поттиснат антисемитизмот. Тие се чувствуваат дека Муслиманите треба или да се потпрат на симпатиите на немуслиманите, кои се ферски селективни во нивната поддршка (дури и кај левичарите) или да се припуштат на екстра-политички мерки, како (заканите за) насилство (то).
Да повторам дека ова не се прифатливи изговори за насилни акции или говор! Но не се без фактичка основа. Ако „ние“ ќе очекуваме од „нив“ да ја почитуваат слободата на говор, тогаш оваа слобода на говор треба да биде или целосно слободна или да ги заштити сите групи еднакви (што јас верувам дека е невозможно). Ако „ние“ сакаме „тие“ да се придржуваат на ( не „нашите“) демократски правила на играта, „ние“ треба исто така да ги прифатиме „нив“ како еднакви граѓани. Пречесто Исламот и муслиманите се третираат како странци, и се поврзуваат или со имиграција или со странска земја/регион. Но мнозинството муслимани во повеќето европски земји се граѓани, родени и пораснати во Европа. Со други зборови, „тие“ се „ние“! Затоа, колку што „тие“ треба да се помират со живеењето во „нашата“ земја, „ние“ мора да се помириме со фактот дека ова е и „нивна“ земја исто така!
Па тогаш, како да продолжиме напред во конструктивен манир, зајакнувајќи ги нашите либерални демократии наместо слабеејќи ги со авторитарни реакции. Наместо да ја стеснуваме слободата на говор и понатаму, со лимитирање на „пристоен“ говор или со ширење на анти-дискриминаторската легислатива, ние треба да почнеме да ги живееме нашите слогани и навистина да ја прегрнеме слободата на говор, вклучувајќи ги антисемитизмот и исламофобите. Слично, треба да ги критикуваме и сатиризираме сите, од атеистите до христијаните, од Евреите до муслиманите и од зелените до крајната десница. Ова бара не само сите да зборуваме гласно против екстремистите, туку и да ги браниме оние кои ги критикуваат…пред да им се заканат и пред да бидат дури и убиени.
Автор: Cas Mudde
Извор: opendemocracy.net