Крајно време е да се врати пристојното однесување во јавниот простор.
Македонската јавност, заедно со политичарите од сите партии често јавно искажуваат навреди и клевети кон оние со спротивставени ставови на нивните. Ако македонското граѓанство говорот на омраза, навредите и омаловажувањето ги ставиле на ниво на национален спорт, политичарите се наоѓаат во нешто поразлична ситуација.
Како народни избраници, без разлика дали се пратеници во Собранието или имаат други функции, тие сè помалку се контролираат што изјавуваат во јавност, пред камерите, на собраниските говорници и на социјалните мрежи.
Нивото на јавна коресподенција е толку ниско што се’ помалку се оние кои осудуваат насилство, насилен и вулгарен говор, а се повеќе се оние кои тоа го поддржуваат како израз на снага, доминација, а напати и на „машкост“.
Еден од последните испади на народните претставници е вулгарниот статус/коментар на социјалната мрежа Фејсбук на пратеникот и претседател на партијата Левица, Димитар Апасиев кон претседателот на државата Стево Пендаровски. Во овој случај, пратеникот Апасиев јавно го пцуе претседателот, што излегува вон сите рамки на пристојно однесување на народен избраник и е злоупотреба на поимот слобода на изразување.
Пратеникот Апасиев е одамна познат по користењето на вулгарен речник што очигледно кај дел од гласачкото тело има ефект, но за жал тоа е индикација за ниско ниво на свесност и зрелост на целокупното општество. Од друга страна, самата реакција на претседателот Пендаровски не беше „на место“ со оглед на тоа што тој ја има највисоката државна функција а си дозволува со сличен речник да коментира вулгарности насочени кон Апасиев.
Границата меѓу слободата на изразување и пристојноста на говорот
Слободата на изразување во Македонија е загарантирана со Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета кој е во релација со ЕКЧП (Европска конвенција за човекови права) и МПГПП (Меѓународен пакт за граѓански и човекови права). Иако според овие меѓународни стандарди слободата на говор е неприкосновена, постојат граници на изразување кои ако се преминат, се причина за преземање на правни мерки.
Според МПГПП, ограничувањето на слободата на изразување треба да се случи поради следните причини: за почитување на правата и угледот на другите лица и за заштита на националната безбедност, јавниот поредок, јавното здравје или моралот.
Ако нашиот Закон за граѓанска одговорност за навреда и клевета гарантира слобода на изразување и пристап до информации на јавноста, сепак има одредници каде навредата и клеветата се оставени да се регулираат преку граѓански тужби. Од друга страна, постои теорија дека сите јавни личности со тоа што се јавни се подложни на јавни коментари, дури и осуди и навреди, но дека прагот за политичарите е уште поголем.
Тие треба да трпат навреди и клевети поради нивните јавни функции. Во Франција укинато е делото навреда на шеф на држава, додека во Србија, Црна Гора и Романија навредата и клеветата се декриминализирани. Од друга страна, во Украина предметите за навреда и клевета се разгледуваат и по нив се одлучува во граѓанска постапка.
Корисниот и позитивен момент во заштита на слободата на изразување е што сепак навредата и клеветата не се ставени во категорија на кривично дело, но сепак за злоупотреба на гарантираното право треба да се сноси одговорност. Свесни сме дека со самото преземање на јавна функција, посебно ако тоа е поврзано со водење на државните политики, една личност се изложува на јавни критики, поддршка или осуда.
Сепак, таа личност не треба да служи како боксерска вреќа на секој незадоволен поединец.
Кој што требаше и како требаше да направи?
Говорот на пратеникот Димитар Апасиев е комплетно за осуда и треба да се стави крај на таквото однесување и злоупотреба на слободата на изразување. Тој вид на комуникација е шамар за граѓаните на Македонија, а неговото однесување е индикација за отсуство на лидерска визија.
Од друга страна, претседателот Пендаровски не требаше воопшто да реагира и јавно да изнесува еднакво вулгарни навреди. Тој е свесен дека неговата функција носи таква изложеност, и не му доликува ниту како личност, ниту како носител на претседателска функција да коментира секакви „улични“ испади на политичари. Со таквите реакции се поттикнува само нов говор на омраза, а се дава и лош пример на граѓаните.
Дополнително, неприфатливо е и заземањето на страни на дел од медиумите. Тие треба да известуваат професионално и непристрасно, а не самите да се впуштаат во непристоен дискурс во јавниот простор.
Личните навреди и клевети можат да се регулираат преку граѓанска тужба која е предвидена во нашиот правен систем и сето ова можеше да помине без дигање на медиумска прашина. Наше е од сега па натаму се’ повеќе да осудуваме навреди, пцости и клевети изразени во јавниот простор, посебно од страна на политичарите и јавните личности.
Крајно време е да се врати пристојното однесување во јавниот простор.
*Соња Стојадиновиќ е родена во 1979 година во Велес. Таа е дипломиран политиколог на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, кадешто магистрирала на отсекот Меѓународна политика на тема „Ненасилната борба во политиката: фактори за успех и неуспех“. Работи како фриленс автор за хрватските регионални портали Lupiga и Bilten и е активист на левичарското движење Солидарност.
**Текстот е изработен во соработка со Мрежата за разновидност 2.0.
***Блогот е објавен во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk. Оригиналната објава можете да ја прочитате ОВДЕ.