
Ангела Петкова
„Ало, здраво, служба за студентски прашања на Правен?“
„Здраво, да“.
„Кои документи требаат за уверение за завршени испити?“
„Уплатете 6.200 денари на сметката на факултетот, потврда дека не должите книги во библиотека, индексот и ќе ви дадеме тука да потпишете изјава“.
Понеделник е, некоја минута по пладне. Ги носам документите накај факултет, свиткани под мантил. Врне – истура. Со секој чекор на булеварот „Гоце Делчев“ влегувам во сѐ поголема маса студенти. Одеднаш, небото уште повеќе се склопува и секој го бара своето место под стреите на општествениот кампус на УКИМ. Околу мене слушам десетици гласови кои зборуваат истовремено.
„Сѐ уште не верувам, не сакам да верувам“, „Ништо не можам да правам од кога дознав“, „Како ќе живееме со ова?“, „Баш во саботата со Сара зборувавме до каде води корупцијата“, „И ова ќе се заборави“…
Дождот за кратко престана. Од сите страни се излегуваше надвор и дворот на општествен се преполни. Сега веќе јасно можеше да се видат илјадници студенти, собрани да се гушнат, да ја споделат неверицата и да го искажат револтот кон системот во кој живееме. Толку многу нѐ имаше, што од бината поставена пред Филолошки не можеше да се слушне ниту види ништо. Сѐ што слушавме до Правен беа вресоци за прва помош, за сок и благо.
„Има ли некој што знае прва помош?“, беше прашано повеќепати.
Во тие моменти, пишувајќи со колега кој го следеше настанот во живо на МИА, дознав дека на бина е качена госпоѓа министерка за образование и наука Весна Јаневска, доктор на медицина и специјалист по патологија. Првата помисла ми беше: „супер, има кој да помогне“. Но, повиците за прва помош не престануваа, а како што дознав подоцна, ниту говорот на докторката.
Само за момент, се слушна „уа“ од студентите кои беа во првите редови и следеа што се случува. Извиците на незадоволство од настанатата ситуација ги прекина Александар Николовски, претседателот на Универзитетското студентско собрание кој на студентите им се обрати од сцената: „Ве молам за тишина, собирот е да се искаже почит, а не да се протестира“.
Десетина минути подоцна, илјадници студенти беа принудени да направат простор за да помине делегацијата на чело со Јаневска и Николовски, тргнати да се потпишат во книгата за пораки оставена пред Правен.
Тоа беше најголемиот срам кој сум го доживеала, иако туѓ.
Поминаа 42 дена и уште размислувам како дојде до ова ниво, министерката да се качи на говорница и, како што напиша професорката Бужаровска, „со неодговорно рецитирање на поезија, на студентите (да) им порача дека треба да молчат, дека треба болката и гневот да ги закопаат во тишина“, на најтажниот ден за нашата генерација? Како дојдовме до ова дереџе лидерот на студентите да го цензурира и обезвредни студентскиот гнев?
Така што цела година молчиме пред тотално изместената слика за студентскиот живот која УСС ја шминка во јавноста. А молчиме затоа што повеќето немаат интерес да се ангажираат за решавање на бројните проблеми со кои се соочуваме. Затоа, стана нормално да имаш лебарки со студентската соба, професор да не дојде на предавање и испит, петти ден по ред да јадеш варени јајца за доручек, но и да го изгубиш животот.
Секогаш милувам како пример за ова да ја дадам Вибер групата на вдомените во „Гоце“, во која членуваат повеќе од илјада студенти. Кога имаат проблем кој трае извесно време, само двајца до тројца од нив го адресираат, а стотици им ги лајкнуваат пораките. Значи, иако истото им пречи на многумина, тие не веруваат дека нивниот глас може нешто да промени и одбираат јавен молк. Велам јавен, затоа што во своите кругови зборуваат и се жалат. Нека ми простат ако ситуацијата е променета, така беше со години, до скоро.
Поради оваа неактивност, тие во јавноста не се само претставувани од еден човек, но и поистоветувани со него: „Студентите на средба со министерката“. Ова е исто како сите граѓани на Македонија да ги поистоветиме со пратениците во Собранието. А, Николовски со, ќе го цитирам: „некој си батко политичар или некој што се уфилмал дека е лидер на цела држава“, или, упс, на сите студенти.
View this post on Instagram
***
Ден е по 17 ноември – Меѓународниот ден на студентите. УСС УКИМ заедно со Младинскиот образовен форум и Регионалната канцеларија за младинска соработка организира „Регионална станица студентска“ на Правниот факултет. Ја следам панел дискусијата на која зборуваат поранешните и сегашниот претседател на УСС, кое со настанот ја одбележа и својата пет годишнина од постоењето.
Претходниците зборуваат за интергенерациската студентска борба во Македонија и трнливиот и бавен пат до претставничко тело. Раскажуваат и за тешкотиите со кои се справувале за време на нивните мандати, како короната, неискуството, апатијата на студентите и мешањето на политичките партии. И секако, го фалат телото за заложбите, иницијативите и „културата на која треба да се огледаат повисоките функционери“.
