Парадоксално е тоа што главните учесници во образованието немаат никаков глас кога станува збор за нивната иднина, туку, им се претставени критериуми, со кои тие треба да се помират, пишува за младинската колумна на Радио Слободна Европа Леона Крстевска Симеонова, ученичка во трета година, Гимназија НОВА.
На 28 септември 2020 година, Министерството за образование имаше на агенда да ја претстави новосоздадената државна платформа за учениците од основното и средното образование. Со само неколку преостанати недели да се создаде националната платформа – се чинеше неверојатно тоа што Министерството успеа навидум да најде одговор на прашањето: „Што со образованието почнувајќи од септември (октомври) 2020?“. Меѓутоа, на речиси ничие изненадување, серверите на националната платформа паднаа и планираната демонстрација на платформата не се реализира. Разочараните родители, а уште поразочараните ученици повторно беа оставени самите да бидат одговорни за начинот на кој би се спроведувала нивната настава. Но, каде навистина е проблемот со падот на националната платформа?
Министерството за образование веќе години наназад, упорно одбива да го слушне гласот на младите, а уште помалку да го земе предвид кога станува збор за носење на одлуки. Парадоксално е тоа што главните учесници во образованието немаат никаков глас кога станува збор за нивната иднина, туку, им се претставени критериуми, со кои тие треба да се помират. Сметам дека кога станува збор за иднината на младите, особено на оние кои се од адолесцентна возраст, треба да се посвети особено внимание на она што тие имаат да кажат во врска со образовниот систем, како најдиректни учесници.
Без разлика на политичката власт, ниту пак на министерот за образование, гласот на младите континуирано е придушен и отфрлен на страна како помалку важен. Како пример да го земеме протестот на средношколците организиран во август 2020 со целта да се воведе комбинирана настава. Македонските средношколци како и Сојузот на средношколци на Република Северна Македонија знаејќи дека нивните барања би биле многу лесно отфрлени доколку тие бидат претставени како несериозни, изготвија добро артикулирани барања до Министерството за образование со цел да се пренесе значајноста на потребата од комбиниран модел на настава кај учениците од основните и средните училишта.
За разлика од претходните години, за првпат барањата и мислењата на учениците на теми со кои што тие се директно засегнати беа земени предвид. И покрај малиот напор и обид на Владата и Министерството да го ‘ислушаат’ гласот на младите – сепак, комбинираниот модел на настава стана реалност само во мал број училишта. А за останатите ученици беше ветена национална платформа која би требала да го замени вообичаениот училиштен ден.
И така, со ветената државна платформа, на први октомври започна и новата учебна година за учениците од државните основни и средни училишта. Импресиите беа разнострани, започнувајќи од крајно позитивни, до инстанци во кои учениците не можеа да се приклучат на првиот учебен ден. Се разбира техничките проблеми се постојана појава и вакви проблеми беа очекувани. Со дигитализацијата на западните земји, а со тоа и нивните образовни системи, учениците од средните и основните училишта уште одамна се свесни за можноста на национална платформа за образование, и како генерации пораснати со интернетот, не би се противеле на некаков вид на државна платформа. Сепак, целиот дебакл околу националната платформа и нејзината успешност, можеше да биде одбегнат доколку беа испочитувани барањата на младината. Факт е дека физичкото присуство би можело да доведе до зголемен број на болни од Ковид-19, а уште поверојатно е да се зголеми бројот на позитивни од вирусот, министерството ја користи оваа информација како поткрепа за забрана на комбинираниот модел на настава за сите ученици од основното и средното образование. Сепак, оваа одлука е апсурдна ако се земе во предвид моменталната државна состојба околу незапазеноста на задолжителните мерки на заштита. Физичкото присуство во училиштата би се одвивало по многу координиран и организиран систем, со адекватни мерки на претпазливост за заштита од зараза како: лична заштита (маска/визир), редовна дезинфекција на високо-фреквентни места (тоалети) и физичка дистанца (најмалку 1.5м) . И покрај овие предлог-протоколи за училиштата, физичкото присуство во училиштата сеуште беше оценето како преголем ризик за населението. А од друга страна кафулињата,, рестораните, парковите и улиците се преполни со луѓе од сите возрасни групи, каде што запазеноста на мерките за заштита не е загарантирана, и каде што се директно присутни членови од најранливите групи (постари и возрасни лица) беа оценети како адекватни за повторно отворање.
Во државата не постои државно тело кое што активно се залага гласот на младината да биде ислушан, а уште помалку послушан. Интеграцијата на младите се води по патека на протести и мали средби, каде што тие имаат неколку минути да ги презентираат своите барања . Се уште се бара некој кој навистина ќе се залага за соработката помеѓу младината и државата. Сметам дека долгогодишното придушување на гласот на младите околу теми кои директно ги засегаат нив е апсурдно да се прифати како правилен начин на комуникација помеѓу државните органи и младите. Пред се е потребно е да се започне со активна комуникација помеѓу двете страни, во која што и едната и другата страна подеднакво ќе се ислушаат една со друга. Само доколку условот на добра комуникација е поткрепен, ќе може да се размислува за соработка помеѓу носителите на власта и младите во процесот на носење одлуки, и интеграција на младината на теми коишто директно имаат ефект врз нив и коишто директно ги засегаат.
„Сакам некој да ме ислуша“ и „Сакам некој да ме сфати сериозно!“ се главните барања на коишто државните органи и Министерството треба да посветат особено внимание, потребна е само согласност од едната и од другата страна дека процесот на комуникација би бил со еднакво ниво на почит. На патот кон воведување на европски стандарди во Северна Македонија, младите се клучни, а особено тоа што тие имаат да го кажат, бидејќи тие се генерациите кои ќе ја водат земјата во иднината.