Да ги споменеме и другите големи глобални предизвици: големите опасности од еколошка катастрофа; зголемувањето на нееднаквоста во нашите општества; и напливот на нови технологии кои можат да го нарушат светот доколку истите не бидат соодветно користени и контролирани.
Ја започнувам оваа нова серија на колумни во новата година и со нов почеток за Бразил преку инаугурацијата на претседателот Лула да Силва. Неговите добронамерници излегоа на улиците низ целата земја и беа оживување на надежта за Бразил по четиригодишното катастрофално владеење на неговиот десничарски претходник Жаир Болсонаро кој, во пресрет на инаугурацијата на Лула, побегна од Бразил на Флорида. Болсонаро остави зад себе толпа која дивееше низ државните објекти пред да биде уапсена, и тоа во голем број, од страна на полицијата.
Тактиката на толпата нема да го спречи претседателот Лула, ниту ќе има долгорочно влијание врз САД, каде што беа оневозможени сличните активности на Доналд Трамп, кои беа организирани на 6 јануари 2021 година. И во двата случаи, политичарите демагози ги користеа социјалните мрежи за да разбудат толпа, а исто така во двата случаи толпата беше „задушена“ во еден ден.
Вистинското прашање, според мене, не е толпата, туку посуштинските промени во светот кои генерираат растечки тензии во светската политика и економија. Длабоките промени не можат и нема да бидат спречени од толпи. Вистинскиот предизвик е да ги разбереме овие суштински промени за да можеме да управуваме со нив за општото добро. Токму таквото разбирање е целта на пишувањето на моите колумни во иднина.
Најголемите превирања се од геополитичка природа. Ние веќе не живееме во свет во кој водечката улога ја имаат САД, ниту пак во свет кој е поделен меѓу САД и нивниот ривал Кина. Ние сме веќе дел од еден мултиполарен свет, во кој секој регион си има свои проблеми а и своја улога во глобалната политика. Ниту една земја и ниту еден регион повеќе не може да ја одреди судбината на другите. Станува збор за сложена и „бучна“ средина, при што ниту една земја, регион или сојуз не се во можност да влијаат на останатите.
Една од причините зошто враќањето на Лула да Силва на претседателската функција е толку значајно е фактот што Бразил ќе биде клучен регионален и глобален актер во годините што следат. Лула да Силва тесно ќе соработува со прогресивните претседатели во Чиле, Колумбија, Аргентина и во други места од Јужна Америка. Бразил, исто така, ќе претседава со Г20 во 2024 година, што е дел од четиригодишниот период во кој големите економии во развој претседаваат со Г20 (Индонезија во 2022 година, Индија во 2023 година и Јужна Африка во 2025 година).
Управувањето со мултиполарен свет е исполнето со тешкотии. Итно ни е потребно повеќе дијалог со другите земји и притоа е неопходно да излеземе од рамките на едноставната пропаганда која ја пласираат нашите сопствени држави. Тука, во западните земји, секојдневно сме бомбардирани со смешни официјални наративи од кои повеќето потекнуваат од Вашингтон: дека Русија е олицетворение на чисто зло, дека Кина е најголемата закана за светот и дека само НАТО може да нè спаси.
Овие наивни приказни кои се бесконечен наратив на американскиот Стејт департмент, се голема пречка за решавањето на глобалните проблеми. Тие нè заробуваат во лажни размислувања, па дури и во војни што никогаш не требало да се случат и кои морало да завршат со преговори наместо со ескалација. Кога ќе ја прифатиме реалноста на постоење на мултиполарен свет, ние конечно ќе можеме да ги решиме проблемите што досега не успеавме да ги дофатиме.
Прво, ќе разбереме дека воените сојузи како што е НАТО не даваат одговори на вистинските предизвици со кои се соочуваме. Воените сојузи се, всушност, опасен анахронизам, а не вистински извор на национална или регионална безбедност. На крајот на краиштата, обидот на САД да го прошири НАТО во Грузија и Украина доведе до војните во Грузија (во 2010 година) и во Украина (2014 до денес). Ниту бомбардирањето на НАТО на Белград во 1999 година, или петнаесетгодишната неуспешна мисија во Авганистан, или бомбардирањето на Либија во 2011 година, не постигнаа некакви реални цели.
Кина исто така не е онаа сериозна закана како што денес се прикажува како таква во западните земји. САД се преправаат дека сè уште живееме во свет кој е предводен од САД и дека Кина е опасен претендент кој мора да биде запрен. Но, реалноста е поинаква. Кина е древна цивилизација со 1,4 милијарди луѓе (речиси секој петти човек во светот) која исто така има за цел висок животен стандард и технолошка извонредност. Ние ќе успееме да ги решиме нашите глобални проблеми не преку залуден обид да ја „задржиме“ Кина, туку со тргување, соработка и преку економски натпревар со Кина.
Да ги споменеме и другите големи глобални предизвици: големите опасности од еколошка катастрофа; зголемувањето на нееднаквоста во нашите општества; и напливот на нови технологии кои можат да го нарушат светот доколку истите не бидат соодветно користени и контролирани.
Бразил е епицентарот на еколошкиот предизвик. Дали е можно да се спаси Амазон во кој се наоѓаат половина од сите дождовни шуми во светот? Лула да Силва дојде на власт со ветување дека ќе го направи токму тоа. Тој ги освои гласовите на сојузните бразилски држави од регионот на Амазон. На глобално ниво, Европа е предводник кога станува збор за животната средина, и тоа преку Европскиот зелен договор. Главната геополитичка можност на Европа е да ги поттикне другите региони, вклучително и Африканската Унија, Кина, Индија, Америка и другите, да донесат свои зелени договори. Тоа ќе биде многу подобра задача за Европа отколку проширување на НАТО, водењето бескрајна војна во Украина или соочувањето со Кина.
Бразил е исто така епицентар на нееднаквост – во него имаме највисок степен на нееднаквост во светски рамки. Таквата нееднаквост првично е создадена поради европскиот империјализам кој ги потисна домородните народи и пороби милиони Африканци. Нивните потомци и понатаму ја плаќаат цената за тоа. Лула да Силва повикува на социјална правда, а тоа е исто така и наш глобален повик, по изминати векови со расна и социјална неправда.
Бразил, исто така, може да биде епицентар на новите технологии, на пример, лидер во новата биоекономија во која чудата на биолошката разновидност на Амазон и Бразил повеќе не се уништуваат за повеќе сточарски ранчеви, туку за производство на нови лекови кои спасуваат животи, за прехранбени производи (како што е асаи кој сега го има низ целиот свет) или напредни биогорива за целите на зелен авиотранспорт.
Технолошките промени се можеби најтемелниот двигател на глобалните промени. Нас ни се потребни новите технологии за да можеме се соочиме со кризата на климатски промени, со гладот, образованието и здравствената заштита. Сепак, ние ги трпиме последиците од новите дигитални технологии во случаи кога истите се злоупотребуваат, како на пример за мобилизирањето толпи или беспилотни летала или дронови за убивање во Украина. Можно е исто така и вирусот што предизвикува Ковид-19 да бил создаден од напредна технологија (сè уште не знаеме дали е така). Секојдневно се соочуваме со попречувања и нееднаквости кои се предизвикани од вештачката интелигенција, роботиката и брзото менување на работните места.
Спојувањето на глобалните промени, нарушувањата и опасностите е на зачудувачки големо ниво. Решенијата се во разбирањето, соработката и решавањето на проблемите. Целта на оваа колумна, во месеците што следат, ќе биде подоброто разбирање на економијата на новиот свет.