Eкстремистичките испади прераснаa во државна политика на Република Бугарија кон Македонија која ги затече македонските власти кои не успеваат да формулираат одговор што ќе ја задоволи пошироката јавност.
Како сведок во детството на пограничните средби меѓу Македонија и Бугарија, поточно меѓу жителите на Малешевијата и Благоевград, со неверување го следам сегашниот развој на односите меѓу двата соседски народа и нивните водачи.
Mислам дека средбите се одржуваа еднаш на две години, еднаш од оваа страна на границата во Берово, а потоа, од другата страна, во Благоевград. Реки автобуси, „москвичи“, „застави“, „фијати“, „шкоди“ и други автомобили од тоа време, се слеваа на граничниот премин уште рано наутро за навреме да се стигне кај пријателите од другата страна на границата. Се разменуваа подароци, кашкавали и хулахопки… копнеевме по бугарската алва, по памучните ткаенини во големите патни торби по враќањето на нашите родители од овие погранични средби.
Музичари од двете страни на границата изведуваа современи композиции на двата јазика, а политичките раководства на двата града седеа едни до други облечени во свечена облека.
Дали „бугарската“ страна тогаш им велеше на своите пријатели отаде границата дека македонскиот јазик не е автентичен? Со голема сигурност – не! Никој не ни помислуваше да негира или да прави ревизија на докажани и прифатени историски факти од европската и светската историографија.
Од реторика кон државна политика
Но, она што почна како екстремистички испади во Софија (Каракачанов), прерасна во државна политика на Република Бугарија кон Македонија која ги затече нашите власти и на која не успеваат да формулираат одговор што ќе ја задоволи пошироката јавност.
Напнатоста особено се зголеми по отворањето на културни центри со етнички предзнак што го почна Бугарија, а се надоврза и македонското етничко малцинство во Бугарија. Но, со една голема разлика – Софија на отворањето на првиот таков центар во Битола го испрати политичкиот и државен врв, додека Скопје при отворањето на македонскиот клуб во Благоевград го покажа целото свое разногласие во надворешната и внатрешната политика: премиерот ескивираше, министерот за надворешни работи директно ги нападна етничките Македонци во Бугарија и финансиерите од македонската дијаспора, додека пак лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ реши лично да отиде на промовирањето на клубот, што се заедно придонесе кон дополнително незадоволство во јавноста поради неединството во одбраната на стратешките интереси на државата.
Бугарија, пак, немаше дилеми како да одреагира. Советот на Општина Благоевград веднаш издаде Декларација со која се спротивстави на отворањето на македонскиот клуб тврдејќи дека Никола Вапцаров е бугарски поет и затоа отворањето на клуб со негово име е провокација. Тоа, во пракса значи забрана за негово дејствување. Но, спиралата на политичко надметнување не остава простор за повлекување – премиерот Димитар Ковачевски најави дека македонските власти ќе испратат официјално писмо до Софија за отворање македонски културен клуб во Благоевград, а македонското малцинство најавува дури и клуб во гаража во околината на Пловдив.
И повторно да се вратам на спомените од пограничните средби меѓу истокот на Македонија и западот на Бугарија. Ако ние, помладите генерации во ’70-тите и ’80-тите години на минатиот век, копавме по патните торби на нашите родители кога ќе се вратеа од пограничните средби во Благоевград, љубопитни што ни донеле, денес, како резултат на пропагандата на двете страни, младите генерации денес копаат по историјата на звучните имиња кои стојат на таблите на културните клубови со етнички предзнак.
И тоа е, би рекла, длабока разлика во односите некогаш и денес меѓу Македонија и Бугарија. Пријателството исчезна, тие си произведуваат хулахопки, а ние научивме како да правиме кашкавал. Но, како две соседни држави драматично паднавме на создавањето политика на добрососедство и разбирање, бездруго по вина на официјална Софија која сосема ненадејно и без издржана причина стави рампа на почетокот на преговорите на Македонија за членство во ЕУ.
Со оглед дека Бугарија беше првата држава која ја призна Македонија по прогласувањето на независноста, овој неочекуван удар заѕвони со толку голема жестина по некогашното пријателство, што уште ни ѕунат ушите. Бугарија реши да ни држи час по историја, а за нас тоа е лекција дека во политиката нема пријателство, туку само интерес.
Таков час по историја беше и посетата на бугарската потпретседателка Илијана Јотова и поранешниот претседател Георги Прванов на битолското цело Цапари каде положија цвеќе на гробиштата на бугарските војници кои загинале во Првата светска војна. Кога не би бил контекстот на настаните во изминатата година, доаѓањето на Јотова и Прванов не би предизвикало поголемо внимание, а нивните изјави дека дошле да им оддадат почит на хероите кои се бореле за бугарското обединување, би поминале незабележано или во најмала рака, како политичка претенциозност од регионални а не локални размери. Но, еднаш почнатата реторика тешко запира, а недовербата кон бугарската политика се продлабочува со секој нов ден по ставањето рампа за нашето членство во ЕУ.