Во УСС членуваат околу 140 студенти и дополнително има 23 факултетски студентски собранија, а нивната платформа на Инстаграм е трет најследен профил на студентско легално тело во светот. Оставени се контакти и не се вмешани партиски интереси во делот на студентското организирање, туку дадена им е шанса ним како млади лидери да делуваат, изјавува сегашниот претседател.
„Затоа што, многу е важно нашиот личен мотив за правење промена да не биде срушен поради интерес на некој си батко политичар или некој што се уфилмал дека е лидер на цела држава. Најбитно е тој да воспостави комуникација со нас и да нѐ поддржи, затоа што таа сила која потоа ќе се создаде ќе биде од бенефит за целото општество. Како млади дечки, но и оние кои земаат улога на политичари, да не се водат од личните интереси, туку од општествените, затоа што така обединети можеме повеќе да постигнеме. Упатувам порака до претставниците на Владата да не ја срушат оваа позитивна енергија што е сега создадена затоа што главниот губитник ќе бидат тие. Тие ќе останат во државата, а ние ќе си заминеме“, истакнува Николовски.
Веќе утредента, на свеченост во „Лабораториум“ по истиот повод, лидерот на државата Христијан Мицкоски „возвраќа“ со „две ‘главни’ пораки до студентите – со првата им кажа дека ‘колку е посилно и помоќно образованието, толку посилна и помоќна ќе биде и државата’. Со втората, пак, им одржа своевидна лекција за ‘брачна заедница помеѓу сопруг-маж и сопруга-жена’ и им порача да не бегаат од таа ‘обврска’“. А, меѓудругите ветувања, ветува и „големи промени“ за студентскиот стандард.
***
И додека едниот ветуваше, а другиот веруваше, опкружен со позитивна енергија и благодарен за политичката волја да се решаваат проблемите, давачките на УКИМ енормно се зголемија. Летото, колешка ми за уверението за завршени испити уплатила 4.700 денари. Документот за само неколку месеци поскапел 1.500 денари. Во септември, трошоците при запишување семестар поскапеа за 2.000 денари. Образложението на универзитетот беше дека ги „усогласува давачките“.
Од јануари пак, сумата за материјални трошоци се искачи на 3.500 денари. Форумот за образовни промени пресмета дека една академска година на додипломски студии на УКИМ, за редовните студенти, достигнува сума блиска до 500 евра. За магистерски и докторски, според моите паушални пресметки – еден бубрег.
„ФОП е згрозен од фактот што еден недоволно развиен универзитет, според сите мерења, без функционални услови за студирање, а уште помалку за одржување практична настава, како што е УКИМ, поради неспособноста да генерира финансиски средства, носи одлуки кои го оптоваруваат џебот на студентите и се однесува како да е универзитет од светски ранг“, реагираше младинската организација тогаш.
Објаснувањето овојпат беше дека парите се наменети за користење материјали за практична настава. Ова од ФОП го оценија како „класична измама од страна на ситни џепароши“.
УСС реагираше за зголемените трошоци и истакна дека тие според закон треба да се обезбедат од Буџетот, но по разговор со авторитетите, оттаму се убедија дека нема кој друг да плати.
Кога ги гледам нивните реклами за УКИМ и оние за „подигање на студентскиот стандард“, не можам да поверувам дека сме го посетувале истиот универзитет во исто време, ниту пак дека живееме во истата држава. Некој е во делузија, си велам. Веројатно јас, сигурно перспективата од фотеља во ректорат е поточна од мојата.
Изгледа во истата делузија како мене се и други студенти, кои веќе се организираа во Студентско пленумско движење. Тие во петокот повикаа на 63-минутен молк пред Основниот кривичен суд, а одзивот беше значително мал. Со тоа, се покажа колку студенти навистина се солидаризираат со загинатите, повредените и нивните семејства.

Фото: Радио МОФ
Додека колегите во Србија испишуваат историја веќе пола година борејќи се против корупцијата, ние ја поддржуваме. Изолирани, седиме дома со скрстени раце и ги броиме жртвите од нашата генерација, како и деновите додека да го фатиме патот одовде. Македонија никогаш и не била наша, таа е на олигарсите, па од борба сме откажани уште пред да ја почнеме. Скичмени, климаме глава пред авторитетите кои не гледаат подалеку од сопствените интереси. Не нѐ креваат ниту лелеците на шеесет и две мајки, ниту на цел еден град. Иако оддамна сум свесна за опортунизмот кој владее меѓу студентите, дел од мене и натаму се надева дека ова не сме вистинските ние. Дека можеме подобро. Дека општото добро сè уште може да се искачи над себичноста. Но, како минуваат деновите, а агендите продолжуваат да течат, сѐ поцврсто верувам дека на мнозинството му годи да живее во ваков систем. Се чини, сите сме чаци – никој не скока.
Сепак, наивно верувам, овие дваесетина студенти наредниот собир ќе станат двеста. Потоа две илјади. Па дваесет и две илјади. И така сѐ додека сите не бидат едно.
Ангела Петкова, новинарка и (свежо) дипломирана студентка на Односи со јавност при Правниот факултет „Јустинијан Први“
*Мислењата изнесени во рубриката „Став“ се на авторот и ненужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на Радио МОФ