Жените кои преживуваат катастрофи често минуваат низ предизвици поврзани со сексуално и родово насилство во време на фазата на закрепнување од катастрофи. Иако катастрофите ја погодуваат целата заедница, жените често го носат поголемиот дел од товарот.
На почетокот на 2009 година, во провинцијата Катлон во Таџикистан, се случија неколку лизгања на земјиште со разорувачки последици. Селото Балџуван беше подобро подготвено за несреќите од останатите места. Биби Рахимова, локален организатор на заедницата, веќе неколку години ги информирала луѓето за опасностите што ги носи со себе нестабилниот терен на кој се лоцирани; а кога на крајот ридското земјиште попуштило, сите 35 домаќинства на Балџуван биле безбедно евакуирани и ниту еден живот не бил загубен.
Рахимова била дела од групата за итни состојби на селото кои минале низ обука обезбедена од „Охсфарм интернешнл“ (Oxfam International) за намалување на ризици при елементарни непогоди; а нејзините напори пред, за време на и по лизгањата на земјиште направиле таа да биде прогласена за херој во западниот дел од Таџикистан каде природата е претежно карпеста. Освен тоа, со нејзиното херојство се постигнало и нешто друго, тоа служело како потсетник дека со вклучување на жени во подготовките и спасувањата од елементарни непогоди се спасуваат животи.
Природните катастрофи најчесто претставуваат поголем ризик за жените и децата, особено во земји каде социо-економскиот статус на жените е низок. На пример, кога „Оксфарм“ направиле анализа на бројот на смртни случаи од цунамито во Индискиот Океан во 2004-тата година, со која се утврдило дека бројката на жени кои загинале е скоро четири пати поголема од мажи; во Индија, Индонезија и Шри Ланка од 60 до 80 % од загинатите биле жени. Слични проценти се присутни во безброј други катастрофи. Проблемот започнува со начинот на кој се известува за тие катастрофи во медиумите, каде многу малку внимание се посветува на категоризација на бројките на погодени мажи и жени.
Многу фактори придонесуваат кон нееднаквиот ризик, но родовата пристрастност е главната причина. Во сиромашните земји, жените скоро секогаш се примарните даватели на грижа, и нивната одговорност за децата, за постарите лица, за болните и за лицата со попреченост може да предизвика нивната евакуација да биде задоцнета. Кога земјотрес ја погоди југоисточна Турција во 2011 година, бројот на жени и деца кои загинале бил значително поголем од бројот на загинати мажи, токму затоа што многу даватели на грижа биле дома за време на земјотресот.
Истражувањата исто така укажуваат дека системите за навремено предупредување честопати не земаат предвид дека мажите и жените различно ги добиваат информациите за катастрофи и различно реагираат на нив. Откако делови од Србија беа зафатени со поплави во 2014 година, со помош на работа со фокус групи се утврдило дека жените чекале официјално известување да се евакуираат, додека мажите користеле неформални мрежи за информирање и според тоа одлучувале да ги напуштат местата. Не мора многу да се претпоставува за да се заклучи дека ако задоцнеле официјалните наредби или ако воопшто не би биле издадени, уште повеќе жени би загинале.
Доколку некој работи надвор од домот, не мора да значи дека ќе биде заштитен од ризик од елементарна непогода. Земете ја како пример текстилната индустрија, каде поголемиот дел од работната сила се жени. Во оваа индустрија честопати дознаваме за фабрики кои се наоѓаат во небезбедни објекти, кои често се најранливи при земјотреси.
Згора на сите овие опасности, жените кои преживуваат катастрофи често минуваат низ предизвици поврзани со сексуално и родово насилство во време на фазата на закрепнување од катастрофи. Во привремените сместувалишта или во камповите, жените и девојките се поподложни на насилство и трговија со луѓе, и тие често мора да преживуваат во несоодветни санитарни услови, недоволно ниво на приватност и ограничен пристап до производи за менструална хигиена. Иако луѓето кои се одговорни за управување со процесите на закрепнување може интуитивно да ги разберат потребите на жените, во планирањето на активности по несреќите и во преземените дејства не се земени предвид различните потреби и опасности за жените и за мажите.
За да се надмине оваа ситуација, некои меѓународни договори почнуваат да ги нагласуваат последиците од природни и човекови несреќи кои имаат различни последици за родовите. Еден неодамнешен пример е Рамковниот договор за намалување ризици од катастрофи од Сендаиод 2015 година, која беше усвоена по земјотресот и цунамито во Јапонија во 2011 година. Оваа резолуција повикува потписниците да го земаат предвид родот во сите фази од решавање катастрофи – од подготовките до реконструкцијата.
Сепак, останува уште многу работа, а итно внимание е потребно во четири области. Прво, многу важно е да се вклучат сè повеќе жени во тимовите за пребарување и спасување, делумно затоа што жените најчесто имаат повеќе информации за да ги лоцираат домовите со деца и постари лица. Ова е една од главните причини што тимот на пожарникари и единицата за брза реакција во Краљево, Србија, од 2016 година вложува напори да го зголеми бројот на жени во своите редови.
Второ, повеќе жени мора да учествуваат во напорите за советување по катастрофи, особено во регионите каде што жените кои ги преживеале катастрофите може да не се чувствуваат пријатно да разговараат со мажи за нивната траума.
Трето, финансирањето поврзано со катастрофи треба да биде приспособено за посебните околности на жените. Во Босна и Херцеговина, програмите за реконструкција воведени по поплавите во 2014 година, поставија висок приоритет на доделување на грантови за самохрани мајки и ги насочија средствата за обнова на бизнисите каде голем дел од работниците се жени.
Можеби најважниот предизвик е едноставно да се обезбеди повеќе жени да имаат можност за одлучување во врска со намалување на ризикот и спасувањето. Еден од начините да се направи ова е лидерите на заедниците и властите да ја прифатат листата за проверка од 20 точки развиена од Канцеларијата на Обединетите нации за намалување на ризици од катастрофи, со која се идентификувани начините да се планираат дејствија при катастрофи со кои се посветува повеќе внимание на родот. Листата за проверка, исто така, ги охрабрува медиумите да известуваат за родовите разлики во ризикот од катастрофи и ранливоста.
Конечно, заедниците и органите за управување со катастрофи насекаде треба да усвојат стратегии за родова еднаквост во сите фази на планирање и одговор на катастрофи; неодамнешниот извештај објавен од Програмата за развој на Обединетите нации и „ОН Жени“ (UN Women) би можел да послужи како корисен практичен водич.
Иако катастрофите ја погодуваат целата заедница, жените често го носат поголемиот дел од товарот. Катастрофите ќе продолжат да дискриминираат, освен ако ние не го смениме начинот на кој реагираме на различните последици врз жените и мажите – како што луѓето од Балџуван можат самите да потврдат.
*Барати Садасивам е регионален советник за родови прашања за Развојната програма на Обединетите Нации за Источна Европа и Централна Азија.
**Блогот е објавен во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk. Оригиналната објава на македонски и албански јазик можете да ја прочитате ОВДЕ.
Copyright: Project Syndicate, 2018
www.project-syndicate.org