Македонија ги заслужува сите критики што доцна реагираше на употребата на имиња од историјата кои не ги изразуваат, најблаго речено, вредностите за кои се има определено уште пред повеќе децении, вредности кои ги делат сите демократски и прогресивни сили во светот. Дури, не може ни да се каже дека ликот на Ванчо Михајлов тивко се инсталираше во јавниот простор на државата, бидејќи тој сосема јавно и на големи ѕвона доби почесно место во музејот на восочни фигури во штипско Ново село уште во 2014 година, а неговата восочна фигура е и во Музејот на македонската борба за државност и самостојност.
И затоа, измените на Законот за здруженија и фондации и Законот за политички партии, со кои се забрануваат фашистички и други несоодветни имиња, а бугарските здруженија имаат три месеци рок да ги сменат имињата нема да бидат поздравени од Софија бидејќи ќе доведе до драстична промена на амбиентот создаден по отворањето на двата клуба со бугарски етнички предзнак во Битола и во Охрид кои ги носат имињата Ванчо Михајлов и Цар Борис Трети. Доколку не се сменат имињата, законодавецот предвидел нивно бришење од Централниот регистар.
Ќе биде интересно да се одгледа оваа епизода од македонско-бугарските односи и како Европа ќе се постави кон тоа прашање, бидејќи е реално да се очекува дека бришењето на имињата ќе доведе до жестоки реакции во Софија. Во обид да ја омекне ситуацијата шефот на дипломатијата Бујар Османи вети пред својот бугарски колега дека двата закона ќе ги испрати на проверка во Венецијанската комисија што може да биде сигнал за бугарската дипломатија да премине во нова офанзива. Премиерот Димитар Ковачевски порача дека без разлика дали Законот ќе биде испратен на оценка таму, сите наши закони ќе минат низ филтерот на билатералниот скрининг со ЕУ.
За министерот за правда Никола Тупанчески, испраќањето на Законот во Венецијанската комисија би претставувало превентива од евентуални несакани последици пред Европскиот суд за човекови права. Лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски, пак, смета дека Законот треба што е можно поскоро да се применува.
Фактот што тоа прашање е едно од ретките за кои СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ ги здружија силите во парламентот е уште еден предвесник дека битката околу ликовите како што се Ванчо Михајлов и Цар Борис Трети допрва почнува. Во колумна за БГНЕС Петар Колев, претседател на Граѓанско демократската унија ГДУ, отворено ја критикува својата држава Северна Македонија – за заговор против бугарските клубови затоа што, како што вели, измените на законите за здруженија и за фондации, и за политички партии биле донесени за помалку од еден месец, што не било случај со носење одлуки, додава тој, ниту за време на конфликтот во 2001 година.
Македонија го извлекува подебелиот крај
И да заклучиме, сосема е сигурно дека треба да поминат повеќе политички циклуси и во Скопје и во Софија, за да се подобрат односите меѓу двете држави. Разочарувачки е што некогашната политика на радикалите и овде и таму, полека прерасна во државна политика, најпрво во Бугарија, а потоа, константниот притисок што доаѓаше оттаму, ги зарази и овдешните радикали. Така, две земји кои во изминатите триесет години имаа нормални соседски релации со подеми и падови, сега ги сведоа односите на минимум, иако декларативно се залагаат за меѓусебно пријателство и разбирање.
Цената во тој однос ја плаќа Македонија чија меѓународна позиција на земја преговарач за членство во Европската Унија ја направи максимално ранлива и подложна на барањата што ги испорачува Бугарија како услов да не биде загрозен штотуку започнатиот преговарачки процес. Уставните измени ќе бидат првиот тест на отпорноста на Скопје во еден противречен контекст на избор кој ќе биде многу тежок дури и за либералната проевропска Влада на Ковачевски.
Особено со притисокот на конзервативната опозиција која тропа на вратата за преземање на власта и која бурно реагира на бугарското мешање на европскиот пат на Македонија.
*Соња Крамарска, е новинар, автор на повеќе фељтони и други публикации, поранешен главен уредник на „Утрински весник“ и на порталот НоваТВ. Во моментов работи како новинар и член на редакцискиот колегиум на НоваТВ. Во својата кариера е наградувана со награди новинар на годината и со највисоката награда „Мито Хаџивасилев Јасмин“. Има поминато една академска година на универзитетот Оклахома во САД во рамки на програмата за професионален развој. Работела и како советник за политички прашања и комуникации на министерката за одбрана Радмила Шекеринска.
**Блогот е објавен во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk. Оригиналната објава можете да ја прочитате ТУКА.